АНАЛИЗА: Ковид-19 „удри“ и на кредитирањето – каматите во пад, граѓаните воздржани!

Во вториот економски квартал, кога здравствената криза кулминираше,  симптомите на Ковид-19 се „појавија“ и  во банкарскиот сектор – забавено кредитирање и на граѓаните и на фирмите. Според оценките на банкарите, иако каматите на кредитите за приватниот сектор  се намалиле – побарувачката за кредити не била мотивирана, како што се очекувало, пишува новата економска анализа на Порталб.мк

 

Пишува: Анета Додевска

 

КРЕДИТНА ЗАДОЛЖЕНОСТ НА ГРАЃАНИТЕ И НА ФИРМИТЕ   

Првото банкарско полугодие финишираше со раст и на кредитирањето и на штедењето – но не со стапки и динамика која ја очекуваа банкарите. Во јуни испливаа на површина и првите симптоми на Ковид-19 во банкарскиот сектор – воздржана побарувачка на кредити од страна на граѓаните и на фирмите. Заклучно со јуни, вкупните кредити се со износ од 5 милијарди и 735 милиони евра, што на месечно ниво е пораст од само 1,4 %, додека на годишно ниво растот на кредитирањето изнесува 6,6%.

Банкарите оценуваат дека очекувале поголеми стапки на кредитен раст, особено што во изминатиот период биле олеснети одредени услови за кредитирање, со акцент на каматите.

Нето-намалувањето на побарувачката на кредити од страна на претпријатијата,  во вториот квартал,  е спротивно од очекувањата на банките од претходната анкета за нето-зголемување на побарувачката. Во второто тримесечје на 2020 година, одговорите на банките укажуваат на значително нето-намалување на побарувачката на вкупните кредити на секторот „домаќинства“, наспроти малото нето-зголемување во претходната анкета. Имено, околу 58% од банките укажале на значително намалување на кредитната побарувачката, наспроти претходната анкета кога ниту една банка не се изјаснила на овој начин – оценуваат банкарите во најновата Анекта за кредитна активност што ја спроведе Народната Банка.

Според сумираните податоци за првото економско полугодие, домаќинствата по основ на кредити должеле 2 милијарди и 900 милиони евра, со раст во однос на мај за 1,3%. Граѓаните и натаму најмногу должат по основ на потрошувачки кредити, по што следуваат станбените кредити и кредитните картички.

Кредити на домаќинства

  • Потрошувачки кредити                       1.544.000.000 евра
  • Станбени кредити                                   885.000.000 евра
  • Кредитни картички                                  187.000.000 евра

Автомобилските кредити и натаму бележат месечен и годишен пад од 1,3% и 8,6%, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички и негативните салда на тековните сметки на месечно ниво се зголемени за 0,2% и 1,3%“ – соопштија од НБМ.

Кредитирање јуни 2020

  • Вкупни кредити                                            5.735.000.000 евра
  • Домаќинства                                                 2.900.000.000 евра
  • Фирми                                                            2.835.000.000 евра

Корпоративниот сектор, пак, на крајот од јуни во банките бил задолжен со скоро  2 милијарди и 835 милиони евра, што во однос на мај претставува пораст за 1,5%.  Како причини за забавеното кредитирање, банкарите ја наведуваат Ковид-19 кризата.

Се забележува значително зголемување на согледувањето за ризик од страна на банките. Ова може да се објасни со тоа што Анкетата беше спроведена во период кога негативните ефекти од брзото ширење на вирусната инфекција ковид-19 врз домашната економија беа најизразени. Имено, трите фактори од оваа група: очекувања за вкупната економска активност, очекувања за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието како и ризик од неизвршување на обезбедувањето придонесуваат за нето-заострување на кредитните услови, наспроти нето-олеснувањето во претходната анкета – соопштуваат од НБМ.

Дел од банкарите очекуваат стабилизирање во третиот економски квартал – зголемување на кредитирањето односно  зголемена побарувачка за кредити.

За третото тримесечје, банките очекуваат нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата. Во третиот квартал, банките очекуваат нормализирање на побарувачката за кредити од страна на домаќинствата, при што се очекува нејзино нето зголемување – оценуваат банкарите.

Во септември завршува „мораториумот“ за исплата на рати на кредити. Дури 70% од граѓаните – должници ја искористија мерката за замрзнување на ратите, а веќе од деветтот месец тие ќе мора да продолжат со редовна исплата а дополнително ќе треба да ја плаќаат и каматата за ратите кои досега беа под „мраз“. Засега, нема најава за можно ново пролонгирање на ратите. Дел од банкарите со кои се консултиравме велат дека по септември не е исклучено дека ќе расте салдото на нефункционални кредити.

Според сегашните податоци, заклучно со јуни, сомнителните и спорни побарувања изнесувале 261 милиони евра.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција