Српски „Спутник“ повторно дезинформира – Во Северна Македонија нема поделеност за НАТО

Фото: Принтскрин

Руската државна новинска агенција „Спутник“ во изданието на српски јазик на 10. мај 2020 г. објави напис насловен: „Завршувањето на работите со Косово, за НАТО е отскочна штица кон Русија“ („Завршавање посла са Косовом, за НАТО је одскочна даска према Русији“), кој периферно ја спомнува и Севрена Македонија,  изнесувајќи притоа неколку дезинформации. Поточно, пласирани се невистини околу наводната „поделеност на Северна Македонија за НАТО“, за тоа дека „неславно паднала  владата на Заев“, како и за рејтингот на двете најголеми партии во македонскиот блок – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Руската државна новинска агенција „Спутник“ во изданието на српски јазик на 10. мај 2020 г. објави напис насловен: „Завршувањето на работите со Косово, за НАТО е отскочна штица кон Русија“ („Завршавање посла са Косовом, за НАТО је одскочна даска према Русији“), кој периферно ја спомнува и Севрена Македонија,  изнесувајќи притоа неколку дезинформации. Поточно, пласирани се невистини околу наводната „поделеност на Северна Македонија за НАТО“, за тоа дека „неславно паднала  владата на Заев“, како и за рејтингот на двете најголеми партии во македонскиот блок – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Тврдењето дека македонската јавност е поделена во однос на НАТО нема врска со реалноста. На крајот на март Република Северна Македонија и официјално стана  30-та членка на НАТО. Членството во Алијансата го поддржуваат сите етнички заедници и тоа во огромно мнозинство, бидејќи во НАТО препознаваат фактор на зачувување на стабилноста и на внатрешната кохезија на државата. Патот кон НАТО  траеше речиси три децении и на ова долго патешествие имаше многу премрежија. Некогаш бевме и деморализирани – како во 2008 година кога извисивме на самитот во Букурешт, но факт е дека секогаш граѓаните давале силна поддршка за да станеме дел од најмоќниот воено-политички сојуз. Тоа јасно го покажуваат анкетите правени во изминатиот период од кои може да се види дека поддршката  достигнала и до 92 проценти (април 2008 пред самитот на НАТО во Букурешт) и никогаш не паднала под 60 отсто.

 

ЦВРСТА ПОДДРШКА ЗА ЧЛЕНСТВОТО ВО НАТО

Тука ќе споменеме само неколку истражувања:

Теренската анкетата што ја спроведе Меѓународниот републикански институт, ИРИ од 28 јуни до 15 јули 2018 година (во периодот на Преспанскиот договор) на 1.100 испитаници, покажува  дека  поддршката за  членството во НАТО изнесува 77 отсто.

Анкетата на ИРИ спроведена од 19 до 25 април 2016 година, на примерок по случаен избор од 1.104 македонски граѓани на возраст од 18 години и постари, покажа дека поддршката на македонските граѓани за членството на Македонија во НАТО  е 73 отсто.

Според анкетата на ИРИ  направена од 6-ти до 16-ти јуни 2015 година, врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници, високи 83 отсто го поддржуваат членство на земјата во НАТО.

Анкетата која за емисијата „Детектор“ ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, врз репрезентативен примерок од 1.116 испитаници во периодот од 16 до 19 ноември  2019 година, покажа  дека  доколку  би се одржал референдум 67,3% од анкетираните би гласале за членство на земјава во НАТО.

Оттаму, нејасно е од каде „Спутник“ извлекува заклучок дека „Македонија е поделена за НАТО“? Текстот  не нуди никакви факти  и не се повикува на конкретни анкети за да го поткрепи споменатото тврдење, кое несомнено е паушално дадено за потребите на овој необјективен напис, кој оди на линија на добропознатата теза на „Спутник“ – дека ширењето на НАТО е директно насочено кон долгорочно истиснување на влијанието на Русија на Балканот.

Целосно неточно е и тврдењето  во написот дека „владата на Заев неславно паднала (јануари 2020), оставена на цедило“. Владата предводена од Заев не падна, туку Заев на 03.01.2020 година поднесе оставка, за да отвори пат за формирање техничка влада. Односно, со цел 100 денови пред вонредните парламентарни избори – во тоа време договорени за 11 април (но откажани заради епидемијата со коронавирусот), да се формира техничката влада според таканаречниот „Пржински модел“, кој сега е законска обврска. Овој модел првпат беше применет на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а по политичката криза која уследи во 2015 година, откако Заев – тогаш лидер на опозицијата,  почна со објавувањето на прислушуваните разговори.

 

НИЕДНА ПАРТИЈА НЕМА ОДЛУЧУВАЧКА ПРЕДНОСТ СПОРЕД АНКЕТИТЕ НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ

Исто така, невистинито е и тврдењето дека на „следните избори поголеми шанси се даваат на ВМРО (рејтинг од 42,6 отсто во истражувањето пред пандемијата)“. Од текстот не може да се разбере на кое истражување мисли „Спутник“, но анкетите правени изминативе месеци не покажуваат поголеми шанси за најголемата опозициска партија. Според истражувањата на јавносто мислење, има мртва трка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со благо водство на СДСМ.

Истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ), спроведено во периодот меѓу 26 февруари и 5 март (2020), пред да се донесе одлуката за одложување на изборите закажани за 11 април, покажува дека за СДСМ би гласале 22,9 отсто од испитаниците, а поддршката за ВМРО-ДПМНЕ изнесуваше 19,6 отсто.

Анкетата на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, спроведена од БРИМА, теренски со методот лице в лице, на 1 222 испитаници во периодот од 30 јануари до 10 февруари оваа година (значи, исто така, правена пред епидемијата на коронавирусот и пред да се одложат изборите кои беа закажани за 11 април) покажа дека СДСМ има еден процентен поен предност пред ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето за кого би гласале ако оваа недела се одржат изборите, 17 отсто рекле за СДСМ, 16 за ВМРО-ДПМНЕ. И кај двете партии се воочува пад на популарноста во однос истражувањата на ИРИ од 2017 и 2018 година (СДСМ за 3 проценти, ВМРО-ДПМНЕ за 1 прорцент).

Така што, непоткрепеното тврдење дека на „следните избори поголеми шанси се даваат на ВМРО“ е во најмала рака проблематично и многу поверојатно едноставно неточно.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција