Германија не воведува четиридневна работна недела, туку во 45 компании се спроведува пилот-проект

Бранденбуршка порта, Берлин Фото: Nikolaus BaderPixabay

Четиридневна работна недела е експеримент проект што се тестира од први февруари во 45 компании во Германија и ќе трае шест месеци. Ова никако не значи дека во Германија е воведено ново правило за четири работни дена. Такво нешто не е поддржано ниту од германските политичари, ниту е потврдено со закон, ниту важи за секого и секаде во Германија

Четиридневна работна недела е експериментален проект што се тестира од први февруари во 45 компании во Германија и ќе трае шест месеци. Ова никако не значи дека во Германија е воведено ново правило за четири работни дена. Такво нешто не е поддржано ниту од германските политичари, ниту е потврдено со закон, ниту важи за секого и секаде во Германија

 

 

На објава на социјалната мрежа Фејсбук се споделува тврдење дека во Германија е воведена работна недела којашто ќе трае четири, наместо пет дена, за истата плата. Ова тврдење е манипулација, на објавата ѝ недостасува соодветен контекст, а како таква е споделена и на веб-портал.

Германија воведува четири дневна работна недела за истата плата.

Кај нас како да се украде работникот.

Ај добро утро, пишува во објавата.

Наместо пет работни дена во неделата, како што е стандардот, на Фејсбук се тврди дека Германија воведува работна недела во која ќе се работи еден ден помалку, односно четири работни дена и тоа за истата платата.

Ова тврдење е манипулација затоа што кога корисниците на социјалната мрежа ќе го прочитаат напишаното без соодветен контекст, може да донесат погрешен заклучок и да помислат дека ова е некој нов закон во Германија што е веќе усвоен, се применува насегаде и важи за секого. Но, тоа не е така.

Имено, станува збор за пилот-проект, односно експеримент којшто се спроведува во некои германски компании почнувајќи од први февруари. Но, ова никако не значи дека важи за сите во Германија или дека ова ќе биде правило што ќе се применува секаде во оваа држава, почнувајќи од овој месец.

Дел од овој пилот проект, за експериментална работна недела од четири дена се вработените во многу мал број на компании. Во февруари само 45 компании и организации во најголемата европска економија ќе воведат четиридневна работна недела и тоа во ограничено времетрање од шест месеци односно половина година. Вработените и понатаму ќе ја земаат целосната плата. Иницијативата е предводена од консултантската фирма Intraprenör во соработка со непрофитната организација 4 Day Week Global (4DWG).

Застапниците на овој експеримент тврдат дека четиридневната работна недела ќе ја зголеми продуктивноста на работниците и, како последица на тоа ќе помогне да се намали недостигот на квалификувана работна сила во земјата. Германија, иако има долгогодишна репутација за трудољубивост и ефикасност, сепак во последниве години бележи опаѓање на продуктивноста.

Проектот е веќе ставен на тест надвор од Германија. Од 2019 година, 4DWG спроведува пилот програми низ целиот свет – од Обединетото Кралство и Јужна Африка до Австралија, Ирска и САД. Над 500 компании учествуваат во експериментот, а раните резултати се чини дека фаворизираат пократка работна недела.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер, упати поостри критики за пократката недела, велејќи дека таквиот потег ќе го загрози економскиот раст и германскиот просперитет.

Никогаш во историјата, едно општество не го зголемило својот просперитет работејќи помалку, рече Линднер.

Законските работни денови во Германија се од понеделник до сабота, но за повеќето работници, стандардната работна недела е од понеделник до петок, од 8 или 9 до 17 часот. Вообичаено, работното време не треба да надминува 8 часа дневно. Но, на вработените им е дозволено да работат до 10 часа дневно, доколку вкупното неделно работно време не е подолго од 48 часа..

Според сите набројани факти заклучуваме дека на Фејсбук објавата што ја рецензираме ѝ недостасува соодветен контекст. Германија не воведува работна недела од 4 дена, тоа не е поддржано ниту од германските политичари, ниту е потврдено со закон, ниту важи за секого и секаде во Германија. Станува збор за експериментален проект што се применува во само 45 компании во Германија во траење од шест месеци.

 

Овој напис е дел од заеднички проект на над 50 организации под водство на Европската мрежа за стандари при проверката на факти за справување со дезинформациите околу европските избори во 2024 година. Повеќе можете да дознаете на elections24.efcsn.com

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција