Дезинформација е дека скринингот на учениците е вовед во присилна вакцинација на децата

Постот што го анализираме шири дезинформации. Тврдењето дека децата насилно ќе бидат вакцинирани е неосновано и без никакви докази. Вакцинацијата на децата е доброволна и исклучиво со одобрение на родителите

Постот што го анализираме шири дезинформации. Тврдењето дека децата насилно ќе бидат вакцинирани е неосновано и без никакви докази. Вакцинацијата на децата е доброволна и исклучиво со одобрение на родителите

 

Пост на Фејсбук тврди дека скринингот, кој се спроведува во училиштата за откривање на евентуални асимптоматски случаи на заразени со ковид-19, е само вовед во присилното вакцинирање на децата. Ова не е точно.

Дојде ред удрија по децата, оваа е предвремена проба за она што доаѓа после неколку Фази, насилно Вакцинирање на Децата. Фашизмот и по падот, продолжува со својата идеологија до последна секунда. Како што нас сите насила не тераат да носиме Маски, Вакцини и Тестови за да можеме слободни да бидеме без ограничувања, така сега и по децата ќе удрат и тоа уште посилно. Некој рече ова било теорија на заговор, епа еве сега е реалност. Фашизмот продолжува.

Скринингот на учениците почна на 20 септември во средните училишта. Првиот ден беше земен брис од над 160 средношколци од скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ и од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. Не беше откриен ниту еден позитивен случај.

Од Министерството за здравство неколкупати нагласија дека целта на скринингот на учениците е да се откријат евентуални асимптоматски носители на коронавирусот, со цел да се спречи негова трансмисија. Скринингот се спроведува по случаен избор на учениците и со согласност на родителите. Според планот на здравствените власти, ќе се тестираат околу 8.200 ученици во над 470 училишта во земјава. Скринингот прво ќе се спроведува во средните, а потоа и во основните училишта.

Постот што го анализираме тврди дека скринингот е вовед во присилната вакцинација на децата. И ова не е првпат да се шират вакви лаги на социјалните мрежи дека некој има намера насилно и тајно да вакцинира деца.

Вакцинацијата против ковид-19 во земјава, како и секаде во светот, е доброволна за лицата над 18 години и тоа е јасно повторено досега повеќе пати. С. Македонија, водејќи се по примерот на други држави, ја одобри вакцината на „Фајзер“ за лица над 12 години, но децата се вакцинираат исклучиво со согласност на родителите, кои, пак, можат да ги пријават на сајтот „вакцинација.мк“.

Ова, во изјава за „Вистиномер“ го потврдија од Министерството за здравство уште во август, кога почнаа да се шират дезинформации дека со стартот на учебната година, децата тајно ќе се вакцинираат во училиштата.

Во нашата држава се имунизираат лица постари од 18 години по сопствена волја, а деца од 12-18 годишна возраст исклучиво со согласност од родител. Малолетните лица во нашата држава се вакцинираат исклучиво со вакцината од производителот „Фајзер“. Министерството за здравство потенцира дека објавените информации на коишто се повикувате се невистинити, ни одговорија во август од МЗ.

Оттука, постот што го анализираме шири дезинформации. Тврдењето дека децата насилно ќе бидат вакцинирани е неосновано и без никакви докази. Вакцинацијата на децата е доброволна и исклучиво со одобрение на родителите.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција