Доцни Зeлениот катастар на Скопје на чија подготовка се чека цела деценија

Градски парк Скопје, фото: Принтскрин

Проект: Воведување зелен катастар во Скопје.

Град Скопје ќе пристапи кон изработување катастар со претходно снимање на терен на постојните растителни видови со сите нивни карактеристики, број и вид на дрвни насади (старост, големина, вид, распространетост) и сето тоа ќе биде на ГИС подлога и ќе се ажурира континуирано. Рок: 2015-2017 година.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за воведување на зелен катастар во Скопје е најавен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (за локални избори 2013-2017 година во град Скопје, дел „Комунални дејности, подобрување на комуналните услуги и на јавната чистота“, стр.25), чиј кандидат и актуелен градоначалник е Коце Трајановски. Ова ветување е во тек.

Активностите за реализацијата на зелениот катастар се започнати во 2016 година, а беше најавено и дека истата година проектот ќе биде завршен. Но, според последните информации реализацијата на проектот ќе биде фазна со тоа што во 2017 година треба да се подготви документот, а следната година да се набави опрема за сите субјекти што ќе се грижат за зеленилото.Во имплементацијата на проектот вклучени се Градот Скопје, УНДП преку проектот “Зголемување на урбаната отпорност со примена на информатички комуникациски технологии за намалување на ризиците од катастрофи и климатски промени, ЈП “Паркови и зеленило” и Шумарскиот факултет. Геодетските снимања на терен ги врши компанијата Геофото зенит од Скопје, избрана со јавна набавка од страна на УНДП. За спроведување на овој проект Град Скопје обезбеди 1.300.000 денари во текот на 2015 година, 1.000.000 денари во текот на 2016 година и 16.000 евра се планирани за имплементација во текот на 2017 годна.

Зелениот катастар е документ (база) на чија подготовка се чека веќе една деценија. Според пописот од 2002 година, главниот град располага со 7,66 квадратни метри зеленило по глава по жител што е под препорачаната норма од 9 квадрати на Светската здравствена организација. После оваа статистика следеа масовните градежни зафати во главниот град кои експандираа на сметка на градското зеленило. Експертите долго време советуваа Градот Скопје да подготви зелен катастар за да се документира површината, сопственоста и квалитетот на зеленилото, во функција на урбанистичко планирање, а со крајна цел да се спречи натамошната пренамена на зеленилото во градежни цели. Притоа, особено е битно зелениот катастар да е веќе подготвен пред големи инвестициско-градежни подвизи како што има во град Скопје. Во 2013 година, граѓанската иницијатива „Плоштад Слобода“ спроведе попис на дрвјата во „Мал ринг“ во Центар, а резултатите беа презентирани во студијата „Состојби и тенденции за намалување на градското зеленило во Мал ринг во Скопје 2002-2017“. Според анализите во студијата, трендот на градење во последната деценија „изел“ дури 50 отсто од постојното зеленило во опфатот на строгиот центар. Причина за долгото доцнење во реализација на овој значаен проект е недостатоток на финансиски средства, како што е информирано од градот Скопје.

И покрај доцнењето на имплементацијата, имајќи предвид дека во тек се активности за реализација на проектот, а наведен рок во програмата е 2017 година,  ова ветување добива оценка „во тек“.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција