Изградбата на градинката во Кавадарци доцни три години
Проект: Изградба на нова детска градинка во непосредна близина на реката Луда Мара.
Заради унапредување на заштитата на децата и нивно целосно вклучување во процесот на социјализација, како есенцијална компонента за правилен психофизички раст и развој, на урбанизирана локација во непосредна близина на реката Луда Мара ќе изградиме нова детска градина со средства од буџетот на Општина Кавадарци или од меѓународни финансиски институции. (Рок на реализација: декември 2014 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на нова детска градинка во Кавадарци е делумно исполнето ветување на градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов. Проектот е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Кавадарци“ (стр.64).
Според ветеното во програмата, градинката требаше да се изгради до декември 2014 година, но нејзината изградба почна дури во септември 2016 година, а последните најави од општинските власти се дека таа треба да биде готова во септември 2017 година, речиси три години подоцна од крајниот рок за реализација. Исто така, треба да се напомене дека тајмингот кога се очекува градинката да биде пуштена во употреба е непосредно пред локалните избори закажани за 15 октомври 2017 година.
Во март 2016 година, тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески, бил во посета на Кавадарци, каде заедно со градоначалникот Панов ја констатирале потребата од изградба на нова градинка.
Постојано разговараме со градоначалникот, пратеникот и други претставници, да се најде решение за изградба на градинка во Кавадарци, бидејќи е очигледно дека граѓаните тоа го истакнуваат како еден од приоритетите, рече Ставрески, јави порталот Прес 24
На 29.09.2016 година, медиумите објавија информација дека во Кавадарци се гради нова градинка која треба да згрижи 100 деца.
Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов заедно со кавадаречкиот градоначалник Александар Панов, денеска присуствуваше на воведот во градежните работи за изградба на детска градинка во Кавадарци, објави Нетпрес.
Еден ден подоцна, на 30.09.2016 година, информацијата беше пренесена и на официјалната веб страна на Општина Кавадарци.
Во кругот на здравствен дом Кавадарци во тек се градежни активности за реконструкција на старата лабораторија и адаптација на детска градинка. Новата градинка ќе згрижува над стотина дечиња, а инвестицијата чини 7,5 милиони денари, информираше дополнителниот замени министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој заедно со градоначалникот Александар Панов беа на увид на градежните активности.
На 03.08.2017 година, градоначалникот Панов, како што јави Курир, апелирал до новата влада да не крати од буџетот за изградба на градинки. Притоа, тој нагласил дека градинката во кругот на Здравтсвениот дом се гради со средства од Општината.
Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов денеска информира дека со сопствени средства градат нова градинка со капацитет за 100 деца.
Истиот ден, Канал 77 објави текст со наслов „Градинката ветена 2013 година ќе „лови“ гласови за локалните избори во октомври“.
Во претходниот период во Ваташа реконструиравме објект со капацитет за педесттина деца, ова е со капацитет за над сто дечиња, нашиот план комплетно со опремувањерто да се стави во функција и ресорното министерство и од 7 ми септември да започне со работа, рече Панов.
Според она што досега е објавено во врска со изградбата на оваа градинка, може да се заклучи дека градинката била ветена за 2014 година, но нејзината изградба почнала во септември 2016 година. Во август 2017 година, градоначалникот Панов информира дека се планира градинката да биде целосно опремена и пуштена во употреба во септември 2017 година.
Имајќи предвид дека мандатот на Панов формално заврши во мај 2017 година, може да се каже дека ветувањето на градоначалникот на Кавадарци за изградба на нова градинка е делумно исполнето.
ИЗВОРИ:
- Програма за локални избори (2013-2017) на градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Кавадарци“ (стр.64) [Пристапено на 10.08.2017]
- Прес 24 (31.03.2016) – Нова градинка и училишта во Кавадарци [Пристапено на 10.08.2017]
- Тајм.мк (29.09.2016) – Се гради нова градинка во Кавадарци која ќе згрижи 100 деца [Пристапено на 10.08.2017]
- Нетпрес (29.09.2016) – Во Кавадарци се гради нова детска градинка [Пристапено на 10.08.2017]
- Официјална веб страна на Општина Кавадарци (30.09.2016) – Новата градинка во Кавадарци ќе згрижува стотина дечиња [Пристапено на 10.08.2017]
- Курир (03.08.2017) – Во Кавадарци ќе се гради нова градинка [Пристапено на 10.08.2017]
- Канал 77 (03.08.2017) – Кавадарци: Градинката ветена 2013 година ќе „лови“ гласови за локалните избори во октомври [Пристапено на 10.08.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар