Изграден паркот покрај кејот на Вардар во Ново Лисиче
Изградба на голем зелен парк покрај кејот на реката Вардар, кај Куќата на фудбалот, на површина од 25 хектари
Во соработка со Владата на РМ и со Град Скопје ќе се изгради голем зелен парк покрај кејот на реката Вардар, кај Куќата на фудбалот, на површина од 25 хектари. (Рок: 2014-2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Зелениот парк покрај кејот на Вардар во Општина Аеродром е изграден и пуштен во употреба во јули 2016 година. Ова е исполнето ветување на градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски, дадено во неговата Изборна програма (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром! (Урбанизам и животна средина стр. 32).
На 28 јули 2016 година скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Конески свечено го отворија новиот парк во населбата Ново Лисиче. Паркот се протега на површина од околу 100.000 квадратни метри (околу 90.000 квадрати зелена површина) и е вториот најголем парк во Скопје, по Градскиот парк.
Станува збор за најголемиот парк во Општина Аеродром. Покрај огромната површина парковско зеленило и садници, новиот парк содржи трим патеки, чешми за пиење вода, клупи, канти за отпадоци, летниковци, жардиниери, повеќенаменско спортско игралиште, две детски игралишта, хидрантска мрежа, како и осветлување со над 150 канделабри. На свеченото отворање на паркот, како што пренесоа медиумите, Коневски меѓу другото, рече:
Во изградбата на овој парк, Општина Аеродром се вклучи преку поставување урбана опрема и осветлување. Во новиот парк се поставени околу 150 канделабри за кои Општината издвои околу 9 милиони денари. Тоа што навистина ме радува е трансформацијата на овој простор во овој прекрасен парк, кој до пред неколку години беше неуредена површина и депонија. Инаку, овој реализиран проект е уште еден доказ за одличната соработка помеѓу Општината и Градот Скопје, (Ивица Коневски)
Релизацијата на проектот започна во февруари 2015 година и во него, според информациите објавени во медиумите, до јули 2016 година се инвестирани 44 милиони денари од Градот Скопје и 9 милиони денари од Општина Аеродром.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Аеродром“, (Урбанизам и животна средина стр. 32). [Пристапено: 05.04.2017]
- Тајм.мк (28.07.2016): Ново Лисиче доби нов парк, втор по големина во Скопје [Пристапено: 05.04.2017]
- Утрински весник (28.07.2016): Ново Лисиче доби нов парк, втор по големина во Скопје [Пристапено: 05.04.2017]
- МКД (28.07.2016): Пуштен во употреба најголемиот парк во општина Аеродром [Пристапено: 05.04.2017]
- Билд (28.07.2016):Градот Скопје ги отвори портите за „Рајската градина“ [Пристапено: 05.04.2017]
- Тајм.мк. (03.02.2015): Се уредува нов парк покрај Вардар во општина Аеродром [Пристапено: 05.04.2017]
- Билд (03.02.2015): Се уредува нов парк покрај Вардар во општина Аеродром [Пристапено: 05.04.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар