Берово не го доби ветениот базен

Берово сонува за градски базен. Фото: en.wikipedia.org

Проект: ИЗГРАДБА НА ОЛИМПИСКИ БАЗЕН

Општина Берово, поради покачувањето на летната температура, има реална потреба од изградба на отворен олимписки базен. Со тоа ќе ѝ се овозможи на младата популација да плива и телесно да се развива правилно, ќе се унапреди пливачкиот спорт во општината, а, се разбира, и другите граѓани ќе можат рекреативно да го користат базенот. Проектот ќе биде реализиран преку јавно-приватно партнерство. (Рок: почеток на јуни 2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

 

Градоначалникот на Општина Берово  Драги Наџински, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата за локалните избори во 2013 година вети изградба на олимписки базен во Берово. Рокот за реализација на ова  ветување наведен во неговата програма (стр.26), со која ја побара довербата на граѓаните за втор мандат,  е почетокот на јуни 2016 година. Со оглед на фактот дека веќе влегуваме во втората половина на месецот, а пребарувањата покажаа дека досега ништо не е преземено за реализација на овој проект, ветувањето го оценуваме како неисполнето.

Пребарувањето на веб-сајтот на Општина Берово, кој инаку редовно објавува информации за активностите во општината, како и за другите работи од интерес на граѓаните, не нѐ доведе до информација дека е преземено нешто за реализација на ова ветување – односно ниту е распишан повик за јавно-приватно партнерство, кое беше наведено како решение за реализација на ветувањето, ниту пак е објавена информација за друго избрано решение за изградба на олимписки базен во градот.

Исто така, медиумите од регионот и од градот немаат објавено ниту една информација дека е нешто преземено за изградба на отворен олимписки базен или градски базен со други димензии во Берово.

Како реализирано, ова ветување не е споменато ниту во Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ, „Отчетно – Проекти, мерки и дела за граѓаните и државата“, презентиран на 20 март 2016 година.

Во информација на сајтот на Општина Берово од 20 ноември 2009 година, значи набргу по почетокот на првиот мандат на Наџински, гледаме дека граѓаните на 5-тата форумска сесија на Форумот на заедници побарале изградба на градски базен.

Граѓаните дадоа  повеќепреоритети  за развој на општина Берово за 2010 година, од кои може да се издвојат: реконструкција на кеј на река Брегалница, уредување на централното градско подрачје во с. Будинарци, реконструкција на салата Партизан, изградба на мултифункционална сала на местото на постоечката кино-сала,изградба на градски базен, основање на центар за развој и поддршка на бизнисот, асфалтирање на ул. Јане Сандански,  подобрување на инфраструктурата во с. Смојмирово, воведување на нови технологи на енергетска ефикасност и други предлози произлезени од учесниците на форумот.

Берово подолго време е без базен, откако со години не функционира приватниот базен крај Брегалница во горниот дел од градот, а речиси две децении не функционира големиот базен на крајот од градот, кој беше изграден во времето на социјализмот од страна на комуналното претпријатие.

Единствената информација за изградба на нов базен во Берово е поврзана со реконструкцијата на хотелот „Македонија“, кој и покрај многуте најави сѐ уште не профункционира како хотел „Глигоров“. Во информација објавена на веб-сајтот на Општина Берово на 27 март 2014 година, е напишано дека во хотелот ќе има и мал базен, но во рамките на спа-центарот, што значи дека нема да биде јавен базен.

Во склоп на хотелот ќе постои и Спа-центар во кој ќе биде вклучен и мал базен.

Мал надворешен базен има во хотелот „Манастир“, а надворешен базен има и „Аурора Ресорт и Спа“, но тие се хотелски, а не јавни.

Па, со оглед на тоа што беровци не добија јавен базен ниту со помали размери, а не пак со олимписки димензии (а рокот во кој требаше ваков базен да биде пуштен во употреба е истечен), ова ветување на градоначалникот на Берово, Драги Наџински се оценува како неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.