Дезинформациски круг на релација Софија-Белград-Скопје со типичен руски шмек 

Фото: принтскрин од „Не се страхувай с Васил Василев“

Познат е патот по кој течат руските дезинфо наративи – oд Русија преку Србија, па низ целиот Западен Балкан. Овојпат за промена, изворот е од соседна Бугарија. Лавината тргнува од емисијата „Не се плашете со Васил Василев“, потоа се проширува преку српските таблоиди, па пристигнува и на македонските профили на Фејсбук

Познат е патот по кој течат руските дезинфо наративи – oд Русија преку Србија, па низ целиот Западен Балкан. Овојпат за промена, изворот е од соседна Бугарија. Лавината тргнува од емисијата „Не се плашете со Васил Василев“, потоа се проширува преку српските таблоиди, па пристигнува и на македонските профили на Фејсбук

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Во минатонеделното издание на емисијата на бугарски јазик „Не се плаши со Васил Василев“ („Не се страхувай с Васил Василев“), новинарот и водител Василев соопшти дека е неминовен падот на „украинскиот режим“. Од оваа емисија којашто трае дваесет и пет минути, во таблоидите Информер.рс и ВебТрибјун.рс се избрани и пренесени само неколку сегменти. Текстот, којшто во целост е идентичен на двата портала, потоа се споделува и од македонски профили на социјалната мрежа Фејсбук, при што испраќа тенденциозна и манипулативна порака:

Украинскиот рикошет најмногу ќе ги погоди Бајден и демократите во САД. Поразот на Зеленски ќе доведе до нивен сериозен пораз на претседателските избори, кој и да е кандидатот на Демократската партија…

За да се избере демократ за претседател, потребно е обврската наречена Украина да падне во заборав и наместо неа да се појави победничка војна за Америка. Можеби изгледа чудно, но некои демократи во САД се подготвени да запалат половина свет само за да не ја изгубат Белата куќа. Одвлекувањето на вниманието од Украина беше можно само со помош на уште една војна [Израел и Палестина н.з.].

Главните пораки се јасни – политиките на Западот се неуспешни, неминовен е колапсот на Украина, демократите од САД ги „жртвуваат“ украинските војници за да останат на власт. Ова се класични наративи на Русија и Кремљ што се користат за да се искриви реалната слика, со тоа што се мешаат вистини и лаги. А, деловите што Инфомер и ВебТрибјун ги издвојуваат од емисијата на Василев неслучајно се избрани. Конкретно, заради тоа што пораките одат во прилог на нивната уредничка политика – децидно проруска, со сензационалистички насловни слики и кликбејт наслови – Василев е претставен како веродостоен извор. И, затоа што ваквите портали наоѓаат верна публика во Македонија, редовно се споделуваат на нашите мрежи.

Познато е руското влијание во Србија, особено во креирањето и пренесувањето на дезинформациите. Земјата со години е под силно руско влијание во Белград има регионални седишта на Раша Тудеј и Спутник, а поради познавањето на српскиот јазик во регионот, таа е погодна за ширење на дезинформациите кон соседите. Во таа смисла, Европски парламент уште во 2022 година предупреди дека Србија е „дистрибутивниот центар“ за ширење на дезинформации во Западен Балкан. Дека руската пропаганда наоѓа плодна почва во Србија, укажа и невладината организација за промоција на евроатланската идеја, Атлантска иницијатива, а за тоа пишуваа и дел од медиумите, меѓу кои  Дојче Веле, Франс 24, но и други.

Во овој случај, она што е значајно е што изворот на ваквите проруски наративи е од друга држава – Бугарија. Сега „рускиот мегафон го има Васил Василев.

Танц меѓу факти и измислици

Она што отсуствува во објавите на српските таблоиди, е дека во споменатата емисија Василев во неколку наврати се обидува да ја заплаши својата публика. Тој вели дека министерот за одбрана, Тодор Тагарев бил повикан во Вашингтон, дека по директива на САД, Бугарија ќе мора да прими нови американски контингенти и дека со тоа се отвора вратата да бидат сместени атомски бомби на нивна територија. Исто така, Василев тврди дека сето ова се прави без согласност на народот. Според Василев, целта на САД е да ја направи Бугарија непријател во очите на Русија. И, како што вели, при нуклеарен конфликт Бугарија ќе стане првостепена цел на руските ракети.

Ги губиме последните ронки суверенитет, вели Василев.

Но, тој не наведува никаков извор, само кажува „дознаваме“. Така што, не може да се разбере за каков извор станува збор, дали истиот е потврден од друг независен извор, или можеби во крајна линија е измисле.

Исто така, важно е да се каже дека за тврдењата на Василев дека Бугарија ќе биде домаќин на американски нуклеарни оружја, нема никаква официјална најава ниту од Бугарија, ниту од САД. Инаку, нашиот источен сосед не е меѓу петте држави што имаат американско нуклеарно оружје. А, тој не наведува никаков извор, само кажува „дознаваме“.

Kога станува збор за војната во Украина, деновиве американскиот претседател Џо Бајден на прес-конференција го кажа следното:

Ако заминеме – ако се повлечеме и Русија може да го одржи нивниот напад и да ја урне Украина, што мислите што ќе се случи во балканските земји? Што мислите дека ќе се случи од Полска до Унгарија и Орбан? Мислам, сериозно, размислете за тоа. Ја менува динамиката …

За тоа дека ситуацијата во Украина може да се комплицира, пишува и Ен-би-си. Според советниците на Бајден, Русија би можела да ја добие војната за неколку недели, а во најдобар случај неколку месеци.

Но, тука е битно да се знае временскиот тек на настаните. Василев ја објавува оваа шпекулација на 16 јануари, Бајден ја одржува прес-конференцијата на 19 јануари, а Ен-би-си ја споделуваат својата вест на 20 јануари. Што значи дека е невозможно Василев да ги преземал – користел овие информации, па потоа и да ги спинува во своја полза.

Да напоменеме и дека Василев употребува класични антизпадни наративи и тврди дека ќе биде уништен суверенитетот на Бугарија поради прифаќање на „западните диктати“, притоа пососчува два главни примера.

Првиот, е дека поради „руско-нафтената фобија“, Бугарија којашто била главен извозник на енергија во регионот, сега не само што увезува од Северна Македонија, туку горива ќе мора да увезува дури од Казакстан и останати земји по повисока цена, која ќе мора да ја платат бугарските граѓaни.

Вториот пример што го наведе Василев, е дека вредности на отвореност и толеранција ќе доведат до прифаќање на мигранти кои ќе ја претворат Бугарија во „нивна“ земја, бидејќи „ќе раѓаат деца“. Што е на линија  на т.н. теорија на „Големата замена“ – расистичка и екстремно десничарска теорија на заговор, којашто вели дека заради пад на наталитетот на „белите“ луѓе, тие демографски и културно ќе бидат заменети од „не-белите“ раси, генерално реферирајќи на земјите со доминтно муслиманско население.

Сето ова претставува класична тактика на „сеење страв“ (тнр. fear mongering), односно пласирање неосновани шпекулации за одредена, претпоставена – хипотетичка опасност. Да не говориме како лицемерно прозвучува тоа што Василев го тврди, наспроти самиот назив на емисијата: „Не се плаши со Васил Василев“.

И на крај, она што може да се заклучи е дека начинот на којшто Василев ја позиционира својата порака е потполно идентичен со други „сејачи на магла“. Ред лавина од теории на заговор, па ред невистини, класични наративи на „запад против Русија“, кои вешто ги испреплетува и ги шири преку национална телевизија и преку својот канал на ЈуТјуб. А, сосема е извесно дека ова нема да биде последен пат Василев да се појави социјалните мрежи од регионот со вакви заговорнички сценарија со руски шмек.

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција