Би-Би-Си не известил дека масакрот во Краматорск е изведен со украински проектил

„Би Би Си“ официјално предупреди дека на интернет почнало да се шири лажно видео, во кое е злоупотребено нивното лого за лажно да се тврди дека нападот во Краматорск го извела Украина. Тоа што проектил „Точка-У“ е пронајден на местото на настанот, не значи дека Украина е одговорна за нападот, зашто и руската војска, исто така, користи вакви проектили, па нивното постоење на местото не докажува кој ги истрелал, пишува „Би Би Си“ на нивната официјална веб-страница

„Би Би Си“ официјално предупреди дека на интернет почнало да се шири лажно видео, во кое е злоупотребено нивното лого за лажно да се тврди дека нападот во Краматорск го извела Украина. Тоа што проектил „Точка-У“ е пронајден на местото на настанот, не значи дека Украина е одговорна за нападот, зашто и руската војска, исто така, користи вакви проектили, па нивното постоење на местото не докажува кој ги истрелал, пишува „Би Би Си“ на нивната официјална веб-страница

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој е споделен медиумски напис, во кој се вели дека масакрот на железничката станица во Краматорск е изведен со украински проектил кој носел забранети касетни бомби.

Иако во насловот на текстот има прашалник, сепак во самиот напис децидно се кажува дека:

„Би Би Си“ објави извеештај во кој се тврди дека постојат докази оти нападот на железничката станица во Краматорск бил извршен со касетни бомби забранети во меѓународното право.

Исто така, се тврди и дека

Новинарите на „Би Би Си“ после нападот ја посетиле железничката станица во Краматорск и нашле мали кратери на земјата конзистентни на боева глава која содржи касетна муниција.

Написот, повикувајќи се на „Би Би Си“, недвосмислено сугерира дека „на местото биле пронајдени остатоци од ракета „Точка-У“ од советската ера“ и дека „ваквиот извештај е во спротивност со украинските тврдења дека нападот бил извршен со руски проектил Искендер“.

Ракетите „Точка-У“ се проектили коишто ги користи украинската армија, а кои се исфрлени од употреба во Русија уште во 2019 година, пишува во текстот.

Се додава дека „Би Би Си“ консултирал експерт, кој рекол дека малите кратери на станицата биле во согласност со муницијата користена „Точка-У“.

Проблематично со овие тврдења е тоа што „Би Би Си“ официјално предупреди дека на интернет почнало да се шири лажно видео, во кое е злоупотребено нивното лого за лажно да се тврди дека нападот во Краматорск го извела Украина.

Како што известува „Гардијан“, ова видео било дури и емитувано на национална руска телевизија и се проширило на социјалните мрежи.

„Би Би Си“ официјално демантираше дека видеото е нивно.

Се појави лажно видео со нашето лого во кое се сугерира дека Украина е одговорно за минатонеделниот напад на железничката станица во Краматорск. Би Би Си презема дејствија да го отстрани видеото и им препорачуваме на луѓето да не го споделуваат и да ги следат сториите на сајтот на „Би Би Си“, се вели во соопштението од британскиот национален сервис. 

 


Тоа што проектил „Точка-У“ е пронајден на местото на настанот, не значи дека Украина е одговорна за нападот, зашто и руската војска, исто така, користи вакви проектили, па нивното постоење на местото не докажува кој ги истрелал, пишува „Би Би Си“ на нивната официјална веб-страница во друг извештај.

Во своите опсежни медиумски известувања „Би Би Си“, исто така, нотира дека има тврдења дека Русија претходно користела вакви проектили во тековниот конфликт, иако и Украина го има ова оружје во својот арсенал.

Во најновото известување на „Би Би Си“ за нападот, тие не тврдат дека Украина стои зад нападот. Тие зборувале со експертот Сидарт Каушал од Ројал Јунајтед Сервисис Институт, кој рекол дека „маркерите се конзистентни со муниција како 9N24, муниција од советската ера која може да е носена од Точка проектил”.

Tекстот што го рецензираме беше споделен и во друг пост, каде што, исто така, невистинито се тврдеше дека „Би Би Си“ известиле дека нападот е извршен со проектил „Точка-У“ кој го користи украинската армија, а руската не.

Поради сите горенаведени причини, оценуваме дека не е точно дека „Би Би Си“ известиле дека масакрот на железничката станица во Краматорск е изведен со украински проектил.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција