Главниот уредник на A2CNN, Узеири: Намалувањето на платите не ги запре новинарите

COVID-19 кај медиумите во Албанија влијаеше на разни начини. Во едно интервју за Portalb.mk, Елерт Узеири, главен уредник на A2CNN објаснува за предизвиците со кои се соочило новинарството за време на пандемијата. Узеири вели дека потешкотиите ги натерале новинарите да ја вршат својата професија на уште поодговорен начин

 

Пишува: Дрен Гргури

Како COVID-19 го трансформира новинарството во Албанија?

Узеири: Oвој период не беше добар, не само од човечки аспект кој е и најважен, туку и од професионален. Ова е почуствувано многу и во медиумите, посебно за оние новинари и репортери кои својата работа ја вршеа на терен. Според моето мислење (и врз основа на моето искуство во A2CNN овие месеци), тие станаа почувствителни, станаа поодговорни, бараат и истражуваат повеќе. Во тој близок контакт со ситуацијата, однесувањето, стравот, заштитата и незадоволството на луѓето, тие успеаја да го извлечат најдоброто од себе. Иако во многу случаи било потребно да го почитуваат физичкото дистанцирање, новинарите создадоа еден подобар пристап кон секојдневието, уредничките насоки и јасноста во информирањето на јавноста. Бидејќи се работи за многу чувствително прашање, ова придонесе да бидат крајно внимателни, за секој  кажан или напишан збор, за секое прашање, за секоја направена снимка, останувајќи во граници на етиката, без да загрозуваат и да шират паника, пред се почитувајќи го гласот на професионалците.

Кои дигитални начини/методи ги употребуваат новинарите за да комуницираат со своите извори и дали мислите дека тие сега се поотворени за комуникација со дигиталните уреди за разлика од периодот пред пандемијата?

Узеири: Ние живееме во една дигитална ера и како никогаш досега дигиталната ера ни помогна да се поврземе во овој период. Во овој период, сите апликации на мобилната телефонија станаа извор за поврзување за остварување на интервјуа, или за праќање на видеа, слики и информации. Квалитетот на сликата и тонот не беше најдобриот што може да биде, но беше прифатлив за емитувањата и мислам дека тоа ќе остане и во иднина како една помошна алатка за многу телевизии. И новинарите и репортерите во ова време се здобија со некои нови комуникациски изрази, кои ѝм послужија многу добро во нивната работа.

 

Институциите останаа со ограничени информации

Од ваша гледна точка, дали институциите и компаниите објавуваат повеќе податоци на интернет за разлика од порано и дали сте забележиле разлика во квалитетот на податоците и информациите?

Узеири: Што се однесува до Албанија, мислам дека нема некоја голема промена. Тука кај нас, државните институции се многу херметички и информациите секогаш се многу ограничени, со структуирани соопштенија и без простор за да се информира колку што треба. Мислам дека треба да има поголема транспарентност и повеќе информации.

Каков е вашиот впечаток – дали довербата на публиката во известувањето од страна на медиумите е зголемена, намалена или останала иста за време на пандемијата?

Узеири: Осврнувајќи се на A2CNN мислам дека во овој период довербата е видно зголемена и ова го покажуваат бројките со кои располагаме од нашите податоци. Исто така, ова се гледа и од интересот кој го покажуваат гостите кои учествуваат во интревјуа или кои гостуваат во нашите студија.  Како што реков и претходно, медиумите биле многу поодговорни и повнимателни при пренесување на информациите и ова напарави публиката да ги следи медиумите со поголемо внимание.

Колкав труд вложиле медиумските компании за га ги исполнат потребните услови за работа на новинарите за време на кризата со пандемијата и кои се реформите за поддршка?

Узеири: Здравјето на вработените е најважното нешто, затоа и грижата за секој од нив беше максимална. Новинарите цело време се снабдени со заштитни маски, нараквици и средства за дезинфекција, а и во работните простории правена е секојдневна дезинфекција. Во студио се почитува социјалното дистанцирање меѓу презентерите, како и за снимателите и другиот технички персонал. Исто така се дезинфицираа и средствата за работа, камерите и микрофоните и се покриваа со привремен заштител слој.

 

Ниту еден медиум не беше затворен – настрадаа платите

Како влијаеше COVID-19 врз одржливоста на медиумите и безбедноста на работата на новинарите во Албанија?

Узеири: За среќа не е затворен ниту еден медиум, а што се однесува до платите, во многу медиуми имаше намалување на платите. Ова е еден многу тежок период. Мислам дека и државата можеби требаше да има еден друг пристап кон медиумите.

Кои аспекти на работата и животот на новинарите беа најпогодени за време на пандемијата?

Узеири: Несомнено најважниот аспект беше ризикот од зараза со вирусот, затоа што тогаш тоа ќе предизвикаше една верижна реакција, и во понатамошните контакти ќе се заразеа и нивните колеги, пријатели или нивните семејства.

Кои методи за борба против дезинформациите се практикуваат во медиумите во Албанија?

Узеири: Борбата против дезинформирањето се води само со професионализам. Еден квалитетен медиум известува на професионален начин, со потврдени информации и официјални извори, вршејќи проверка на фактите или внимателно истражување. Ова е работа на уредниците, главните уредници, продуцентите кои треба да ја зголемат внимателноста и да бараат double check на информациите и изворите кои ги користат репортерите и новинарите.

Кои се главните извори на дезинформациите во Албанија?

Узеири: Мислам дека дезинформациите се шират преку социјалните мрежи. Одредени лица, а неретко и лица кои се вклучени во политиката биле извори на дезинформации, и потоа медиумите станале жртви на овие информации кои завршиле на телевизија, радио, весници и интернет страни.

Дали интензитетот на дезинформациите сега е ист како и пред почетокот на пандемијата и што мислите вие за видот на дезинформациите споделени во овој период?

Узеири: Имам впечаток дека поголемиот дел од медиумите, тие посериозните, беа повниимателни држејќи се настрана од дезинформациите.

Дали пандемијата влијаеше врз пристапот до информации?

Узеири: Новинарите сега се поосетливи и природно подетални во својата работа.  Зголемена е одговорноста кон задачите и мислам дека овие се вредности кои не сме можеле да ги зачнеме порано. Јас велам дека по оваа пандемија ние ќе бидеме подобри новинари.

 

Премиерот ги навреди медиумите

Кои закани за слободата на медиумите се појавија за време на пандемијата?

Узеири: Како што знаете, премиерот на Албанија за медиумите вели дека се еден „голем казан“, што верувам дека е една голема навреда. Во првите денови на карантинот, самиот премиер ги употреби главните компании на мобилната телефонија за да ја споделат неговата порака за социјално дистанцирање, но меѓу другото, тој бараше од јавноста да не комуницира со медиумите. Тоа не е само навреда, туку и повреда на слободата на медиумите.

Дали сте позагрижени за својата приватност сега кога еден голем дел од комуникацијата се одвива online или преку телефон?

Узеири: Во една ваква ера, кога технологијата продира доста длабоко, приватноста ни е украдена уште одамна и ова создало имунитет кај новинарската заедница, не страв.

Ако може да го замислите новинарството по пандемијата, како би изгледало тоа и кои мислите дека ќе бидат трајните/долгорочните последици од пандемијата и по нејзиното завршување?

Узеири: Јас се надевам дека по пандемијата новинарството ќе биде поодговорно, повнимателно, пореално. Сето ова не натера да сфатиме дека медиумите се многу важни и дека не се приватни субјекти, на една индивидуа или на некоја група, туку дека тие се богатство на една земја и ѝ припаѓаат на својата публика.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција