Како помина интервјуто на Такер Карлсон и Путин?

фото: принтскрин од The Tucker Carlson Interview / TCN

Видеото означува ново ниво на срам за американскиот новинар кој често ја критикуваше поддршката на САД за Украина и го нарекуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски „украински макро“ и „стаорец“. Од друга страна, тонот на Карлсон беше помалку жесток во интервјуто со Путин, кого цело време го нарекуваше „г-дин претседател“.

 

Контроверзниот американски новинар Такер Карлсон и Владимир Путин вчеравечер беа во центарот на вниманието – десничарскиот коментатор и поддржувач на Трамп го интервјуираше повлечениот руски автократ, пишува Гардијан во својот извештај за интервјуто.

Двочасовното необично интервју, снимено во Москва, беше прво на Путин со западен медиум откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Путин доминираше за време на целиот разговор и во големи делови од интервјуто, водителот едвај стигна до збор, пишува Би-би-си.

Видеото означува ново ниво на срам за Карлсон, кој често ја критикуваше американската поддршка за Украина и го нарекуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски „украински макро“ и „стаорец“.

Од друга страна, тонот на Карлсон беше помалку жесток во интервјуто со Путин, кого цело време го нарекуваше „г. претседател“.

Одлуката за интервју со Путин беше широко критикувана. Отворањето на разговорот меѓу поранешниот водител на Фокс Њуз и Путин беше разочарување.

Путин потроши повеќе од 30 минути зборувајќи за историјата на Русија, Литванија, Полска и Украина, во монолог кој ги одведе гледачите од владеењето на Олег Мудриот во деветтиот век, до борбите од 1300-те години, до критика на надворешната политика на Ленин.

Кога збунетиот Карлсон конечно го наведе Путин на 21 век, рускиот претседател ги обвини САД и другите западни земји дека ја продолжувале војната во Украина.

Имаше мировни преговори со Украина кои беа „речиси финализирани“, кажа Путин, но потоа Украина „ги отфрли сите овие договори и ги послуша инструкциите на западните земји, европските земји и САД за да се бори со Русија до горчлив крај“.

Путин вината ја префрли на поранешниот британски премиер Борис Џонсон, кој го напушти парламентот во Обединетото Кралство во јуни минатата година. Путин во разговорот тврди дека како премиер, Џонсон го одвратил Зеленски да потпише мировен договор во раните фази на конфликтот.

Во видео објавено пред интервјуто, Карлсон рече дека разговарал со Путин, делумно затоа што американската јавност „немала идеја зошто Путин ја нападна Украина или кои се неговите цели сега“. Не е јасно дали гледачите сега имаат појасно чувство за едното или другото, се вели во извештајот на Гардијан.

Во декември, Кремљ соопшти дека ангажирањето во мировни преговори со Украина е „нереално“, додека Украина објави дека мирот може да се заснова само на целосно повлекување од територијата што Русија ја зазеде откако ја нападна земјата во 2022 година.

Сепак, во интервјуто, Путин му вели на Карлсон дека Русија и САД сè уште зборуваат „преку различни агенции“ за ставање крај на конфликтот.

Пораката на Русија до САД, рече Путин, е: „Ако навистина сакате да престанете да се борите, треба да престанете да снабдувате оружје. Ќе биде готово за неколку недели“.

Путин рече дека последен пат разговарал со Џо Бајден пред Русија да ја нападне Украина.

Карлсон, сепак, го притисна Путин околу Еван Гершкович, новинарот на Волстрит Журнал, кој од 23 март е приведен во Русија и е обвинет за шпионажа. Путин вели дека 32-годишниот Гершович бил „фатен на дело кога тајно добивал доверливи информации“ и дека „работи за американските специјални служби“.

Рускиот претседател рече дека неговата земја била подготвена да разговара за ослободување на Гершкович, но дека сака специјалните служби на САД да размислат како можат да придонесат за постигнување на целите што ги имаат руските служби.

Во видеото објавено пред интервјуто, Карлсон тврди дека го прави разговорот затоа што медиумите на англиски јазик биле корумпирани и ги лажеле своите читатели и гледачи. Тој го промовираше своето седнување со Путин како „триумф на слободата на говорот“, тврдејќи дека оди таму каде што ниеден западен медиум не се осмелил да гази.

Тоа е невистинито, пишува Би-би-си. Кремљ едноставно е многу селективен околу тоа со кого зборува Путин и речиси секогаш ќе избере некој кој не ја знае ниту земјата, ниту јазикот и би се борел да го предизвика рускиот претседател.

Тврдењето на Карлсон, исто така, го игнорираше фактот дека рускиот претседател изминативе две децении на власт ги помина системски укинувајќи ја слободата на говорот дома.

Неодамна, Путин го направи кривично дело кажувањето на вистината за целосната инвазија на Русија врз Украина.

Прифаќањето на интервјуто од страна на Путин не е изненадувачко. Карлсон беше бранител на руската инвазија на Украина. Додека Путин собираше стотици илјади војници на границата со Украина во средината на февруари 2022 година, пред официјално да ја нападне земјата, Карлсон се чинеше дека ги повторува изјавите на Путин, тврдејќи дека конфликтот бил обичен „граничен спор“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција