Измислена изјава на Бајден, се споделува на Фејсбук како вистинска

Американскиот претседател Џо Бајден не изјавил дека ќе испрати воз за спасување на исчезнатата подморница, станува збор за сатира. Текст со ваква содржина пред неколку дена беше објавен на американскиот сатиричен веб-сајт The Babylon Bee

Американскиот претседател Џо Бајден не изјавил дека ќе испрати воз за спасување на исчезнатата подморница, станува збор за сатира. Текст со ваква содржина пред неколку дена беше објавен на американскиот сатиричен веб-сајт The Babylon Bee

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека американскиот претседател Џо Бајден изјавил дека ќе испрати спасувачки воз по потрага по исчезнатата подморница. Изјавата не е вистинита, станува збор за сатирична објава пренесена како вистинска.

ВАШИНГТОН – Свечено обраќајќи им се на новинарите на тревникот во Белата куќа денеска, претседателот Бајден вети дека ќе испрати спасувачки воз во потрага по OceanGate Titan, подморницата што исчезна во неделата додека нуркаше за да стигне до остатоците од Титаник.

Очите на целиот свет во изминатите неколку дена беа насочени кон исчезнатата подморница „Титан“ која превезува луѓе до остатоците на потонатиот брод „Титаник“. Подморницата на 18 јуни исчезна во Атлантскиот Океан, што покрена голема спасувачка операција.

Остатоците на „Титаник“ лежат на длабочина од околу 3.800 метри, и тоа 1.450 километри од брегот на САД, односно 644 километри од брегот на Канада. Американските и канадските авиони досега пребарале површина од речиси 20.000 квадратни километри на отворено море, а во потрагата учествуваат и бродови и подморница на далечинско управување.

Објава на Фејсбук тврди дека американскиот претседател Џо Бајден, обраќајќи им се на новинарите во тревникот пред Белата Куќа изјавил дека ќе испрати воз за спасување на исчезнатата подморница. Станува збор за сатира, односно вакво нешто Бајден не изјавил.

Сепак, доколку не издвоите малку време да проверите дали ова навистина се случило, може многу лесно да поверувате во напишаното со оглед на тоа дека претседателот на САД, Бајден, во изминатите неколку месеци направи неколку лапсуси.

Текст со ваква содржина пред неколку дена беше објавен на американскиот сатиричен веб-сајт The Babylon Bee. Овој веб-сајт објавува сатирични написи на теми како религија, политика, актуелни настани и јавни личности. Претставува христијанска, евангелистичка или конзервативна верзија на познатиот сатиричен сајт The Onion.

Во тој текст, сатирично се вели дека Бајден изјавил „Возот сега е на пат кон местото на исчезнување. Го оттргнавме од вообичаениот тек на дното на океанот преку Тихиот и Индискиот океан и вози што е можно побрзо за да почне да го пребарува дното на океанот во Северен Атлантик “, по што вработените во Белата Куќа му го исклучиле микрофонот.

Оние кои ја виделе објавата што е предмет на оваа рецензија и поверувале во неа, тоа го сториле токму поради тоа што ништо во објавата не укажува дека станува збор за измислица. Во текстот на Фејсбук објавата нема никаква напомена дека е сатира.

Кога станува збор за објавување на сатирична содржина тоа треба да биде јасно и видливо нагласено. Со споделување на сатирични објави на социјалните мрежи без да се нагласи тоа, се создава впечаток дека се вистинити, со што се врши манипулација врз јавноста. Јавноста добива впечаток дека нешто се случило, а всушност тоа е измислица со шеговита цел.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како сатиричен.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција