Хитлер немал еврејска крв, како што тврди Лавров

Еврејска заедница - Скопје, влез. Фото: Вистиномер, 2022 г.

Изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој рече дека верува дека Хитлер, како и Зеленски, имал еврејска крв, предизвика лавина негативни реакции од страна на еврејскиот народ, барања за извинување и дипломатски реакции. Но, Хитлер нема еврејска крв. Неговиот татко, Алоис, бил непризнаено дете а дедо му не бил познат, вели австрискиот историчар Роман Сандгрубер, кој ја објавил првата биографија на Хитлер

Изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека верува оти Хитлер, како и Зеленски, имал еврејска крв, предизвика лавина негативни реакции од страна на еврејскиот народ, барања за извинување и дипломатски реакции. Но, Хитлер нема еврејска крв. Неговиот татко, Алоис, бил непризнаено дете, а дедо му не бил познат, вели австрискиот историчар Роман Сандгрубер, кој ја објавил првата биографија на Хитлер

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува медиумски напис со наслов „Лавров: Тоа што Зеленски е Евреин не ги негира нацистичките елементи на Украина”.

Во текстот се споделува изјава од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој во интервју за италијанска телевизија ја нападнал Украина и нејзиниот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека фактот што тој е Евреин, не ги негира нацистичките елементи во неговата земја.

Верувам дека и Адолф Хитлер имал еврејска крв во себе, додал Лавров, а се пренесува во постот што го рецензираме.

Меѓутоа, не е точно дека Хитлер имал еврејска крв. Изјавата на Лавров предизвика лавина негативни реакции од страна на еврејскиот народ, барања за извинување и дипломатски реакции.

Па така, Израел го повика рускиот амбасадор во државата да ги елаборира коментарите на Лавров за нацизмот и антисемитизмот. Изјавата дека Хитлер имал еврејско потекло министерот за надворешни работи на Израел Јаир Лапид ја нарече „непростлива и скандалозна ужасна историска грешка“.

Како што пишува Гласот на Америка, острата реакција на Лапид се разликува од досегашната позиција на Израел за воената инвазија на Русија во Украина, која што се движеше во рамките на неутралноста.

 

Од каде потекнува старата теорија на заговор дека Хитлер имал еврејска крв?

Уште во дваесетите години на минатиот век постоела теоријата на заговор која деновиве ја актуелизираше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Таа се однесува на идентитетот на дедото на Хитлер од страната на татко му и е само најнова верзија на веќе старите приказни кои не се темелат на докажани факти.

Татко му на Хитлер, Алоис, бил непризнаено дете, а дедо му не бил познат, вели австрискиот историчар Роман Сандгрубер за АФП.

Сандгрубер, кој ја објавил првата биографија на Алоис Хитлер, објаснил дека гласините прво почнале да циркулираат во дваесетите години на минатиот век, во екот на растот на моќта на Хитлер. Теоријата особено била поттикната и охрабрувана од политичките ривали на нацистичкиот лидер Хитлер, особено во времето кога почнал да ја презема контролата врз Германија во 1933. Потоа, приказната заживеала во мемоарите на нацистичкиот воен криминалец Ханс Френк, кој ја водел окупирана Полска за време на војната и ја оживеал приказната. Во неговите мемоари објавени по 1946 година, Френк кажал дека тајно го истражувал семејното дрво на Хитлер, на барање на самиот Хитлер.

Бабата на Хитлер од страната на таткото, Марија Ана Шиклгрубер, го родила Алоис во 1837 година. Френк тврдел дека открил оти во тоа време таа работела како готвачка за еврејско семејство со името Франкенбергер, во австрискиот град Грац. Нејзиниот работодавач ѝ плаќал пари за издршка, додека Алоис наполнил 14 години, напишал Франк, тврдејќи дека тоа може да се докаже преку писмата што таа ги разменувала со семејството. Френк додал дека Хитлер му рекол оти баба му и идниот нејзин сопруг му дозволиле на Евреинот да мисли дека тој е таткото, за да можат да му земаат пари.

Како што пишуваат странски медиуми, тврдењето дека дедо му на Хитлер бил извесен Леополд Франкенбергер треба да се отфрли, зошто такво лице не било регистрирано во дадениот временски период, Евреи да живеат во Стирија било недозволено и нелегално 400 години, а станало дозволено децении откако се родил Алоис.

Историчарите се многу скептични.

Според Сандгрубер, нема докази кои можат да ја потврдат оваа верзија. Еден од проблемите е тоа што Евреите во времето кога се родил таткото на Хитлер немале право да живеат во Грац. Така што, кој е дедото на Хитлер е неодговорено прашање.

Нема историски докази за ништо од овие тврдења. Дополнително, бабата на Хитлер по татко, Марија, била католик.

Премиерот на Израел Нафтали Бенет, ги отфрли коментарите на Лавров како лаги и го викна рускиот амбасадор во Израел да даде објаснување за овие тврдења.

Евреите не се убиваа самите себе во холокаустот, рече Лапид додавајќи дека оваа изјава е најлошиот вид антисемитизам.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека Хитлер имал еврејска крв. Од почетокот на воената инвазија на Русија во Украина се прават константни обиди да се оправда истата со наводна денацификација на Украина. На тој начин, се прави обид да биде оправдана класичната руска агресија во Украина.


Qries

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција