Демистификација: Нема ништо „пранкерско“(шегобијно) во индициите дека Москва се меша во изборите

Илустрација: скриншот од аудио/видео разговорот

Објавување на стар аудио за разговор на „Грета Тунберг“ и Зоран Заев во овој момент, нема никаква допирна точка со наводната шегобијност, туку со директно инволвирање во изборите во РСМ од страна на „пријателите на Кремљ“

Објавување на стар аудио разговор на „Грета Тунберг“ и Зоран Заев во овој момент, нема никаква допирна точка со наводната шегобијност, туку со директно инволвирање во изборите во РСМ од страна на „пријателите на Кремљ“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Има една голема разлика помеѓу објавувањето на нелегално прислушкуваните разговори за функционери на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во оваа предизборна кампања и објавувањето на стар нелегално снимен телефонски разговор помеѓу наводната Грета Тунберг и Зоран Заев од страна на наводните руски „пранкери“ (шегобијци во превод), Алексеј Столјаров и Владимир Кузњецов.

Разликата е во тоа што домашните „бомби“, се главно од домашно производство и се ползуваат во црната кампања во обид да се добијат предзиборни поени и глас повеќе, додека во овој случај станува збор за силна индиција за замешателство во изборен процес во земјата однадвор, која, според анализи на факти, упатува на веројатно мешање од страна на Москва.

Токму затоа, спин е дека станува збор за терање шега со политичарите, како што појаснуваат авторите. Според селекцијата на „таргетите“ станува збор за намера за дискредитирање на сите противници на Кремљ, без оглед дали се оценети како такви во однос на внатрешната или, пак, надворешната политика на Руската Федерација. И токму затоа, овој момент со „пранкерите“ заслужува демистификација, заради јавниот интерес.

 

Факти за „пранкерите“

Кои се Алексеј и Владимир, познати во јавноста под псевдонимите Вован и Лексус? Тоа се две интелигентни и образувани фигури кои до 2014 година навистина терале „пранк“, односно се шегачеле со јавни личности, пред сѐ, од естрадата на просторите на поранешниот Советски Сојуз.

Но, оттогаш „решаваат“ дека би биле многу посупешни ако работат заеднички. И, наместо шегите со естрадните ѕвезди, „решиле“ дека ќе бидат многу поуспешни ако шегите со лажно преставување и нелегално снимање на телефонските разговори го правата со познати или помалку познати политичари низ светот. Но, ако се погледне листата на имиња со кои наводно се шегачеле, има една константа. Сите наседнати политичари, а позвучните се Реџеп Таип Ердоган, Петар Порошенко, Александар Лукашенко (кој бил убеден дека разговора со синот на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој му бара азил), Емануел Макрон, повеќе американски конгресмени и сенатори, кои се од демократската провениенција и се против политиките на Доналд Трамп, членoви на британското кралско семејство, итн, ќе се види дека се обидувале/обидуваат да дискредитираат лица во даден политички момент, кој во тој даден период/момент би бил од полза на руската надворешна политика.

А, кој им беше таргет од политичарите од регионот, е уште поинетересно. Во 2017 година тоа биле црногорските политичари Мило Ѓукановиќ и Душко Марковиќ, со кои „пранкерите“ разговарале на надворешно-политчки теми, а во 2019 година Зоран Заев, на два пати! Единствени земји од регионот кои се членки на НАТО од понов датум се токму Црна Гора (од мај 2016 г.) и Р.С. Македонија од февруари годинава, но во 2019 г. веќе течеше процесот на ратификации.

Овие факти, кои укажуваат дека „шегобијците“ и не се баш шегобијци туку тераат висока политика преку форма на шегобијство, ги забележале и повеќе светски медиуми, но, сепак, меѓу првите и оние кои имаат најдобри познавања на приликите, се руските медиуми. „Вистиномер“ веќе пишуваше на оваа тема и тука само ќе го обновиме кажаното од интервјуто што го направиле од рускиот независен весник „Москоу Тајмс“ (The Moscow Times), кој уште во март 2016 година објави сторија за двајцата „пранкери“, со повеќе од јасен наслов: Среќни да бидат оружје: Двајцата руски пранкери ги таргетираат противниците на Кремљ.

Зошто токму сега?

Како што може да се види и од оценката на други руски медиуми, кои тврдат дека Вован и Лексус се, де факто, оружје на некоја од руските безбедносни служби, иако тие тоа го негираат, исто како што негира и официјална Москва, не е тешко да се заклучи дека Заев не бил случаен таргет. Впрочем, тоа го изјави и самиот Зоран Заев, кога јавно призна дека бил жртва на „добро организирани структури“ кои „со медиумска дискредитација и медиумско влијание, најчесто се насочени против личности и земји со евро-атлантски аспирации.

Тоа е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратешки интереси да го завршиме процесот за нашето членство во НАТО. Тоа се добро организирани структури за ширење влијание во интерес на трети страни…, рече Заев во јули 2019 година (19-та минута).

За разлика од тие неколку претходни разговори, Заев во разговорот со наводната Грета Тунберг е многу повнимателен и јасно се слуша како одбива да биде насочен да зборува во негативен контекст за Макрон или за Трамп. Овој обид на руските шегаџии беше јавно обзнанет од Владата пред тие воопшто да го објават.

А, го објавуваат сега, на неколку дена пред гласањето и тоа покриен со анимирано видео, кое веднаш беше преземено од повеќе домашни портали. Првите кои го презедоа, уште доцна синоќа беа порталите кои може да се оквалификуваат како чисто опозициски. Плус на тоа веднаш „се лепат“ соопштение и изјави од ВМРО-ДПМНЕ…

Сето ова јасно укажува дека нема ништо шегобијно во објавата на руските „шегобијци“. Објавување на ваков тип нелегално снимен разговор на само неколку дена пред гласањето е нелегално инволвирање во изборите и обид да се влијае врз гласачкото тело во полза на опозициската партија. Но, за разлика од домашните бомби, кои се од домашна продукција и чии „продуценти“ можат да подлежат на кривична истрага и обвинение, рускиве продуценти нема да можат, освен ако не допатуваат во земјава, зашто според законите на Руската федерација, нивното „шегобијство“ не преставувало кривично дело!

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција