КАМ не доделува награди ако напишете „честитки“

Фото: Принтскрин ФБ пост

Многу вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук ветува дека граѓаните ќе добијат награди од КАМ маркетите доколку напишат коментар „честитки“. Објавата е лажна, исто како и наградната игра, а злоупотребени се името и брендот на КАМ маркетите како што се случуваше во повеќе наврати во изминатиот период

Многу вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук ветува дека граѓаните ќе добијат награди од КАМ маркетите доколку напишат коментар „честитки“. Објавата е лажна, исто како и наградната игра, а злоупотребени се името и брендот на КАМ маркетите како што се случуваше во повеќе наврати во изминатиот период

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук го злоупотребува името на синџирот супермаркети КАМ и ги измамува корисниците за да постигне голема видливост.

Здраво на сите, За да го прославиме роденденот на @Kam Market, сите што ќе напишат „Честитки“ на нашата СТРАНА пред 30 ЈУНИ 2024 година ќе добијат ексклузивни награди во форма на специјални торби за подароци, мобилни телефони, готовина и други ваучери за купување. Со среќа.

Многу вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук ги измамува корисниците дека ќе добијат награди од ланецот на супермаркети КАМ доколку на објавата напишат „честитки“. На објавата се споделени две фотографии, на левата има голем број на ќеси полни со продукти, на десната е прикажана зграда која на врвот во има логото на КАМ. Објавата ги манипулира корисниците на социјалната мрежа дека доколку го напишат овој збор на објавата ќе добијат ексклузивни награди, како мобилни телефони, готовина и ваучери за купување.

Притоа објавата за само неколку дена постигнува огромна видливост. До моментот на пишување на оваа рецензија објавата е споделена 529 пати, има над 1000 коментари и 460 реакции.

Но објавата е измама! Фејсбук страницата од каде што е објавено оваа наводна наградна игра нема никаква врска со КАМ. Ова не е официјален Фејсбук профил на КАМ од којшто компанијата секојдневно комуницира со потрошувачите, презентирајќи им различни промоции, производи. Официјалната страница на КАМ има над 300 илјади следбеници, на неа се наведени адресите на маркетите, официјалните контакти, се промовира и отворањето на нови маркети.

За разлика од официјалната Фејсбук страница на КАМ маркет, која е потврдена со сино знакче, оваа страница ᴷᴬᴹ ᴹᴬᴿᴷᴱᵀ ᶠᴬᴺˢ од којашто се споделува лажната наградна игра, е нова и единствената содржина на страницата е повикот за наградната игра. Таа има само 87 следбеници, но достапноста на содржината достигнала огромен број граѓани поради споделувањата.

За разлика од ваквите невистинити наградни игри, официјалните наградни игри на големите бреднови имаат услови и правила за учество кои се наведени во посебни документи. Но, во овој случај нема такво нешто во реалните продавници на КАМ, ниту пак, на официјалната страница на Фејсбук е најавена наградна игра.

КАМ маркет е честа мета на овие дезинформации и лажни наградни игри кои се споделуваат на Фејсбук и се користат за различни цели. Вистиномер повеќе пати има разобличувано слични објави во кои, како и во оваа, се злоупотребуваат името и брендот на КАМ маркет, со лажни тврдења за доделување подароци.

КАМ маркет во повеќе наврати апелираше граѓаните да се водат од сината значка покрај нивното лого на Фејсбук за да бидат сигурни дека се на официјалната страница.

Почитувани потрошувачи, на социјалните мрежи сe појави лажна наградна игра која не е организирана од КАМ, ниту има некаква поврзаност со нашата компанија. За да бидете сигурни дека сте на вистинската страница на брендот, барајте ја т.н.  СИНА ЗНАЧКА  до името, која потврдува дека се работи за оригиналната страница и гарантира дека истата е верифицирана и припаѓа на соодветниот бренд, напишаа оттаму.

Оваа објава е класичен пример за измама направена да собира лични информации или да ја зголеми видливоста на објавата преку интеракција со корисниците. Овие измамнички шеми ги искористуваат надежите на корисниците за лесно богатство, што често доведува до разочарување и потенцијални безбедносни ризици. Од клучно значење е да останете внимателни, да пријавите таква измамничка содржина и да избегнувате да влегувате во интеракции со објави кои ветуваат нереални награди за минимален напор. Важно е да се запамети дека легитимните наградни игри никогаш нема да бараат лични информации преку коментари и секогаш ќе имаат проверливи извори и јасни, официјални упатства.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција