Дезинформација е дека во Шкотска погрешното полово именување е казниво со затвор

Фото: Gerd Altmann auf Pixabay

Новиот закон за криминал од омраза и јавен ред кој од 1 април стапи на сила во Шкотска, не спречува слобода на говор, туку овозможува поголема заштита на жртви на насилство поради религија, попреченост, сексуална ориентација, возраст, трансродовиот идентитет и варијации во половите карактеристики. Според овој закон нарекувањето трансродово лице по нивниот биолошки идентитет не води до затворска, казна како што невистинито се тврди во објавата

Новиот закон за криминал од омраза и јавен ред кој од 1 април стапи на сила во Шкотска, не спречува слобода на говор, туку овозможува поголема заштита на жртви на насилство поради религија, попреченост, сексуална ориентација, возраст, трансродовиот идентитет и варијации во половите карактеристики. Според овој закон нарекувањето трансродово лице по нивниот биолошки идентитет не води до затворска, казна како што невистинито се тврди во објавата

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека во Шкотска е предвидена затворска казна за лице кое ќе го нарече „маж“ оној што не се чувствува така. Ова не е вистина.

На објавата е прикачена фотографија на којашто се прикажани „дрег кралици“ и во описот пишува:

Според новиот закон за говор на омраза во Шкотска оние кои овие луѓе ги нарекуваат „мажи“ ќе одат во затвор до седум години.

Ова е невистина односно манипулативно претставување на фактите.

Говорот на омраза има различни дефиниции во зависност од земјите и институцијата што ја регулира оваа материја. Меѓутоа, овие дефиниции се многу слични и не го опфаќаат примерот којшто се споменува во Фејсбук објавата.

Главните дефиниции се дадени со Меѓународниот пакт на ОН за граѓански и политички права (МПГПП), Рамковна одлука на ЕУ 2008/913/ЈХА; Комитет на ОН за елиминација на расна дискриминација, Стратегија на Обединетите нации и план за акција за говор на омраза.

Тие имаат три заеднички критериуми:

  1. Мора да биде намерно
  2. Мора да содржи јавно поттикнување.
  3. Мора да таргетира одредена група

Законот за криминал од омраза и јавен ред којшто стапи на сила во Шкотска од први април, а на кој се однесува Фејсбук објавата, во суштина е истиот закон што го имала Шкотска против поттикнување расна омраза, со тоа што сега ја проширува таа заштита на други групи. Тие заштитени карактеристики на одредена група се: попреченост, религија, сексуална ориентација, возраст, трансродовиот идентитет и варијации во половите карактеристики.

За едно лице да биде прогласено за виновно за кривично дело од омраза според новиот закон:

  1. Мора да се вклучи во однесување или комуникација што разумно лице ја смета за заканувачко или навредливо врз основа на попреченост, религија, сексуална ориентација, возраст, трансродовиот идентитет или варијации во половите карактеристики.
  2. Мора да има намера да поттикне омраза врз основа на овие заштитени карактеристики.

Адам Томкинс, професор по јавно право на Универзитетот во Глазгов објаснува дека новото законодавство, кое од неодамна се применува во Шкотска, не го квалификува погрешното полово именување како прекршок.

Вистинската конфузија во врска со овој нов закон е предизвикана од разликата што е заканувачки и навредливо од една страна што може да биде криминално, и она што е само навредливо што не е криминално. Она што понекогаш се обвинува дека го прави новиот закон, но она што законот воопшто не го прави, е криминализирањето на навредливиот говор, вели тој.

Според него, доколку некој е навреден од она што се кажува, тоа не е злосторство од омраза.

Ако погрешно ви го кажам родот, дури и ако го направам тоа намерно, тоа не е злосторство од омраза, бидејќи не е ниту заканувачко, ниту е малтретирање. Можеби ќе ве вознемири, можеби ќе се лутите на мене, но тоа не е кривично дело од 1 април кога овој закон стапи на сила, бидејќи не го исполнува она најважното, а тоа е прагот на закана или навреда, вели професорот.

Новиот закон е донесен во Шкотска за да овозможи поголема заштита на жртви од насилство поради  попреченост, попреченост, сексуална ориентација, возраст, трансродовиот идентитет и варијации во половите карактеристики, а не да спречи слобода на изразување. Тој не ги спречува луѓето да искажуваат контроверзни, предизвикувачки или навредливи ставови, ниту се обидува на кој било начин да ги задуши критиките или дебатата.

Нарекувањето трансродово лице по нивниот биолошки идентитет не води до затворска казна во Шкотска, како што се тврди во објавата. Затоа, оваа објава ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција