Без докази се обвинува Израел дека стои зад терористичкиот напад во Москва

Фото: Принтскрин ФБ пост

Одговорноста за нападот во концертната сала во Москва ја презеде Исламска држава. Русија, пак, се обидува одговорноста да ја префрли на Украина, иако нема никакви докази за тоа. Украина демантира каква било поврзаност со терористичкиот напад. Досега се уапсени 11 лица, од кои четворица државјани на Таџикистан се обвинети дека директно учествувале во нападот. Во ниту една изјава досега, ниту од руска ,ниту од која било друга страна не се спомнала поврзаност на Израел со нападот во Москва. Тоа што израелскиот политичар Амир Вајтман ја критикувал Русија за војната со Украина и за војната на Израел со Хамас, и рекол дека Русија ќе ја плати цената за поддршката на оние кои убиваат Израелци, не значи дека Израел стои зад терористичкиот напад во Русија

Одговорноста за нападот во концертната сала во Москва ја презеде Исламска држава. Русија, пак, се обидува одговорноста да ја префрли на Украина, иако нема никакви докази за тоа. Украина демантира каква било поврзаност со терористичкиот напад. Досега се уапсени 11 лица, од кои четворица државјани на Таџикистан се обвинети дека директно учествувале во нападот. Во ниту една изјава досега, ниту од руска ,ниту од која било друга страна не се спомнала поврзаност на Израел со нападот во Москва. Тоа што израелскиот политичар Амир Вајтман ја критикувал Русија за војната со Украина и за војната на Израел со Хамас, и рекол дека Русија ќе ја плати цената за поддршката на оние кои убиваат Израелци, не значи дека Израел стои зад терористичкиот напад во Русија

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека зад терористичкиот напад во Москва стои Израел. За ваквото тврдење нема никакви докази:

Каде што има дим таму има и огин?????

Ционистите стојат зад нападот во Москва, главниот град на Русија.

Амир Вајтман, од израелската владејачка партија Ликуд, ветува одмазда на Русија за недоволната поддршка на Израел:

„Русија ги поддржува нацистите кои сакаат да извршат геноцид врз нас. Русија ќе ја плати цената!“

Објавата споделува видео од интервју на Амир Вајтман, шеф на либертаријанската група во израелската партија Ликуд, дадено пред пет месеци (20.10.2023 година, две недели по нападот на Хамас врз Израел) за руската државна телевизија „РТ њуз“.

Тој во интервјуто во кое зборувал за борбите меѓу Израел и Хамас, како и за војната на Русија со Украина, ја критикува Русија велејќи „ние ќе ја завршиме оваа војна, ќе победиме бидејќи сме посилни“.

По ова, Русија ќе ја плати цената, верувајте ми, Русија ќе ја плати цената. Русија ги поддржува непријателите на Израел. Русија ги поддржува нацистите што сакаат да извршат геноцид врз нас и Русија ќе ја плати цената. Ние ќе ја добиеме оваа војна. Потоа, нема да заборавиме што правите, нема да заборавиме, ќе дојдеме, ќе се погрижиме Украина да победи. Ќе се погрижиме да ја платите цената за она што го направивте вие како Русија“, рекол Вајтман, пренесе Макфакс.

Ваквите негови зборови, искажани пред пет месеци, објавата што ја анализираме ги злоупотребува за да го поврзе Израел со терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во Москва кој се случи на 22 март 2024 година, и без никакви докази да тврди дека Израел стои зад нападот.

 

Што досега е познато за нападот во „Крокус сити хол“

Бројот на загинати во нападот на 22 март во концертната сала кај Москва се искачи на 140, соопштија руските власти, пет дена по пукањето врз луѓе кои чекаа да влезат на концерт во салата Крокус, во Красногорск, во близина на Москва.

Руските власти покренаа обвинение против четворицата уапсени мажи за кои се тврди дека се директни извршители на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“. Сите четворица се обвинети за тероризам, а двајца од нив, пред судските власти ја признале вината. Четворицата обвинети ќе бидат задржани во истражен затвор најмалку до 22 мај, соопшти судот. Според руските државни медиуми, обвинетите се именувани како Далерџон Мирзоев, Саидакрами Муродали Рачабализода, Шамсидин Фарудини и Мухамедсобир Фајзов и се државјани на Таџикистан.

 

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС објави видео од нападот во концертната сала. На видеото, кое Би-Би-Си го потврди како вистинито, се гледа како еден од вооружените напаѓачи отвора оган врз неколку луѓе.

По ова се огласија и САД кои рекоа дека имаат информации кои потврдуваат дека нападот во Москва го извршила Исламската држава.

Претходно овој месец, американската влада имаше информации за планиран терористички напад во Москва, кој би можел да има за цел големи собири, вклучително и концерти, што го натера Стејт департментот да издаде јавно предупредување до Американците во Русија. Американската влада, исто така, ја сподели оваа информација со руските власти во согласност со нејзината долгогодишна политика „должност да се предупредува“, рече портпаролката на Советот за националната безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон.

Руските власти не го коментираа тврдењето на Исламска држава кое дојде две недели откако САД предупредија за потенцијален напад насочен кон „големи собири“ во Москва. Руските власти се пожалија дека американското разузнавање немало конкретни детали.

Рускиот претседателот Владимир Путин, како што пренесува Би-Би-Си  изјави дека:

Неодамнешните провокативни изјави на голем број официјални западни структури за можноста од терористички напади во Русија… личат на целосна уцена и намера да се заплаши и дестабилизира нашето општество.

Русија прстот го впери кон Украина

Путин, информирајќи ја јавноста дека се пронајдени и приведени сите четворица директни извршители на терористичкиот напад, посочи дека тие се обиделе да се скријат и се упатиле кон Украина, каде според прелиминарните податоци им бил подготвен премин од украинска страна за преминување на државната граница. Путин рече дека се приведени вкупно 11 лица. Безбедносните служби претходно соопштија дека другите седуммина уапсени се соучесници.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека е „исклучително тешко да се поверува“ дека Исламска држава имала капацитет да го изврши нападот врз концертната сала во Москва. На брифинг со новинарите, Захарова рече дека Украина стои зад нападот.

За да ги оттргнат сомнежите на колективниот Запад, итно мораа да смислат нешто, па прибегнаа кон ИСИС. Тие повлекоа кец во ракавот и буквално неколку часа по терористичкиот напад, англосаксонските медиуми почнаа да ги шират токму тие верзии, рече таа.

Киев демантираше дека има каква било врска со терористичкиот напад во „Крокус“.

Да бидеме јасни, Украина нема апсолутно никаква врска со овие настани. Во врска со настаните во Крокус Сити во руското предградие, каде што денес се случија одредени настани, пукања, терористички акции од неидентификувани лица, да бидеме јасни, Украина апсолутно нема никаква врска со овие настани. Нема ни најмало сомневање дека настаните во московското предградие ќе придонесат за ненадејно зголемување на воената пропаганда, забрзана милитаризација, проширена мобилизација и, на крај, на обемот на војната. Тоа ќе послужи и како оправдување за очигледните геноцидни напади врз цивилното население на Украина, напиша на Телеграм Михајло Подољак, помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Одговорноста за нападот во концертната сала во Москва ја презеде Исламска држава. Русија, пак, се обидува одговорноста да ја префрли на Украина, иако нема никакви докази за тоа. Украина демантира каква било поврзаност со терористичкиот напад. Досега се уапсени 11 лица, од кои четворица државјани на Таџикистан се обвинети дека директно учествувале во нападот. Во ниту една изјава досега, ниту од руска ,ниту од која било друга страна не се спомнала поврзаност на Израел со нападот во Москва. Тоа што израелскиот политичар Амир Вајтман ја критикувал Русија за војната со Украина и за војната на Израел со Хамас, и рекол дека Русија ќе ја плати цената за поддршката на оние кои убиваат Израелци, не значи дека Израел стои зад терористичкиот напад во Русија.Такво нешто не може никако да се тврди, особено не без да се понудат никакви докази и особено кога истрагата за организаторите на нападот сè уште трае.

Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција