Фотографијата во овој пост не е од Месечината, туку од саемски изложена реплика во Атланта

Фото: Принтскрин ФБ пост

Фотографијата од Вернер Вон Браун не е снимена на Mесечината,  туку на саемска реплика изложена во Атланта неколку месеци по слетувањето на Месечината. Прикажувањето на фотографијата  без наведувањето на контекстот остава простор за манипулации и засилување на веќе постоечките теории на заговор поврзани со тоа дека слетувањето на Mесечината никогаш не се случило и било инсценирано во студио

Фотографијата од Вернер Вон Браун не е снимена на Mесечината,  туку на саемска реплика изложена во Атланта неколку месеци по слетувањето на Месечината. Прикажувањето на фотографијата  без наведувањето на контекстот остава простор за манипулации и засилување на веќе постоечките теории на заговор поврзани со тоа дека слетувањето на Mесечината никогаш не се случило и било инсценирано во студио

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Она кога ке прошеташ на месечината…
Вернер Вон Браун, првиот директор на НАСА. Екс-наци ракетен инжинер. И то..
Во рамките на постот е прикажана и фотографија која имплицира дека слетувањето на Месечината било лажно.
Фотографијата од Вернер Вон Браун не е снимена на Mесечината, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Сликата е фотографирана на реплика од слетувањето на Месечината изложена на саем во Атланта во 1969 година.

Начинот на кој е претставена оваа фотографија, без наведувањето на контекстот дека не е навистина снимена на Mесечината, остава простор за манипулирање со јавното мислење и засилување на веќе постоечките теории на заговор поврзани со тоа дека слетувањето на Mесечината никогаш не се случило и било инсценирано во студио (веќе распространета лажна теза од страна на теоретичарите на заговори).

Вистиномер веќе рецензираше слични содржини, односно други фотографии за кои, исто така, се инсинуираше дека покажуваат дека слетувањето на месечината никогаш не се случило, како што може да видите овде.

Во конкретниот случај во постот што е предмет на нашата рецензија, станува збор за фотографија од Вон Браун која е објавена од страна на весникот Јунајтед Прес Интернешнал. Во насловот од нивниот текст, како што забележуваат проверувачите на факти на Лоџикали,  пишува:

Доктор Вон Браун се прошета на идентична реплика од мисијата за слетување на Месечината Аполо 11, откако официјално ја отвори изложбата на Саут Истерн саемот во Атланта.

Ова исто така беше потврдено од страна на проверувачите на факти на Сноупс во 2020 година, каде наведено е дека фотографијата е од саемот во Атланта, од изложба на идентична реплика од мисијата Аполо 11.

Фотографијата во постот што го рецензираме е направена во септември 1969 година, а слетувањето на месечината се случи во јули истата година, односно неколку месеци порано. Не е точно дека фотографијата е од вистинската мисија, туку од реплика која била саемски изложена!

Според НАСА, Вон Браун е со контроверзно минато. Пред да се приклучи на НАСА  тој бил член на нацистичката партија, но после војната работел на проекти кои помогнале да се создадат ракети за вселенски летови. Ништо не сугерира дека бил инволвиран во конспирација да се изглуми слетувањето на Месечината.

Гардијан во 2019 година пишува дека потребни беа 400 илјади вработени во НАСА и изведувачи за да слетаат Нил Армстронг и Баз Олдрин на Месечината во 1969 година, ама само еден човек беше доволен за да се рашири идејата дека сето тоа е лага, а тој човек е Бил Кејсинг. Кејсинг бил вработен меѓу 1956 и 1963 година во фирмата Рокетдајн, којашто помогнала да се изработат моторите на ракетата Сатурн 5. Во 1976 година, тој сам објавил памфлет со наслов „Никогаш не отидовме на Месечината , американска измама од триесет милијарди долари“ .

И покрај огромниот број физички докази, вклучително и 382 килограми камења собрани од Месечината во текот на шест мисии, сепак сè уште има луѓе кои веруваат дека мисиите на Месечината никогаш не се оствариле туку дека станува збор за голема измама, пишува Гардијан.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот што го рецензираме е со пропуштен контекст. Фотографијата во постот не е снимена на Месечината, туку на саемска реплика изложена во Атланта неколку месеци по слетувањето на месечината.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција