АНАЛИЗА: Се ближат новогодишните празници – дали замрзнатите цени на храната ќе ја „одмрзнат“ трпезата!

Фото: portalb.mk

Цените на основните прехранбени производи „замрзнаа“, но оваа мерка засега е со важност до крајот на јануари. Економистите велат дека привремено стандардот ќе се заштити, но мерката може да има и контраефект, пишува „Порталб“. Домашните и странските прогнози упатуваат на тоа дека ценовниот раст ќе се прелее и на следната година. Оваа економска година, дел од производите достигнаа ценовен пик.

Цените на основните прехранбени производи „замрзнаа“, но оваа мерка засега е со важност до крајот на јануари. Економистите велат дека привремено стандардот ќе се заштити, но мерката може да има и контраефект, пишува „Порталб“. Домашните и странските прогнози упатуваат на тоа дека ценовниот раст ќе се прелее и на следната година. Оваа економска година, дел од производите достигнаа ценовен пик.

 

Празнично, потрошувачката ќе се зголеми, но граѓаните сепак ќе го „бројат“ секој денар

Она што се случува во европски и во светски рамки, веќе сериозно се чувствува и кај нас – пораст на цените на прехранбените производи и на горивата. Владата ги замрзна цените на основните прехранбени производи, но дали мерката е навреме донесена и дали ќе помогне барем да се преброди најдолгиот месец во годината – јануари? Граѓаните речиси со ист став – добро е што цените се замрзнаа, ама откако дел од производите значајно поскапеа.

Еве се ближат новогодишните празници. Рафтовите се полни со производи, ама сè е поскапено. Добро е што се замрзнаа цените на зејтинот, брашното, шеќерот, ама тоа се случи откако цените скокнаа, вели скопјанката Снежана К.

 

Имале – немале, за празниците мора да потрошиме некој денар повеќе. Деновиве очекувам цените да се зголемат и на зелените пазари, тоа се случува секоја година, ама годинава веќе поскапеа и други производи и не знам колку можеме да си дозволиме богата празнична трпеза, вели Благој М. од Скопје.

Официјалната статистика го потврди она што го велат граѓаните – цените на храната во третиот квартал на 2021 година остварија годишен раст од 3,6 отсто.

Ги прашавме и производителите – зошто се зголемуваат цените на зеленчукот и на овошјето на зелените пазари?

Цел ден сме на пазар. Луѓето прашуваат за цени, купуваат во мали количини, прометот ни е намален. Што да правиме – и нашите трошоци се зголемени, за семиња, за вода, за бензин, нафта. Стана многу тешко, вели производител на зеленчук од едно од скопските села.

Она што го велат земјоделците, го потврди и статистиката. Индексот на влезните цени во земјоделството во ноември годинава во споредба со истиот месец лани е зголемен за скоро 15 отсто. Раст има кај цените за енергија, горива за дури 32,9 отсто, индексот на влезните цени на ѓубривата е зголемен за 12,4 отсто, а на добиточната храна за 9,2 отсто. Овој тренд кај влезните трошоци очекувано го зголеми и индексот на излезните цени во земјоделството – само кај компирот, на пример, индексот на цената е зголемен за 42,1 отсто, а пораст на страната на аутпутот има и кај овошјето за 7,6 отсто и кај житата и оризот за 11,7 отсто.

 

Ценовно цунами – на годишно ниво нафтата поскапена за 69,5 отсто, а храната, металите, суровините за 27,6 отсто!

По неколкуте намалувања на цените на горивата во земјава, повторно следуваше поскапување – кај бензините за дури 2 денари по литар, а кај дизелот за 1,5 денари. Цената на нафтата на светските берзи годинава беше во постојан раст – на крајот од третиот квартал е регистриран ценовен скок на годишно ниво дури за 69,5 отсто. Зошто овој енергенс драматично поскапи?

Растот на цената на нафтата е одраз на намаленото ниво на залихи на нафта во САД, при истовремен силен раст на побарувачката на нафта главно поткрепен од поголемата глобална економска активност во услови на намалени рестриктивни мерки во светски рамки. Гледано на годишна основа, цената на нафтата забележа значителен раст од 69,5 отсто, што во најголем дел се должи на ниската основа од претходната година, наведуваат од Народната банка во новиот ноемвриски извештај.

Според домашната статистика, во ноември годинава во споредба со истиот месец лани, трошоците на живот за течни горива се зголемиле за 34,3 отсто. Не само за горивата – драматичен пораст на трошоците на живот од 38,2 отсто има и за гасот. Ценовното цунами ги зафати и другите производи – метали, земјоделски суровини, храна – на светските берзи особено се вивнаа цените на месото и на шеќерот.

Индексот на цените на храната забележа раст од 1,5 отсто, што во најголема мера беше резултат на растот на цените на месото и шеќерот. Кај шеќерот, растот на цената во најголема мера е резултат на загриженоста на инвеститорите околу влијанието на лошите временски услови во Бразил, најголемиот производител на шеќер во светот, додека растот на цената на месото се должи на зголемената побарувачка од Азија, при намалена понуда, наведуваат од НБМ.

Според домашните и светските економисти, следната година се очекува забавување на инфлацијата – но ризиците остануваат и движењата ќе зависат од повеќе фактори.

Поголемиот дел од домашните и меѓународните институции очекуваат умерено забрзување на стапката на инфлација во тековната година и постепено стабилизирање во наредните две години. Во споредба со претходните проекции, тие се малку повисоки, пред сѐ поради фактори на страната на понудата и продолжениот притисок од цените на примарните производи, при очекувања за натамошно закрепнување на економската активност, како во глобални рамки, така и во домашната економија,  наведуваат од НБМ.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција