Бајден не признал дека продавал државни тајни
Оваа снимка е автентична, но таа е злонамерно монтирана и исечена за да се измени клучниот контекст. Она што недостасува во снимката е моментот кога Бајден на новинарите им кажува дека се шегува, што може да се види на официјалниот транскрипт од настанот и интегралната верзија од снимката
Оваа снимка е автентична, но таа е злонамерно монтирана и исечена за да се измени клучниот контекст. Она што недостасува во снимката е моментот кога Бајден им кажува на новинарите дека се шегува, што може да се види на официјалниот транскрипт од настанот и интегралната верзија од снимката
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео на кое претседателот на САД, Џо Бајден зборува на состанок, а во описот на постот се вели:
Абе пе*о Бајден си призна пред новинари и индиска делегација за своите криминали. Дека продавал државни тајни. Што е предавство. Кога ќе виси е само прашање на време. Ај и на глава на Северна.
Оваа снимка иако е автентична, таа е злонамерно монтирана и исечена за да се измени клучниот контекст. Она што недостасува во снимката е моментот кога Бајден им кажува на новинарите дека се шегува, што може да се види на официјалниот транскрипт од настанот и интегралната верзија од снимката.
На виралната снимка од 14 секунди, прикажана во постот, најнапред во преден план се гледаат претседателот Бајден и премиерот на Индија, Нарендра Моди. Потоа Бајден вели:
Почнав без вас, продадов многу државни тајни и многу важни работи кои ги поделивме овде.
По оваа негова реплика индискиот премиер Моди и другите кои седат на масата се смеат.
Иако виралната снимка е автентична, таа е исечена во клучниот момент, пред Бајден да ја изговори реченицата во која кажува дека се шегува, а потоа го има своето воведно излагање. Транскриптите коишто се објавени на веб-страницата на Белата куќа и интегралната снимка од американско-индиската тркалезна маса за технологија, потврдуваат дека виралните видеа од Бајден на социјалните мрежи, навистина се извадени од контекст, а такво е и видеото што се споделува во постот.
Како што може да се види од транскриптите и интегралната снимка, реченицата којашто Бајден ја изговара, а е исечена во видеото прикажано во постот, е: „Сега, шегата настрана“. Потоа тој продолжува:
Се здружуваме да дизајнираме и да развиеме нови технологии кои ќе ги трансформираат животите на нашите луѓе ширум светот.
Средбата се однесуваше на соработката меѓу САД и Индија во областа на вештачката интелигенција, астрономијата и производството. Средбата се одржа на крајот на четиридневната државна посета на индискиот премиер Моди. Новинар на Асошиејтед Прес којшто присуствувал на тркалезната маса потврдил дека Бајден навистина се пошегувал на почетокот на настанот, од причина што еден од новинарите уште не бил влезен во просторијата во која претседателот и неговите гости веќе биле седнати на масата спремни да ги почнат своите обраќања.
Проверувачите на факти на Асошиејтед Прес во ова видео го дебанкираат тврдењето дека Бајден признал дека продавал државни тајни, посочувајќи дека во интегралното видео тој јасно кажува дека се шегува.
Проверувачите на факти на Факчек.орг и на Сноупс дојдоа до истите заклучоци.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Претседателот на САД, Џо Бајден нема признаено дека продал државни тајни, туку се шегувал и тоа јасно го кажал, но во видеото од постот тој дел е исечен од снимката.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар