Џорџ Сорос и Володимир Зеленски не се татко и син

Фото: Принтскрин ФБ пост

Не е првпат на социјалните мрежи да се шират дезинформции за крвно сродство меѓу Зеленски и Сорос, но тие беа побиени од странските проверувачи на факти. Сервисите  на „Асошиејтед Прес“ и „Фактчек.орг“ веќе имаат разоткриено дека станува збор за дезинформација и дека двајцата не се во никаква роднинска врска

Не е првпат на социјалните мрежи да се шират дезинформции за крвно сродство меѓу Зеленски и Сорос, но тие беа побиени од странските проверувачи на факти. Сервисите  на „Асошиејтед Прес“ и „Фактчек.орг“ веќе имаат разоткриено дека станува збор за дезинформација и дека двајцата не се во никаква роднинска врска

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во којшто се вели дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и Џорџ Сорос се во крвно сродство, односно дека станува збор за син и татко.

Син и татко! Володимир Зеленски и Џорџ Сорос, пишува во постот што го рецензираме.

Но, ваквото тврдење не е поткрепено со никаков доказ. Не е јасно врз основа на што се заклучува дека Зеленски и Сорос се татко и син. Единствено, во рамките на постот е прикажана и фотографија од двајцата, на која треба да се воочи наводна сличност меѓу двете лица! И, толку.

Не е првпат на корисниците на социјалните мрежи да алудираат на крвно сродство меѓу Зеленски и Сорос. Претходно за нив двајцата се тврдеше дека се братучеди, но ова тврдење беше побиено од странските проверувачи на факти. Според тие лажни наводи, Зеленски и Сорос беа поврзани како наводни братучеди, базирано на наводен извор од Пентагон кој наводно тврдел дека украинскиот претседател и филантропистот и билионер, биле братучеди. Но, ниту еден од оние што ги ширеле овие шпекулации и дезинформации, не понудил какви било докази за наводното постоење на овој извор од Пентагон. За сервисот за проверка на факти „Фактчек.орг“, одделот за одбрана на САД изјавил дека никој од Пентагон не дал таква изјава. И од организацијата за филантропија на Сорос, Отворено Општество, во мејл за „Фактчек.орг“ изјавиле дека „тврдењето дека Џорџ Сорос е во сродство со некој што се појавува на вестите, во случајов украинскиот претседател, било база за многу конспирациски теории во минатото“.

И оваа конспирациска теорија, како и претходните е лажна, додале од Отворено Општество за Фактчек.орг.

Навистина, во минатото се дебанкирани голем број на дезинформации за крвно сродство на Џорџ Сорос, на пример со Адам Шиф и Грета Тунберг.

Инаку, проверувачите на факти на „Асошиејтед Прес“, исто така,  имаат разоткриено  дека Сорос и Зеленски не се во никаква роднинска врска и дека станува збор за дезинформација.

Осумдесет и девет годишниот Сорос има донирано милиони долари од своето лично богатство во либерални и анти-авторитарни каузи ширум светот, што го направи таргет на десницата, извести Асошиејтед Прес во 2020 година. 

Сорос, во соопштение објавено на неговата веб-страница на 26 февруари, само неколку денови по руската инвазија на Украина, информира дека е на страната на Украина и ги повика другите нации да ја поддржат Украина. Во тоа обраќање, тој не споменува никаква корелација со Зеленски.

Посведочив како Украина се трансформираше од колабирачки дел на Советскиот Сојуз, во либерална демократија и отворено општество. Украина се соочи со безброј случаи на руска агресија, но издржа, се вели во тоа соопштение и се додава дека Русија злоупотребува и треба да се повика на одговорност.

Во текст на „Ен Би Си“, насловен „Како теориите на заговор за Џорџ Сорос поттикнуваат обвиненија за соработка со Украина“ се наведува дека Сорос веќе долго време е мета на теоретичарите на заговори кои пласираат теза дека „Евреите го контролираат светот“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски , инаку, пораснал во јужноисточна Украина во еврејско семејство. Тој студирал право во Украина и имаше актерска кариера како комичар пред да стане претседател на демократски избори во 2019 година.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека Џорџ Сорос и Володимир Зеленски се татко и син.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција