Измислени личности промовирааат чудесни капсули за слабеење

Фото: Принтскрин Инстаграм пост

Во текстот има препораки од лица кои лажно се претставени како да се корисници на овој препарат со кој постигнале успех, тие се прикажани со фотографии и со македонски имиња и презимиња. Лицата прикажани на овие фотографии и на кои им се дадени македонски имиња и презимиња не се од Македонија, ниту пак, ослабеле со помош на овој препарат

Во текстот има препораки од лица кои лажно се претставени како да се корисници на овој препарат со кој постигнале успех, тие се прикажани со фотографии и со македонски имиња и презимиња. Лицата прикажани на овие фотографии и на кои им се дадени македонски имиња и презимиња не се од Македонија, ниту пак, ослабеле со помош на овој препарат

 

Објава на социјалната мрежа Инстаграм тврди дека со чудесен напиток стомакот ќе ви го снема за пет дена. Ова е неточна информација.

Во рамките на објава споделена е фотографија од стомак на која што пишува:

Голем стомак не е од јадење! Тој ќе го нема од вашиот живот за 5 дена! За да го направите ова, пијте на празен стомак….

Објавата води до веб-страница на којашто има текст со сензационалистички наслов:

НАУЧНИЦИТЕ ВО ШОК! Студентка од Скопје создаде уникатна хербална формула која ви помага да изгубите 10-15 кг месечно БЕЗ диета и спортување!

Оваа примамлива реклама е за диететски производ за слабеење, кој пак, е презентиран и нуден на потрошувачите преку неетички, лажен маркетинг, со користење на лажни фотографии кои се користат да се потенцира ефикасноста на продуктот.

Се нудат капсули со име Quick Fit кои наводно се многу делотворни. Притоа во објавата се тврди дека препаратот го измислила извесна Дијана Мартиновска која е претставена како една од најдобрите студенти по медицина во Скопје. Претставена е на почетокот на текстот со колаж од две нејзини фотографии, пред и по ослабувањето.

Но оваа девојка не е Дијана, ниту пак, е од Скопје, ниту го измислила овој препарат. Ова е чиста измислица. Девојката е Ребека Николсон, медицинска сестра од САД која изгубила 48,5 килограми во 2019 година. Таа раскажувајќи ја својата приказна објаснува дека успеала да ослабе голем број  килограми со целосна промена на животниот стил, промена на исхраната и вежбање.

Истата оваа фотографија од Ребека Николсон е злоупотребена и во други текстови со различно име и презиме во зависност од тоа на кој јазик е објавен текстот. И во тие текстови се нуди чудотворен препарат за слабеење. Па така, за сличен текст објавен на украински јазик девојката е претставена како Тетјана Иваненко, на узбекистански веб-сајт Татјана Иваненко, на текст на шпански јазик се тврди дека е Кесара Мадуро и на објава на португалски јазик таа е Ана Флорес Родригес.

Го намалува апетитот; Го враќа метаболизмот; Го промовира согорувањето на мастите; пишува во рекламниот материјал кој ги мами корисниците на социјалните мрежи.

Во текстот има препораки од лица кои лажно се претставени како да се корисници на овој препарат со кој постигнале успех и прикажани се со фотографии и со македонски имиња и презимиња. Сите фотографии на лица на кои им се дадени македонски имиња и презимиња не се од Македонија ниту пак ослабеле со помош на овој препарат.

Во примерите е посочена извесна Теа, но пребарувањето на фотографијата покажува дека е Софи Матенсон, потоа спомната е Катерина Јосифовска наводно од Гевгелија но всушност станува збор за Алвина Рејн, фотографијата на наводниот Анте Радевски од Демир Капија му припаѓа на Ли Бад.

Овие капсули во земјава се продаваат само онлајн. Овој препарат го нема во аптеките, само на интернет, каде се продаваат по наводно намалена цена со попуст но не се кажува колкав е попуст и која му е цената. Препаратот за слабеење кој се рекламира го нема ниту во регистарот на лекови одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД.

Одржливо губење на тежината се постигнува преку комбинација на здрава исхрана, редовно вежбање и модификации на животниот стил, а не со разни капсули, препарати и рецепти за брзо слабеење. Секогаш консултирајте се со здравствен работник пред да внесете нови супстанции во вашата исхрана, особено ако имате некои здравствени состојби или доколку земате лекови.

Ваквите дезинформации може да имаат сериозни последици, да наведат поединци да се откажат од докажаните медицински третмани во корист на недокажаните лекови, а со тоа потенцијално да ја влошат нивната состојба или да ја одложат соодветната нега.

Поради сите изнесени факти, оваа објава ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција