КАМ не доделува подароци, телефони ни готовина ако напишете „Среќен Божиќ“ или „честитки“

Фото: Принтскрин ФБ пост

Две одделни невистинити објави споделени од иста група на Фејсбук, ветуваат дека граѓаните ќе добијат награди од КАМ маркетите доколку напишат едноставни коментари. Групата е лажна, исто како и наградната игра, а злоупотребени се името и брендот на КАМ маркетите

Две одделни невистинити објави споделени од иста група на Фејсбук, ветуваат дека граѓаните ќе добијат награди од КАМ маркетите доколку напишат едноставни коментари. Групата е лажна, исто како и наградната игра, а злоупотребени се името и брендот на КАМ маркетите

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

За да го прослави Божиќ оваа година тимот на Кам ќе испрати 1000 специјални кеси за подарок на сите што ќе напишат „Среќен Божиќ“ пред 5 декември 2023. Среќно.

На истиот профил има слична објава во која се споделува дека ќе се доделуваат телефони и готовина за луѓе што во коментар ќе напишат „честитки“.

Во склоп на објавата споделени се фотографии, од маркет на КАМ и од повеќе ќеси на исто место кои треба да ги намамат граѓаните да поверуваат дека тоа се подготвените „подароци“

Станува збор за лажна објава за наградна игра којашто на ниеден начин не е поврзана со официјалниот ланец на маркети на КАМ. Овој бренд досега повеќепати беше злоупотребен на ваков начин, со измама на граѓаните дека доколку искоментираат нешто, ќе добијат подарок. Особено се активираат ваквите лажни профили во пресрет на различни празници или поводи кога луѓето и бизнисите по природата на нештата се дарежливи.

Кога ќе се погледне профилот на кој се споделува лажната наградна игра евидентно е дека станува збор за профил на кој има само 2 објави и тоа овие со лажните ветувања за наградна игра. Во називот на Фејсбук страницата, има грешки односно зборот „маркет“ е напишан со две букви „к“ и во зборот Fan`s погрешно е употребен апостроф. Она кое исклучително докажува дека станува збор за лажна Фејсбук страница на која се злоупотребени името, логото и брендот на КАМ маркетите е тоа што страницата е формирана односно направена на 19 ноември годинава, исклучиво со цел на неа да се најдат лажните објави.

За разлика од лажната фан-страница, официјалната фан-страница на КАМ маркет може да ја погледнете овде.

Разликите меѓу лажната и официјалната страница се и во тоа што на официјалната има адреса, контакти, постојани промоции, каталози и огромен број на фанови, околу 312 илјади лица што ја следат фан страната. Оставен е и телефонски број за контакт, а на лажната фан-страница нема никаков начин да се контактира оној кој ја создал.

Лани во декември, исто така, беа злоупотребени брендот, логото и името на КАМ макркет во лажна комуникација со граѓаните, при што им се ветуваа различни награди, за што од компанијата алармираа.

За да бидете сигурни дека сте на вистинската страница на брендот, барајте ја т.н. 👉 СИНА ЗНАЧКА ☑️ до името, која потврдува дека се работи за оригиналната страница и гарантира дека истата е верифицирана и припаѓа на соодветниот бренд, напишаа оттаму.

Исто така, корисниците на социјалните мрежи треба да бидат исклучително внимателни доколку им се ветува награда од профил или страница на социјалната мрежа Фејсбук во која што нема други содржини, освен тие објави, доколку нешто како фонтот или името на страницата отстапува или содржи печатни грешки, доколку не се оставени контакти и адреси на бизнисите итн.

Поради сите горенаведени факти, објавите кои ги рецензираме ги оценуваме како невистинити.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција