Измамничката „наградна игра“: Наместо телевизор од 123 денари, секои 14 дена ќе ви одземаат по 34 евра

Станува збор за измама со големи финансиски импликации за граѓаните кои наседнуваат на неа, бидејќи картичката постојано им се празни за 34 евра на секои 14 дена. Доколку се прочитаат ситно испишаните букви под полињата за банкарските податоци, ќе се види дека со внесувањето на вашите банкарски податоци се зачленувате во извесен клуб Dream Wardrobe

Станува збор за измама со големи финансиски импликации за граѓаните кои наседнуваат на неа, бидејќи картичката постојано им се празни за 34 евра на секои 14 дена. Доколку се прочитаат ситно испишаните букви под полињата за банкарските податоци, ќе се види дека со внесувањето на вашите банкарски податоци се зачленувате во извесен клуб Dream Wardrobe

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Грешка на царината! Нептун ги продава Самсунг телевизорите само за 123 денари во Македонија! Количината е ограничена.

Во склоп на објавата, има фотографии коишто треба да го симболизираат наводниот наплив на купувачи кои се туркаат во продавница и купуваат телевизори по ексклузивна и неодолива цена. Само, овојпат на корисниците на Фејсбук им се нуди наводен голем попуст кој може да го искористат, како што се наведува во постот, исклучиво онлајн.

Споделените фотографии кои се преземени од интернет не се автентично поврзани ни со „Самсунг“ ни со „Нептун“. Првата фотографија во постот, може да се пронајде на повеќе различни страници на Фејсбук, употребена за повеќе различни промоции на акции за купување. Такви примери може да видите овде, каде истата фотографија е употребена за новинарски напис од 2019 година во Бразил, посветен на Black Friday.

Вистиномер ја пронајде фотографијата и на сајт од Азербејџан, во напис објавен пред седум месеци, во кој се информира дека има пораст на нарачки за купување на првата електронска платформа за купување во Азербејџан.

Исто така, во постот не се даваат конкретни податоци во што се состои „грешката на царината“ поради која наводно, овие телевизори се толку евтини. Фактички, не постои никаква „грешка на царината“ како што лажно се сугерира во објавата. Доколку, на пример,  би станувало збор за шверцувани телевизори, тогаш царината би ги запленила и тие воопшто не би можеле да излезат од царинското депо, а камоли да се продаваат на интернет.

Веднаш под оваа лажна промоција, поставено е копче „нарачај сега“. Кога ќе се кликне на истото, корисникот на Фејсбук е пренасочен кон исфабрикувана страница со логото на Нептун и го пречекува порака:

Секоја чест!

„Подобро ќе им ја дадеме стоката на нашите клиенти, отколку да се откажеме од неа“. Ова беа зборовите на претставникот на Нептун во судот, по што судот одлучи да ја продаде запленетата техника на царината за максимум 300 денари. Благодарение на оваа одлука сега можете да добиете Самсунг телевизор за 123 денари.

Како што напоменавме, кога царината би запленила телевизори, воопшто увозникот не би имал шанса да бира дали ќе ја даде стоката по багателна цена на граѓаните, туку таа би останала запленета. Не постои судски процес односно судска процедура од ваков вид во кој што учествувал „Нептун“ и тоа Вистиномер го провери во архивите на македонските судови достапни онлајн. Станува збор за измислена измамничка порака која има за цел граѓаните да ги натера да „наседнат“ и да поверуваат дека ќе добијат евтин телевизор.

Потоа на страницата следуваат три прашања:

  • Колку често купувате во Нептун?
  • Дали сте купиле нешто од Нептун?
  • Дали имате 18 години?

Понудените одговори на прашањата не се на македонски јазик, туку на бугарски.

Откако ќе ги одговорите трите прашања, тогаш сте пренасочени на страница каде ве информираат дека имате шанса да добиете телевизор.

А, откако корисникот ќе стаса до „точното поле“ го информираат дека е добитник на Самсунг телевизор и потоа се пренасочува на две други страници.

Едната му ги бара сите лични податоци, како име и презиме, адреса, град, телефонски број и мејл адреса, а другата бара да ги внесе сите банкарски податоци од неговата платежна картичка, со кои се доведува во заблуда дека всушност плаќа за „доставата на телевизорот“, а тој плаќа за нешто сосема трето – 34 евра претплата за членство во некој клуб! И што е многу важно,  наплатите не се само единечни туку продолжуваат на секои две недели  во наредниот период.

Ваквата измама има големи финансиски импликации на граѓаните кои наседнуваат на неа бидејќи картичката постојано им се празни на секои 14 дена. За што се работи? Доколку се прочитаат ситно испишаните букви под полињата за банкарските податоци, ќе се види дека всушност, со внесувањето на вашите банкарски податоци, се зачленувате во извесен клуб Dream Wardrobe.

Оваа специјална понуда ви дава можност да станете член во првите три дена за минимална цена. После овој период, ќе станете целосен член со автоматско плаќање на секои 14 дена по цена од 34 евра, е напишано со ситни букви под полињата каде се мамат граѓаните да ги внесат своите банкарски податоци.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Станува збор за измамнички начин преку кој на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук им се подметнува претплата во клуб кој автоматски ќе им наплаќа по 34 евра секои две недели. Телевизор за 123 денари нема да добијат.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција