И дипломатските коресподенти изумираат, зар не? (2)

Каков идентитет - барок или потрага по демократски суфицит? Фото: MILACHICH
Каков идентитет – барок или потрага по демократски суфицит? Фото: MILACHICH

Ако веќе не сме голема и моќна земја, ако имаме сиромашен геостратешки потенцијал, ако не сме клучен регионален фактор – што преостанува, или кој меѓународен инструмент ни стои на располагање? Малку, да не кажеме практично ништо освен – демократски суфицит. А, ние сме во фаза на демократски дефицит.

 

(за македонско-елинските односи)

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера – ополномоштен министер

 

(Овој напис претставува втор дел од анализата на Сашко Тодоровски. Првиот дел можете да го најдете овде.)

 

Претседавањето со ЕУ, Канал 5 во контекст на посетата на премиерот Самарас на Германија дури и не го споменува. Затоа, пак, користи бомбастичен наслов: „Дали Меркел и Самарас зборувале за Македонија?“ за во веста да даде многу сериозно објаснување кое гласи:

„На прес конференцијата по нивната средба во Берлин, ниту грчкиот премиер, ниту канцеларката, ниту пак новинарите не го споменаа 20-годишниот спор.“

Она што е посебно индикативно е дека во таа прилика дури немало ниту новинарско прашање за спорот со Македонија или нашата евроатлантска интеграција. Автоматски следи прашањeто дали е случајно што Меркел не спомнала ништо за „нашето“ прашање? И тоа откако претходно се сретнала со преговарачот Метју Нимиц. Во тој контекст, Дојче Веле објавува дека:

„Меркел му се заблагодарила на Нимиц за неговото долгогодишно посредништво во спорот за името, стои во соопштението од германската влада. Меркел дискутирала со Нимиц за „актуелната состојба во неговите напори“.

Во јавувањето е понудено и едно вакво објаснување:

„Извори за Дојче веле од Берлин велат дека оваа средба била планирана од порано со цел германската страна да се информира за актуелните движења во спорот околу името директно од медијаторот Нимиц. Не се пренесени никакви конкретни заклучоци ниту ставови, што е индикатор за големата претпазливост на Германија по ова деликатно прашање.“

 

Зошто се бараше главата на Волерс?

 

Со цел да се разбере ваквата „порака“ од германска страна, ќе мора да воведемe уште еден фактор. Имено, тајмингот во меѓународните односи, или важноста на временската димензија не само кај новинарите, туку често и кај експертите или се преценува или е недоволно разбрана. На една страна, значи, постои след: првите шест месеци од 2014 година Елинската Република ќе претседава со ЕУ, а наредниот Самит на НАТО се планира за септември 2014 година. На друга страна, постои промена на нашиот внатрешен план и поточно – придвижување кон демократски дефицит. Во тоа светло, сосема извртено беа сфатени пораките на американскиот амбасадор во Македонија, а неговата порака за временската димензија остана речиси незабележана. Имено, маса од реакции предизвика неговата споредба на граѓанскиот идентитет на Македонците и Американците. Веројатно човекот и не помислил дека географската одредница на идентитетот на американскиот народ обединет во Соединетите Американски Држави воопшто не е споредлива со географската одредница во идентитетот на македонскиот народ здружен во унитарната Македонија.

Проблемот со граѓанскиот карактер на нашето општество, инаку дефиниран и во нашиот важечки Устав, солидно го перцепира Вест и со чувство за неопходност да се  проценат непосредните формулации ја пренесува неговата изјава:

„Што ре­че Во­лерс, што го пре­диз­ви­ка ко­ле­жот ка­де не­ба­ре тре­ба да се до­не­се не­го­ва­та гла­ва? ’Тре­ба да се де­фи­ни­ра­те спо­ред вред­нос­ти­те, мис­лам оти не мо­же­те да го нап­ра­ви­те тоа спо­ред ет­нич­ка­та при­пад­ност заш­то сте раз­лич­ни, не мо­же­те да се де­фи­ни­ра­те спо­ред ве­ра­та заш­то сте раз­лич­ни, не мо­же­те да се де­фи­ни­ра­те спо­ред кул­ту­ра­та, би­деј­ќи и таа е раз­лич­на, до­не­ка­де ис­та, но се раз­ли­ку­ва. Тре­ба да де­фи­ни­ра­те не­ко­ја за­ед­нич­ка ос­но­ва, ба­зи­ра­на на вред­нос­ти со кои се иден­ти­фи­ку­ва­ат си­те. За ова ви се пот­реб­ни по­ве­ќе де­ба­ти. Не­кои лу­ѓе го гра­дат иден­ти­те­тот врз ба­за на ис­то­ри­ја­та и гле­дај­ќи на­зад во ис­то­ри­ја­та. Јас за­тоа во мо­е­то об­ра­ќа­ње упа­тив на мож­нос­та од опас­ност од прис­та­пот за иден­ти­те­тот. Мно­гу лу­ѓе во зем­ја­ва го чувс­тву­ва­ат тој на­чин. На­чи­нот ба­зи­ран на вред­нос­ти дол­го­роч­но да­ва по­ус­пеш­ни ре­зул­та­ти. Мо­же да се гле­да во ми­на­то­то и во ид­ни­на­та, но тре­ба да се ос­та­не по­зи­ти­вен, тоа е мо­ја­та су­гес­ти­ја. Де­до ми бе­ше Гер­ма­нец, ба­ба ми Хо­лан­ѓан­ка, јас сум тре­та­та ге­не­ра­ци­ја Аме­ри­ка­нец. Ако ме пра­ша­те што мис­лам за иден­ти­те­тот, мис­лам де­ка тре­ба да се де­фи­ни­ра­те спо­ред вред­нос­ти­те‘, из­ја­ви Во­лерс на Уни­вер­зи­те­тот на ЈИЕ во Те­то­во.“

 

Проблемот на демократскиот дефицит

 

Сигурно е дека контекстот е етничкото прашање во Македонија, но, проблемот со дипломатските изјави е и нивното „декодирање“. Синдромот на преголемата наша обземеност со историјата главно фигурира во контекстот на македонско-елинските билатерални односи, а оттаму се пренесува и на планот на односите со другите соседи. Изјавата, пак, завршува со порака дека треба да се дефинираме според нашите вредности. Тие, во моментов, најблаго кажано се – дубиозни. Проблемите со демократскиот дефицит не само што се проблем за ЕУ, туку се и за НАТО. Но, имаме нешто помалку од година дена да дејствуваме. Тоа, во меѓународните односи е исклучително краток период. Ако сакаме навистина меѓународните фактори да ни помогнат и да го направат пресвртот од кој Атина толку се плаши, имаме многу малку време да се вратиме на (преговарачките) позиции кои нè донесоа пред портите на НАТО и ЕУ.

Она што едно аналитичко новинарство би требало да го направи е да постави одредени прашања и да побара одговори на нив. Пред сè, тоа е прашањето за какви позиции станува збор? Ако веќе не сме голема и моќна земја, ако имаме сиромашен геостратешки потенцијал, ако не сме клучен регионален фактор – што преостанува, или кој меѓународен инструмент ни стои на располагање? Малку, да не кажеме практично ништо освен – демократски суфицит. А, ние сме во фаза на демократски дефицит.  Оттука, со релативна леснотија може да се констатира дека оперативната линија е прилично едноставна: императивно менување на насоката од демократски дефицит преку демократска транзиција кон демократски суфицит. Определувањето на инструментариумот не значи и постоење на соодветен потенцијал, односно тврдење дека тоа можеме да го направиме. Тоа, сепак, излегува од рамките на чисто надворешно-политичките перспективи.

Ако сакаме да ги поврземе сложеноста на меѓународните односи изразени во актуелниот момент на билатералните, македонско-елински односи, извесно е дека ни се неопходни дипломатски коресподенти или уредници кои се специјализираат за оваа област на новинарството и кои со големо трпение ќе ѝ помагаат на својата публика со потсетувања, поврзувања, објаснувања, толкувања и периодични анализи да формираат свои видувања за спорите и внимателни придвижувања на меѓународно-политичката сцена. Сензационализмот е вистинска реткост и јасно е дека од аспект на дневното новинарство оваа област не е „атрактивна“. Но, кумулативно тие придвижувања, всушност, се „црвените линии“ на внатрешната политика.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција