Фејсбук објава манипулира дека тие што носат маски имаат повеќе шанси да се заразат со коронавирусот

Фото: pxfuel

Преку Фејсбук објава се изнесени податоци со кои се манипулира и наведува јавноста на погрешно мислење, со што, пак, суптилно се пропагира да не се носи маска. Покрај ова, објавата, исто така, може да предизвика ширење на коронавирусот и дополнителни штетни последици

 

 

Преку Фејсбук објава се изнесени податоци со кои се манипулира и наведува јавноста на погрешно мислење, со што, пак, суптилно се пропагира да не се носи маска. Покрај ова, објавата, исто така, може да предизвика ширење на коронавирусот и дополнителни штетни последици.

КОЈ НАЈМНОГУ ЗАБОЛУВА ОД КОВИД-19?

71% од тие кои носат маски СЕКОГАШ

14% од тие кои носат маски ЧЕСТО

4% од тие кои НЕ НОСАТ маски

Ова е според Центарот за контрола на болести во САД, ЦКБ, страна 4

Се тврди дека 71% од тие кои што носат маски СЕКОГАШ заболуваат од Ковид-19, а од тие кои не носат маски заболуваат само 4%. Целта со ова тврдење е кај јавноста да се постигне впечатокот дека маската не е заштита од коронавирусот, туку, напротив, тие кои се придржуваат кон препораките од Светската здравствена организација (СЗО) за носење маски имаат многу поголеми шанси да заболат од вирусот отколку тие кои не носат маски воопшто.

 

НО ДАЛИ Е ТОА ТАКА?

Податоците се половично точни. Бројките како бројки се точни, но што тие значат и во кој контекст се користат? Податокот дека 71% од тие што носеле маски се заразиле е изваден од извештај на Центарот превенција и контрола на болести на САД, која е федерална агенција. Станува збор за извештај кој се однесува на податоци од јули 2020 година. Во извештајот навистина е наведено дека 71% од заболените пријавиле дека носеле платнени или друг вид на маски 14 дена пред почетокот на болеста. Она што не е наведено во манипулирачката Фејсбук објава е дека овие 71% носеле маска на јавни места. Тоа не значи дека тие СЕКОГАШ, како што тврди објавата, носеле маски, односно, не значи дека се придржувале на мерките со своите најблиски или дека не се групирале без маски на места што не се јавни. Однесувања кои, исто така, се ризични како и неносењето маска.

Впрочем, тоа го говорат и податоците од извештајот, кои што намерно не се пренесени во Фејсбук објавата со цел да се манипулира. Во извештајот по бројката од 71% се вели дека „42% од овие заразени имале близок контакт со лице заболено со Ковид-19, а на 51% од нив контактот им бил со блиски членови на фамилијата. Речиси една половина од нив пријавиле дека посетувале други лица во нивните домови и биле во групи поголеми од 10 лица.“

Друг важен фактор при носењето маски е начинот на кој што тие се носат. Сведоци сме дека многумина не ги носат маските правилно, односно не им се покриени устата и носот истовремено.

 

НОСЕЊЕТО МАСКИ СО ГОЛЕМА ПОДДРШКА

Податокот дека најголем број на заболени се оние кои носат маски е и разбирлив со оглед на тоа дека истражување на јавното мислење во САД покажува оти тројца од четворица Американци се залагаат луѓето да носат било каква прекривка на лицето додека не се наоѓаат во нивните домови. Тоа што огромен број од жителите на САД поддржуваат носење маски, значи дека меѓу нив ќе има и најмногу од заразените.

Ова само го потврдува фактот дека носењето на маска не е единствениот протокол, кој треба да се применува за максимална можна заштита пред пронаоѓање на вакцина. Носењето маска е само еден од трите најважни механизми при справувањето со вирусот, кој треба секогаш да оди „рака под рака“ со држењето на соодветна физичка дистанца, односно избегнување на групирање на повеќе лица и редовното миење на рацете.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција