Фотографијата прикажана во Фејсбук објавата не е од зданието на Закерберг на Хаваи

Фото: Принтскрин фб пост

Фотографијата во објавата што ја рецензираме е стара и неповрзана со Марк Закерберг. Тој навистина гради станбен комплекс на Хаваи, меѓутоа вработените имаат потпишано договори за тајност, според кои нема да откриваат во јавност ништо од она што ќе го видат при работата и изградбата

Фотографијата во објавата што ја рецензираме е стара и неповрзана со Марк Закерберг. Тој навистина гради станбен комплекс на Хаваи, меѓутоа вработените имаат потпишано договори за тајност, според кои нема да откриваат во јавност ништо од она што ќе го видат при работата и изградбата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук (објава со слична содржина може да се пронајде и овде) во која пишува:

Ако, ако!
 Додека вие чекате некој левичар или десничар да ве спаси, Марк Цукерберг си изгради огромен подземен бункер.
 Марк Цукерберг гради станбен комплекс на хавајскиот остров Кауаи. Проектот предвидува подземен бункер од 500 квадратни метри со „врата отпорна на експлозија“. Се предлага и тунел, кој ќе ги поврзе неговите два дворца.

Во склоп на објавата има и фотографија, којашто воопшто не е од некаков подземен бункер на Марк Закерберг, како што тоа невистинито се тврди во објавата предмет на оваа рецензија, туку е стара со години.

На пребарувачот Тин Ај, за обратно пребарување на фотографии се појавува 684 пати. Најрано фотографијата се појавува на 24 ноември  2015 година на сајтот Ајриш Мирор Онлајн.

Фотографијата за која во постот што го рецензираме невистинито се тврди дека е од станбен комплекс на Марк Закерберг, всушност е „3Д фотографија од имотот што е на продажба за 11.57 милиони фунти” а кој имот е наведен во објавата на Ајриш Мирор Онлајн од 2015 година со наслов „Ултимативна човечка пештера? Подземен бункер способен да издржи нуклеарен удар, може да биде ваш за 11.5 милиони фунти“.

Ако се плашите од нуклеарен напад, овој уникатен имот може да биде вашиот дом од соништата, бидејќи е способен да издржи експлозија од 20 килотони. Но, оваа екстра сигурност доаѓа по цена од 11.57 милиони долари, да бидеме попрецизни. Единствениот луксузен имот очигледно е спремен да издржи и други потенцијални закани вклучително и природни катастрофи, цивилни вознемирувања и терористички напади. Се наоѓа во близина на Савана во Џорџија САД, овој имот е изграден во 1969 година.

Во 2012 година беше реновиран и доведен до стандарди кои кореспондираат со оние како за влада. Според листингот, ова е единствениот приватно поседуван бункер од ваков тип во САД. Заштитата се состои во дебели ѕидови, соба за медицинска сестра, туш кабина со деконтаминација и систем за надгледување (видео надзор) вреден 67,500 фунти, пишува во текстот на Ајриш Мирор Онлајн.

Инаку, повеќе светски медиуми меѓу кои и Вајрд деновиве известуваат дека Марк Закерберг гради здание на Хаваи (на островот Кауаи)  вредно 100 милиони долари со план за голем подземен бункер.

Како што пишува Вајрд, тие добиле бројни документи преку слободен пристап до информации од јавен карактер, кои го покажуваат проектот на Закерберг. Инаку, сите вработени на изградбата мора да потпишат договор за тајност, односно да се обврзат дека нема да зборуваат за него, а неколкумина што објавиле фотографии од изградбата, според текстот на Вајрд, биле отпуштени.

Закерберг го купил земјиштето во серија зделки од 2014 до денес, зданието го носи името Кулау Ранч, предвидува подземно скривалиште, сопствени извори на вода и струја и врата отпорна на експлозии. Малку е познато за оваа градба, со оглед на тоа што изградбата се држи во строга тајност. Зданието според Вајрд има повеќе од 12 градби со вкупно 30 спални, а во средината има две вили со големина на професионално фудбалско игралиште, со многу лифтови, канцеларии, конференциски сали и индустриска кујна.

Поради сите горенаведени факти,  оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Точно е дека Марк Закерберг гради здание на Хаваи коешто ќе содржи подземен простор и ќе има врата отпорна на експлозија. Според текстот на Вајрд точно е тоа дека ќе има тунел што ќе ги поврзува двете главни згради со подземниот простор. Меѓутоа, фотографијата прикажана во објавата што ја рецензираме не е од зданието на Закерберг. Фотографијата е стара и не е поврзана со Закерберг, па затоа сметаме дека објавата е со пропуштен контекст.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција