Чекајќи ги вакцините: Ако не оваа недела – другата сабота, до крајот на месецот сигурно ќе стигнат!
Во изминатите месеци се изнаслушавме изјави дека е прашање на денови кога ќе ни стигнат вакцините. Се редеа ветувања дека вакцините ќе ги добиеме оваа недела, потоа до крајот на другата, па до следната, па до крајот на месецот… Чекавме да поминат новогодишните и божиќните празници, па кинеската Нова година, сега се чека посетата на кинескиот министер за одбрана, по која, според очекувањата на власта, нештата околу пристигнувањето на кинеската вакцина би биле појасни. Последните најави се дека масовната имунизација на населението во земјава треба да започне кон крајот на март или почетокот на април. И додека се чекаат вакцините некои од граѓаните се вакцинираат во соседството. Покрај новинарите, најави за вакцинирање во Србија има од независниот полициски синдикат и од бизнис-заедницата
Пишува: Оливера Војновска
Очекувањата се вакцината против коронавирус Македонија да ја добие во првите месеци од идната година, најави министерот за здравство, Венко Филипче. Тој вели дека во согласност со сегашната динамика вакцината треба да ја имаме во јануари-февруари
[Извор: Макфакс ; Тајм.мк; Датум: 10.11 2020г.]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Откако на крајот на минатата година (2020) светот започна со вакцинација против коронавирусот ( почетоткот на декември 2020 година), нашата земја остана една од ретките којашто сѐ уште не започнала масовна имунизација на населението. Досега (25.03.2021) не се оставрија надежите на министерот за здрвство, Венко Филипче, дека на почетокот на годината – јануари или февруари, ќе ги имаме вакцините против ковид-19. Освен оние партки кои пристигнаа од Србија (8.000 дози) и од Русија (3.000 дози), а со кои се имунизираат здравствените работници, во држават нема други вакцини против опасниот вирус.
Фактички, сѐ се сведува на најавите на министерот Филипче и на премиерот Зоран Заев дека вакцините ќе пристигнат час поскоро. Во изминатите четири месеци се изнаслушавме изјави дека е прашање на денови кога ќе ни стигнат вакцините. Се редеа ветувања дека вакцините ќе ги добиеме оваа недела, потоа до крајот на другата, па до следната, па до крајот на месецот… И така, секој месец си ги чекаме вакцините.
Чекавме да поминат новогодишните и божиќните празници, па кинеската Нова година, сега се чека посетата на кинескиот министер за одбрана, по која нештата околу пристигнувањето на кинеската вакцина би биле појасни. Заев вчера (24.03.2021) изјави дека на 30 март во земјава ќе пристигне кинескиот министер за одбрана и премиерот се надева тој да даде попрецизна информација кога ќе пристигнат кинеските вакцини во земјава. Па, според последните најави од премиерот Заев и од министерот Филипче, се очекува масовната имунизација на населението во земјава да започне кон крајот на март или почетокот на април.
Според една оптимистичка најава, пак, на министерот Филипче, заклучно со март во С.Македонија требаше да има 1.800.000 дози на вакцини. Тој во средината на февруари во гостување на „Топ тема“, меѓу другото, изјави дека:
…800.000 дози очекуваме преку Ковакс системот до крајот на март, исто толку очекуваме и од Фајзер со кого сме во последна фаза на договор, а 200.000 знаеме дека се очекуваат од „Синофарм“ на крајот од овој месец (февруари н.з.).
Вакцините најавени уште во ноември, не стасаа ни во март
Од мноштвото најави со кои се подгреваше надежта кај граѓаните дека и кај нас ќе стартува долгоочекуваната вакцинација против коронавирусот, во овој преглед хронолошки издвојуваме само некои:
- 10 ноември 2020 – Вакцината против Ковид-19 кај нас во јануари или февруари
- 29 декември 2020 – Филипче за вакцините: Имам чувство дека во јануари почнуваме – (од 0,53 до 0,59 минута од видеото)
- 30 декември 2020 – Северна Македонија доби потврда од Фајзер, првите дози од вакцината во февруари
- 1 јануари 2021 – Филипче: Знаеме колку вакцини ќе пристигнат во февруари, но компанијата замоли да не се објавуваат детали
- 4 јануари 2021 – Северна Македонија добива 800.000 дози од Фајзер, 5.850 стигаат во февруари
- 8 јануари 2021- Македонија може да очекува први вакцини до крајот на јануари, вели Филипче
- 8 јануари 2021 – Филипче: Милион и двесте граѓани ќе бидат вакцинирани против коронавирус
- 18 јануари 2021 – Република Северна Македонија добива 8.000 Фајзер вакцини од Србија
- 30 јануари 2021- Филипче: Во февруари ќе пристигнат вакцините
- 3 февруари 2021 – Филипче: Во февруари стартува вакцинацијата со 200.000 кинески вакцини
- 6 февруари 2021 – Филипче: Имунизацијата ја почнуваме со вакцината Синофарм, медицински работници и сите лица над 70 години со приоритет за вакцинирање
- 8 февруари 2021- Министерот Филипче го потпиша договорот за набавка на кинеската вакцина
- 17 февруари 2021 – Филипче: До крајот на март ќе имаме 1.800.000 дози на вакцини, по 800.000 од Фајзер и КОВАКС механизмот и 200.000 од Синофарм
- 20 февруари 2021 – Филипче: Се очекува до крајот на месецов да почне масовното вакцинирање на населението
- 26 февруари 2021 – Филипче: Moжно е да се пролонгира пристигнувањето на кинеските вакцини
- 5 Март 2021- Страв ми е да кажам дека во недела ќе стигнат првите руски вакцини, рече Заев
- 8 Март 2021 – Првата пратка од 3.000 вакцини „Спутник V“ од Русија пристигна на аеродромот во Скопје
- 17 март 2021 – Филипче: До крајот на овој месец ќе стигнат вакцините – во април ќе започне вакцинацијата
- 18 март 2021 – Филипче за ТВ 24: на 31 март и на 15 април ќе пристигнат 100 000 дози од „Астразенека“, но тоа го кажувам со резерва
- 20 март 2021 – Сè уште нема конкретен датум за вакцините: Масовната вакцинација ќе започне со „Астра Зенека“ или со кинеските
- 24 март 2021 – Вакцинација: Заев најавува-крај на март или почеток на април (од 1,13 до 1,19 минута од видеото)
- 25 март 2021 – Филипче: Масовната имунизација ќе почне во април
И додека се чекаат вакцините некои од граѓаните се вакцинираат во соседството. Деновиве (23.03.2021) во организација на македонската асоцијација на новинари МАН и Здруженето на новинарите на Србија (УНС), 100 новинари и медиумски работници од Македонија се вакцинираа во Врање со вакцината „Астра Зенека“. Покрај новинарите, најави за вакцинирање во Србија има од независниот полициски синдикат и од бизнис-заедницата.
Во меѓувреме државата бележи поразителните статистики на новозаразени и починати од коронавирус. Според СЗО, досега во Македонија се регистрирани повеќе од 122.000 заболени, а починале над 3.500 лица.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар