Авганистанските разбојници не се поврзани со групата која слета на аеродромот во Скопје
Авганистанските државјани кои се товарат за разбојништво, не слетале со авион во земјава како што се тврди во постот кој го рецензираме. Тие се илегални мигранти кои влегле во земјава од Грција и на ниеден начин не се поврзани со групата на која и беше овозможена хуманитарна помош од страна на државава
Авганистанските државјани кои се товарат за разбојништво, не слетале со авион во земјава како што се тврди во постот кој го рецензираме. Тие се илегални мигранти кои влегле во земјава од Грција и на ниеден начин не се поврзани со групата на која и беше овозможена хуманитарна помош од страна на државава
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека авганистанските државјани за кои МВР и Обвинителството во Куманово известија дека се товарат оти извршиле разбојништво врз државјанин на Индија, всушност биле дел од спасувачката мировна мисија која што Владата на Република Северна Македонија ја организираше за 149 државјани на Авганистан (вкупно 149 државјани на Авганистан пристигнаа на скопскиот аеродром како дел од првата група за која Северна Македонија овозможи хуманитарна помош). Но, тоа не е така.
Во постот кој го рецензираме се вели:
Kога слетаа, кога нож најдоа, кога разбојништво направија? Фала господине З.З што ни овозможивте ваква сигурност во Северна!
Најнапред, да го објасниме контекстот. На 16 септември, Основното Јавно Обвинителство Куманово соопшти дека повело постапка против двајца Авганистанци, на возраст од 31 и 25 години, поради постоење на основано сомнение дека го сториле кривичното дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените на 13 септември 2021 година, во место викано Чифлик, во атар на селото Табановце, со употреба на сила и сериозна закана одзеле од оштетениот, државјанин на Индија, подвижен предмет со намера противправно да го присвојат. Осомничените телесно го повредиле оштетениот откако со сериозна закана и со употреба на нож и на тврд подесен предмет го удриле во пределот на главата. По ударот жртвата паднала на земја, по што двајцата осомничени му ги врзеле рацете и нозете и сериозно му се заканиле дека непосредно ќе нападнат врз неговиот живот и тело ако не им ги даде сите пари што ги има. Осомничените одзеле 440 евра, а потоа повторно почнале да го удират оштетениот и го присилиле да побара од неговиот брат да му испрати парични средства преку Money Gram во износ од 2.300 евра за да биде ослободен. Јавниот обвинител поднесе Предлог за определување на мерката притвор за осомничените. Судот го уважи предлогот на Обвинителството и ја определи предложената мерка притвор во времетраење од 30 дена за двајцата обвинети.
Меѓутоа, во постот кој го рецензираме, неточно се тврди дека овие Авганистанци за кои ОЈО Куманово има поведено постапка, се дел од авганистанските државјани кои со авион слетаа во земјава и за нив беше овозможена хуманитарна помош.
Авганистанските државјани што слетаа во Скопје, се претежно жени и деца, како и вработени во меѓународни организации и нивните семејства. Станува збор за вработени во меѓународните организации како „Опен гавермент партнершип“, „Транспаренси интернешнал“, Светскиот економски форум и други партнерски меѓународни организации.
„Тоа се наши сојузници, луѓе со коишто сме работеле, луѓе на кои не по своја вина им е загрозен животот, и затоа ние одлучивме да им овозможиме привремено прибежиште за да се засолнат од ризиците по нивниот живот, сè додека не стигнат до нивните конечни дестинации“, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на денот на пречекот. Северна Македонија досега дала согласност за привремено сместување на околу 750 граѓани од Авганистан, вработени во меѓународните организации, откако Талибанците ја преземааа контролата врз Авганистан по преземањето на Кабул на 15 август.
Авганистанските разбојници, кои извршиле физички напад и кражба, се илегални мигранти кои влегле во земјава од Грција и никако не се поврзани со граѓаните за кои државата обезбеди хуманитарна помош.
Апелираме до медиумите и до граѓаните да ја направат оваа разлика со цел да не се создава омраза кон миротворното население од Авганистан за кое се спроведува меѓународна хуманитарна акција да биде извлечено и спасено од талибанските власт, велат од МВР за Вистиномер.
Оттука постот кој го рецензираме го оценуваме за невистинит. Авганистанските државјани кои се товарат за разбојништво, не слетале со авион во земјава како што се тврди во постот кој го рецензираме. Тие се илегални мигранти кои влегле во земјава од Грција и на ниеден начин не се поврзани со групата на која и беше овозможена хуманитарна помош од страна на државава.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар