Арсовска се премисли, сепак ќе гради брз автобуски превоз, ама по нејзина „мерка“

Фото: Принтскрин Радио Слободна Европа

Изјавата на скопската градоначалничка Арсовска во која вели дека никогаш не се откажала од проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ),  е невистинита, а истовремено и недоследна во однос на нејзините првични ставови за ова прашање. Арсовска набрзо по доаѓањето на градоначалничката функција категорично кажа дека нема намера да го имплементира проектот за изградба на автобуско метро – БРТ системот, започнат од нејзиниот претходник Петре Шилегов, бидејќи не го ветила во кампањата. Парите за БРТ стојат нечепнати, па поради тоа од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира. Фактички, државата толку ја чини инаетот на Арасовска која не ги користи парите од кредитот, односно не го гради автобуското метро во Скопје

Изјавата на скопската градоначалничка Арсовска во која вели дека никогаш не се откажала од проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ),  е невистинита, а истовремено и недоследна во однос на нејзините првични ставови за ова прашање. Арсовска набрзо по доаѓањето на градоначалничката функција категорично кажа дека нема намера да го имплементира проектот за изградба на автобуско метро – БРТ системот, започнат од нејзиниот претходник Петре Шилегов, бидејќи не го ветила во кампањата. Парите за БРТ стојат нечепнати, па поради тоа од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира. Фактички, државата толку ја чини инаетот на Арасовска која не ги користи парите од кредитот, односно не го гради автобуското метро во Скопје

 

 

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска  деновиве во интервју за Радио Слободна Европа, говорејќи за состојбата со јавниот превоз ја искажа следната невистина. На забелешката на новинарката дека:

Проектот БРТ беше најавен како системско решение со веќе одобрени пари за него. Вие се откажавте од тој план

Арсовска одговори:

Не, апсолутно не. Во ниту еден момент не сум кажала дека сум се откажала од тој план (проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ) н.з.).

 

 [Извор: Радио Слободна Европа, интервју на Данела Арсовска (од 4,40 – 4,55 минута од видеото); – датум:12.02.2023]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на скопската градоначалничка Данела Арсовска во која вели дека никогаш не се откажала од проектот за брз автобуски превоз – „Бас рапид транзит“ (БРТ), е невистинита, а истовремено и недоследна во однос на нејзините првични ставови за ова прашање.

Арсовска набрзо по доаѓањето на градоначалничката функција во Скопје категорично кажа дека нема намера да го имплементира проектот за изградба на автобуско метро или Бас рапид транзит системот (БРТ), започнат од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Таа тогаш образложи дека граѓаните не дале поддршка на вој проект, туку ја избрале нејзината програма во која ветуваше бесплатен автобуски превоз со 250 нови автобуси.

Јас БРТ не ветив, јас ветив брз навремен и бесплатен превоз и 250 автобуси. БРТ беше на претходниот градоначалник, којшто не беше одбран, што би значело дека граѓаните не го одбраа овој проект. Јас ќе се фокусирам само за она за кое скопјани ми дале мандат, кажа таа  во почетокот на ноември 2021 година, на првата средба со новинарите  по преземањето на функцијата.

Дека нема намера да го спроведе овој проект, за кој инаку,  веќе се обезбедени средства преку заемот од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР),  Арсовска  повтори и еден месец подоцна (декември 2021 година)  нагласувајќи дека иако проектот БРТ во јавноста бил претставен како револуционерен, тој воопшто не бил таков.

Од она што тука го видовме како документација за БРТ, а кое беше претставено како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно туку е и на штета на граѓаните. За БРТ превозот нема одлука од Советот на Град Скопје, а одлука треба за се што има импликации врз градот, пред се, импликации во однос на тоа како ќе се развива градот, а не само финансиски. Овој проект ќе има големи импликации по животната средина, по главното водоснабдување во градот, меѓутоа ќе има и огромни финансиски импликации врз градот…. – кажа Арсовска на брифингот со новинарите во декември 2021 година.

Вака говореше Арсовска кога дојде на градоначалничката функција, но денес вели дека во ниту еден момент не кажала дека се откажала од тој план“ (?!).  

Таа во интервјуто за Радио Слободна Европа  уште додава дека Градот сериозно работи на ревизија на проектот и најавува негова реализација. (од 5.00 до 6,10 минута од видеото)

Се ревидира планот, затоа што имаше голем дел на недостатоци кои ги детектиравме, имајќи предвид дека и пред очите на јавноста беа истакнувани голем дел број на забелешки, не само за трасата туку и на начинот на кој ќе се имплементира, нешто кое ние го преговаравме доста време, и она коешто сакаме да го понудиме е најдоброто решение за градот.

Прашана: Кога ќе го стартувате тој проект, ако велите не се откажувате, се ревидира и ќе биде спроведен, кога ќе почнете?“, Арсовска вели:

Се ревидира… Па, еве веќе сме на почеток, ако можам така да кажам. Се движат работите доста забрзано, дел од работите што требаше да се елиминираат како ризици се елиминирани, и гледаме на тоа да најдобрата можна варијанта од она што треба да се имплементира, да биде практично она што ќе се реализира во интерес на граѓаните.

Ваквиот став на Арсовска е спротивен на она што самата го кажуваше на почетокот на нејзиниот градоначалнички мандат, кога велеше дека нема да го спроведе проектот за брз автобуски превоз, бидејќи таа во кампањата не го ветила, туку ветила набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен превоз за сите граѓани… Така што, нејзината изјава дека никогаш не се откажала од проектот за брз автобуски превоз – „Бас рапид транзит“ (БРТ) ја оценуваме како невистина.

 

Што предвидува проектот БРТ?

Во април 2021 година  тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и претставникот на Европската банка за обнова и развој го потпишаа Договорот за „Брзи автобуси“ во Скопје ( Бас Рапид Транзит превоз), во износ од 70 милиони евра.

Од питпишувањето на Договорот за БРТ во април 2021 Фото: skopje.gov.mk

Со проектот требаше да се воспостават две линии со коридори резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. За трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче долга 12,80 километри во една насока, се предвидени 21 станица, два терминала – постоечкиот во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што требаше  да биде изграден нов терминал.  Шилегов тогаш најави дека најдоцна до крајот на 2024 година во Скопје ќе треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија од „трамвајот на тркала“ ќе се пушти во употреба во 2025 година.

Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно. Со имплементацијата на БРТ, се очекуваше времето на патување со јавниот превоз во Скопје од сегашните 70 минути, да се преполови на 35 минути.

 

Предвидените траси за двете линии на брз автобуски превоз во Скопје.Фото: skopje.gov.mk

Во јули 2021 година Град Скопје  имаше и  презентација на системот за брз автобуски превоз во Скопје, што се одржа во хотелот „Хилтон“, на која тогашниот градоначалникот Шилегов, кажа дека воведувањето на БРТ системот во Скопје е еден исклучително важен и голем историски чекор  во урбаниот развој на градот и дека тој е горд што:

Градот Скопје почнува нова историја во јавниот транспорт кој ќе гарантира позитивно влијание во заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на воздухот.

Помошник директорот на ЕБОР, Ијан Џенингс кој, исто така, говореше на презентацијата, рече дека се радува:

На соработката при воведувањето на БРТ во Скопје кој е еколошки проект, пристапен за сите граѓани. Ваков проект кој ќе го трансформира превозот во Скопје бара голема посветеност и соработка

На 28 октомври 2021 година, три дена пред одржувањето на вториот круг од локалните избори во Скопје, Шилегов објави дека е распишан тендерот за изградба на брзиот автобуски систем – БРТ.

На 14 на декември 2021 година заврши првата фаза од тендерската постапка за изградба на првата линија од брзиот автобуски превоз – БРТ од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Тендерската постапка којашто беше објавена на веб-страницата на ЕБОР предвидуваше заинтересираните компании за учество на тендерот до Градот Скопје да ги достават своите претквалификациски понуди. Но, наредниот ден,на 15 декември 2021 година, од Градот Скопје  информираа дека тендерската постапка е стопирана и поради тоа не биле пристигнати понуди од заинтересирани компании за учество во изградбата на проектот.

Од Министерството за транспорт и врски во август минатата година за Мета информираа дека Градот Скопје одбил да го реализира  БРТ проектот, од нејасни причини, без да образложи зошто одбива да воведе нов транспортен систем со кој ќе се намалеа гужвите низ градот.

Средствата предвидени во буџетот на Министерството за транспорт и врски се повлечени со ребалансот на буџетот кој пратениците го изгласаа во Собранието. Сè уште нејасно е зошто Град Скопје одби неповратни средства од 70 милиони евра од Владата за проект кој ќе значеше брз, безбеден и поекономичен транспортен систем за Скопјани, велат од Министерството за транспорт и врски.

Во меѓувреме  од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира. Фактички, државата толку ја чини инаетот на градоначалничката Арасовска која не ги користи парите од кредитот за воведување Бас рапид транзит систем (БРТ), односно не го гради автобуското метро во Скопје.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција