Фотографијата со ѓубрето во коритото на Вардар е стара три години

Во објава на Фејсбук е прикажана стара фотографија од 2017 година на која се гледа купишта ѓубре во Вардар. Постот се споделува на социјалните мрежи и шири невистини дека фотографијата е снимена за време на викендот

Во објава на Фејсбук е прикажана стара фотографија од 2017 година на која се гледа купишта ѓубре во Вардар. Постот се споделува на социјалните мрежи и шири невистини дека фотографијата е снимена за време на викендот

 

Фотографија од купишта ѓубре во коритото на реката Вардар во центарот на Скопје ги разгневни корисниците на социјалните мрежи кои масовно ја споделуваа, најчесто со критика за градоначалникот и градските власти.

Нормално, кога ќе се погледне ваква фотографија, веднаш на ум ви паѓа да ја искритикувате градската администрација дека не си ја работи својата работа и дека дозволува ваква глетка да го грди централното градско подрачје.

Но, она што е важно да се знае, е дека фотографијата не е снимена овој декември, туку е стара цели три години. Со обично пребарување на „Гугл“ може да се забележи дека фотографијата за првпат е објавена на 2 декември во 2017 година, односно три години пред нејзиното повторно актуелизирање.

Каква само викенд честитка од Петре Шилегов до сите нас ?

Битно тој срцката весела во ова невреме лампиони ќе става за 200 000 евра и снег што не паѓа, ќе го чисти за 1.1 милион евра.

Сликава ја прати еден другар во инбокс.

Фотографијата и овој пост се објавени на Фејсбук страната „Урбанизам во Македонија“ која има 5.576 следачи. Тоа што во Фејсбук објавата се тврди дека фотографијата е снимена за време на викендот е невистина. Како потврда за автентичноста и актуелноста во објавата стои „сликава ја прати еден другар во инбокс“. Корисниците на социјалните мрежи, а особено администраторите на Фејсбук страници кои имаат неколку илјади следбеници, треба да бидат посебно внимателни и неколкупати да проверуваат пред да објавуваат нешто што им е испратено од трети лица. Вака, со непроверени шпекулативни информации и фотографии само се манипулира јавноста и се наведува да помисли нешто што не е вистина, а притоа се остава простор некој да собира и политички поени.

Фотографијата, која е во сопственост на новинската агенција МИА, е направена и објавена во медиумите после неколку дена интензивен дожд во декември 2017 година. Надојдената вода од западниот дел на Македонија тогаш го понела со себе и целото ѓубре од течението на реката Вардар при што нејзиното корито во близина на градскиот плоштад се наполнило со ѓубре и пластични шишиња.

Дека фотографијата е стара потврди и портпаролот на Град Скопје, Валон Салиху, на социјалната мрежа Твитер, каде што за споредба сподели и сегашна фотографија од истото место покрај Вардар каде што се забележува дека ѓубрето го нема и површината е исчистена.

Иако некои објави изгледаат интересни, ви пројавуваат емоции и добивате желба да ги споделите особено со пропратна критика, треба да одвоите уште неколку секунди од вашето време да проверите дали тоа што имате намера да го објавите е точно и проверено.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција