Депонијата за инертен отпад во Битола функционира од 2016 година

Депонијата изградена, ама со задоцнување од две години. Фото: Општина Битола, веб - сајт

 

Проект: Изградба на депонија за инертен отпад

Опис на проектот: Општината досега немала депонија за градежен шут, па со овој проект ќе се најде соодветна локација за изградба на ваква депонија заради решавање на проблемот на градежните претпријатија во општината. (Средства: 1.000.000 денари; Извор на финансирање: Буџет на Општината; Рок 2014 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Битола Владимир Талески, кандидирајќи се за третиот мандат во 2013 година, како претставник на ВМРО-ДПМНЕ, вети и изградба на депонија за третман на инертен (тешко разградлив) отпад, односно најчесто градежен шут. Според поверката на „Вистиномер“, ова ветување на Талески дадено во  неговата Изборна програма : „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Битола“, (стр.37) е исполнето, со забелешка дека тоа е направено со задоцнување од две години.

Главната суштинска и формална причина за изградба на депонијата, била таа што Општината немала ваква специјализирана локација. Па, проблемот се решавал на тој начин што преку сезонско или кампањско чистење на дивите депонии, градежниот шут се носел главно во депонијата „Мегленци“, која ги опслужува Битола и други општини од Пелагонискиот регион.

Со проверка на достапните податоци на веб – сајтот на Општина Битола, како и преку електронските изданија на медиумите, може да се потврди дека Талески доцнел со исполнување на ветувањето.

Општината најпрво носи Правилник за упрaвување со инертниот отпад, објавен во локалниот службен весник во јули 2015 година, а нешто подоцна и Упатство за управување со инертниот отпад, заедно со ценовниците.

Локацијата за привремено складирање е избрана во стопанскиот двор на јавното комунално претпријатие „Нискоградба“.

Нецела година подоцна, во март 2016 г. , Советот на Општина Битола донел и Одлука за складирање и управување со инертниот отпад – градежен шут. Според оваа одлука, градежниот шут во количество до метар кубен создавачот сам ќе го одложи на споменатата депонија на ЈП „Нискоградба“. Одложувањето може да го направат и двете јавни претпријатија во градот („Нискоградба“ и „Комуналец“). Додека, пак, шутот што е над количеството од еден кубен метар, ќе мора да се носи директно во депонијата „Мегленци“(Тера ТВ).

Според податоците добени од проверката, може да се констатира дека проектот наведен како ветување во Програмата на Талески од 2013 година, за изградба на депонија за инертeн отпад, која служи и како претоварна станица за истиот, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција