ЕМА не издала предупредување дека ковид вакцините предизвикуваат спонтан абортус

Фото: Cindy Parks Pixabay

ЕМА соопшти дека открила докази кои покажуваат дека тешко менструално крварење може да се случи по вакцинацијата против ковид, заклучувајќи дека постои „разумна можност“ вакцините да го предизвикаат

ЕМА соопшти дека открила докази кои покажуваат дека тешко менструално крварење може да се случи по вакцинацијата против ковид, заклучувајќи дека постои „разумна можност“ вакцините да го предизвикаат, но никогаш не препорачала дека mRNA вакцините се поврзани со компликации со бременоста, т.е. со плодноста или со абортусот

 

Пост на Фејсбук тврди дека Европската Унија издала итно предупредување дека вакцините против ковид-19 се штетни за бремените жени и нивните плодови. Ова не е точно.

Сите жени што сте се цјепеле со МРНА цјепиво, а имате проблеми со неплодност, спонтани абортуси…да одите кај Црпнатиот, Филипче, Петличковски, Мехмедовиќ, Караџовски, новинарите…и сите оние кои ве убедуваа да се цјепите, да им поставите некое прашање !!!, стои во објавата која ја анализираме.

Постот споделува и напис  кој се повикува на текст објавен од порталот  „Експозе“ кој во текот на целата пандемија со ковид-19 ширеше дезинформациски наративи.

Во написот меѓу другото се посочува:

Како што објави expose-news.com, на 28 октомври 2022 година, ЕМА објави ново упатство во кое се наведува дека „обилното менструално крварење треба да се додаде на информациите за несакан ефект на производот со непозната честота за mRNA вакцините против COVID-19 Comirnaty (Pfizer) и Spikevax (Модерна). ЕМА вели дека обилно менструално крварење може да се дефинира како „крварење кое се карактеризира со зголемен волумен и/или времетраење што се меша со физичкиот, социјалниот, емоционалниот и материјалниот квалитет на животот на една личност, стои во написот.

Спротивно на оваа објава во која се тврди дека ЕМА „признала“ дека вакцината негативно влијае на женската плодност, Европската агенција за лекови (ЕМА) ги охрабрува бремените жени да се вакцинираат против ковид-19 и не кажала дека вакцините предизвикуваат женска неплодност.

Тврдењето изнесено во постот и во написот кој го споделува, се заснова на упатствата од безбедносниот комитет на EMA (PRAC), издадени во октомври 2022 година, кои препорачуваат ажурирање на можните несакани ефекти наведени во информациите за производот за вакцините за ковид на Moderna и Pfizer-BioNTech врз основа на извештаи за тешки менструални периоди за време на клиничките испитувања, во реалниот свет и во медицинската литература.

ЕМА тогаш соопшти дека открила докази кои покажуваат дека тешко менструално крварење може да се случи по вакцинацијата против ковид, заклучувајќи дека постои „разумна можност“ вакцините да го предизвикаат.

Сепак, портпаролот на ЕМА изјави дека тврдењата оти ЕМА ги советува бремените жени да не примаат вакцини за ковид-19 бидејќи тие би предизвикале неплодност, се лажни и погрешно толкување на одлуката на комитетот, пишува Ројтерс.

Од состанокот во октомври 2022 година, кој доведе до одлука на комитетот за проценка на ризици на ЕМА, PRAC, е заклучено дека „нема докази кои укажуваат на тоа дека менструалните нарушувања што ги доживуваат некои луѓе имаат какво било влијание врз репродукцијата и плодноста“.

ЕМА всушност ги охрабрува бремените жени да се вакцинираат.

Викторија Мејл, специјалист за имунологија и бременост и виш предавач на Империјал колеџ во Лондон, рече дека тешките периоди по вакцинацијата не се поврзани со намалена плодност и доказите покажуваат дека овие менструални промени се привремени.

Една студија на која се повикува Мејл, објавена на интернет во април 2023 година, го споредува менструалниот проток кај вакцинирани и невакцинирани лица, покажувајќи дека приближно 4 отсто од луѓето доживуваат потежок период од вообичаениот  веднаш по вакцинацијата, со менструација што се враќа во нормала следниот месец.

Стручниот колегиум на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство Скопје (ГАК), Комитетот за безбедно мајчинство на РСМ и Здружението на перинатолози на РСМ издаде препораки во врска со вакцинацијата против ковид-19 за време на бременост. Овие препораки кои Вистиномер ги има објавено, се базирани врз студии од светски релевантни медицински институти што се темелат на истражувања во кои се опфатени сериозен број испитаници од оваа категорија на женската популација.

Според овие препораки, вакцинацијата против ковид-19 се препорачува во бременоста, исто како и кај останатиот дел од популацијата. Вакцинацијата е најдобар начин на заштита од штетните ефекти на ковид-19 во бременоста, како за мајката така и за нејзиното бебе, вклучувајќи го предвременото породување и престојот во одделението за интензивна нега на новороденчето.

И Комисијата за заштита на населението од заразни болести препорача бремените жени да се вакцинираат и да се вратат на работните места. Исто, и Институтот за јавно здравје на својата веб страница официјално препорача да се вакцинираат бремените жени.

Вистиномер и претходно има дебанкирано вести кои тврделе дека вакцината против ковид е штетна за бремените жени.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека ЕМА не издала предупредување дека ковид-вакциите се штетни за бремените жени и дека предизвикуваат спонтан абортус. ЕМА, всушност, ги охрабрува бремените жени да се вакцинираат.

Според тоа, постот го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција