Хрватски портал „жали“ за заробената држава „некогаш позната како Македонија“

Хрватскиот портал Otvoreno.hr во текст посветен на актуелната политичка состојба во Република Северна Македонија, насловен „Ништо ново во експерименталната држава некогаш позната како Македонија“ (Ništa novo u eksperimentalnoj državi nekad znanoj kao Makedonija) и објавен на 12 мај 2020 г., изнесува редици дезинформации, но и историски невистини. Овој текст го пренесоа и неколку домашни портали , преведен во интергрална верзија или постирајќи линк до неговата изворна верзија.

 

Пишува. Стојан Синадинов

 

На почетокот авторот на текстот ни раскажува дека се „думал“ што да пишува за неговиот неделен блог, но кога ја прочитал веста со аферата за новоиздадената поштенска марка во Северна Македонија во чест на хрватското претседателствување во Европската Унија и хрватската поддршка на македонските ЕУ аспирации, решил да ѝ се посвети на таа тема, но „проширена и надградена“ со историски настани кои се протегаат во временски распон поголем од еден век.

Македонската пошта веднаш им се извини на државите засегнати со грешката на марката на која хрватската држава беше претставена во границите на озогласената фашистичка творба „Независна држава Хрватска“ од Втората светска војна, но хрватскиот портал и неговите политичко-идеолошки блиски македонски портали не ја прошуштија можноста за пренесување на проблематичните ставови.

Во стилот на балканските „игри со граници“, текстот „шпарта“ од грешката на поштенската марка со „Голема Хрватска“, па сè до „Голема Албанија“. Во текстот се наведува:

Авторите на марката не и сакаат ништо добро на Хрватска, но  пораката што ја испраќаат до македонската јавност е дека некои политички актери, или барем нивното членство и платените гласачи, не заборавиле на големо-албанската балистичка прослава на стогодишнината на албанското знаме во Скопје. Тогаш, пред осум години, претседателите на трите албански ентитети, две држави и албанската заедница во (Северна) Македонија, се колнеа во единството на лабанскиот простор и ветувањето на големите сили од 1912 година дека Албанците за стотина години ќе живеат во една држава.

ИСТОРИСКИ ФАКТИ

Малку е „чудно“ што авторот на текстот знае дека наводните креатори на „Голема Албанија“ имале визија за повеќе од сто години. Како и „Независната држава Хрватска“, така и концептот „Голема Албанија“ – во границите од 1913, делумно се имплементирал само за време на Втората светска војна како фашистичка творба. Историските факти велат дека Албанија ја стекнала државноста по распаѓањето на Османлиското Царство во 1912 година, а паралелно со распадот и на Австроунгарската монархија се формирани и други држави на Балканот, чии државни статуси и граници се менувале во Втората светска војна, па сè до распадот на СФР Југославија. Од 2009 година Албанија е членка на НАТО.

Текстот понатаму преоѓа на „Тиранската платформа“ од пред три години, како прв чекор во остварувањето на проектот „Голема Албанија“. „Тиранската платформа“ беше главниот адут за политичко застрашување на гласачкото тело во Македонија – но имаше и регионални импликации, пред сè со улогата на Србија – пред парламентарните избори во 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта.

За авторот на овој текст таа фантомска платформа го означила кршењето на Охрискиот договор во повеќе насоки:

Прва е создавањето на сеалбанската коалиција, што со тој (Охриски) договор беше оневозможено, бидејќи изборните победници од двата народи формираа влада. Другата е тежнеење кон двојазичност на територијата на цела (Северна) Македонија, дури и таму каде што нема Албанци. Својата најсилна порака Тиранската коалиција ја покажа кога при конституирањето на Собранието е интонирана албанската химна пред македонската.

Ставовите во овие три реченици се неточни. Најпрвин, непишаниот договор партиите со најмногу гласови во македонскиот и албанскиот политички кампус да формираат влада беше прекршен од страна на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, кога таа партија формираше владина коалиција со ДПА, наместо со ДУИ, која имаше повеќе освоени гласови, па во мај 2008 година беше конструиран нов „непишан“ договор, во кој според „Викиликс“ е опфатена и двојазичноста. Кога се работи за „интонирањето на албанската химна“, се работи за пеење на албанската химна во добро познатите настани од 27 април 2017 година, за кои во моментов се води судски процес. Според најновото сведочење во тој судски процес:

 Настаните кои му претходеа на упадот во собранието на 27 април беа смислено сценарио во кое не учествуваа само пратениците од ВМРО – ДПМНЕ туку и пратеникот Зекирија Ибираими кој ја пееше албанската хима од Собраниската говорница – сведоштво на поранешниот пратеник Весел Мемеди (15.05.2020) на рочиштето на судскиот процес за организаторите на насилствата во Собранието, кој исто така кажа дека: „и сега и за 15 години ќе го мисли и тврди истото“.

 

ТЕНДЕНЦИОЗНОСТ И НАВИВАЊЕ

Во текстот на хрватскиот портал се наведува и бизарноста дека, наводно, Зоран Заев бил „познат навивач на Шкендија“, и дека подготвувал апсење на сопственикот на европскиот ракометен првак „Вардар“, Сергеј Самсоненко, само затоа што бил Русин!

Напротив. Самсоненко јавно изјавуваше дека негов близок соработник сакал да го ограби. Наспроти наводите од текстот, владата предводена од СДСМ и Заев го наградија ракометниот клуб „Вардар“ со половина милион евра по успехот во Европа.

Понатаму,  текстот  продолжува со апосторфирањето на македонската нација како „експериментална“, додавајќи дека експериментот успеал, но…

Слаба среќа. Ниту НАТО ниту Европската Унија не се заедници или сојузи на експериментални држави, туку на суверени национални држави, со одреден европски и вредносен систем.

Потоа наведувајќи дека ветото (и исламофобијата) на францускиот претседател Макрон времено го стопираше доделувањето датум за преговори на С. Македонија со ЕУ, порталот погрешно заклучува дека тоа довело до пад на Владата и формирање техничка влада на сите парламентарни партии до изборите, кои се одложени заради пандемијата.

Владата предводена од СДСМ не паднала, бидејќи и не се гласало за нејзина доверба, туку беа распишани предвремени парламентарни избори. Интересно е што формулацијата „пад на владата“ пред некој ден го употреби и рускиот портал „Спутник“ на српски јазик.

Експериментаторите го издадоа (Заев, заб. н.) и би можел да ја изгуби власта на одложените избори, бидејќи ниту во земјата на му оди најдобро, дупката во буџетот е голема, економијата е во голем колапс, а проевропската власт не беше во состојба да донесе два авиони со заштитна опрема против короната без телефонските повици на шефот на опозицијата Христијан Мицковски (од ВМРО-ДПМНЕ) во Унгарија и Словенија. Земји кои Заев ги нарекува фашистички, но затоа не пропушти да се фотографира со министерот за надворешни работи на Унгарија, на негово барање, вели порталот.

Податоците за економијата во целиот свет се загрижувачки, но Македонија е оценета како земја во која ќе има рецесија, но и најмалку последици од останатите земји во регионот.

Македонија и припаѓа на Европа, нејзините граѓани го сакаат Западот и се надеваат дека во евроатлантските интеграции ќе влезат со власт која ќе знае да ги брани нивните национални интереси, односно дека нема да допушта понатамошни експерименти, заклучува порталот на крајот од текстот.

Видливо е за која политичко-идеолошка опција во Македонија навива авторот на текстот. Но, тој негов став нема елементарна политичка логика: евроатлантските интергации на Македонија веќе се започнати, и тоа по скапата цена на промена на уставното име. Па, се поставува прашањето кој ги бранел, а кој не ги бранел, националните интереси изминативе децении со нерешавањето на тој толку сложен проблем со името и на останатите проблеми со соседите. Хрватскиот портал дава искривен и пристрасен одговор на ова прашање.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција