Киппер не доделува мобилни телефони и ваучери ако напишете „честитки“

Самата ФБ страница од којашто е споделен постот e новокреирана, нема други содржини освен лажната наградна игра, а компанијата Киппер на својата официјална Фејсбук страница предупреди дека истата е лажна

Самата ФБ страница од којашто е споделен постот e новокреирана, нема други содржини освен лажната наградна игра, а компанијата Киппер на својата официјална Фејсбук страница предупреди дека истата е лажна

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој споделува лажна наградна игра, во која е злоупотребен брендот на Киппер маркет.

Во објавата стои:

По повод прославата на роденденот на @Kipper Market, секој што ќе коментира „ЧЕСТИТКИ“ најдоцна до 20.06.2023 година ќе добие Специјална награда во форма на 1 нов мобилен телефон Samsung, готовина и БЕСПЛАТНИ ваучери за купување. Со среќа! ️
НАПОМЕНА: Добитниците ќе бидат контактирани преку месинџер!!

Подолу во коментарите е дадено ново упатство до учесниците во наводната наградна игра:

ПРАВИЛА 👇
1. Лајкнете и следете ја нашата страница
2. Споделете ја оваа објава со вашите групи или пријатели
3. Доколку имате среќа, нашиот тим ќе ви испрати приватна порака. Проверете ги нашите пораки сега

Откако во коментарите под објавата ќе напишете „честитки“, од страницата експресно ве контактираат преку порака. Прво ве прашуваат од кој град сте, а понатаму бараат од вас да ја споделите објавата во 6 или 10 групи, па нивните соработници откако ќе проверат дали сте го сториле тоа, ќе ве контактираат.

Главниот услов за да ја добиете наградата е да ја споделите нашата објава со вашите 6 до 10 групи на Фејсбук пред да заврши настанот.
Ќе ви дадеме 15 минути да ја споделите нашата објава.
Откако ќе завршите со споделувањето, почекајте да ве контактираме бидејќи нашиот тим ќе провери колку сте споделиле. Споделете сега!!

Објавата, до моментот на нашата рецензија има 582 лајкови, преку 1.000 споделувања и 927 коменатари.

На страницата е злоупотребено името и логото на брендот Киппер маркет. Фејсбук страницата која ја објавува лажната наградна игра има 203 следбеници, а нема никакви информации за компанијата – ниту телефон, мејл адреса и седиште, ниту име на фирмата и веб-страница.

Кога ќе се погледне транспарентноста на страницата ќе се види дека е создадена на 13 јуни 2023 година.

На Фејсбук фан – страницата која го злоупотребува името на Киппер маркет нема други достапни содржини освен лажната наградна игра.

Додека на официјалната страница на Киппер маркет, која има над 160 илјади следачи и на која ги има сите податоци за компанијата, не постои ваква наградна игра.

Компанијата Киппер на својата официјална Фејсбук страница ги извести потрошувачите дека се работи за измама:

Известување!!
Почитувани потрошувачи,
По социјалните мрежи кружат лажни подароци / наградни игри во име на Киппер Маркет . Ве информираме и потсетуваме дека официјални страници на социјалните мрежи на Киппер Маркет се само:
Facebook: https://www.facebook.com/KipperMarket
Instagram: https://www.instagram.com/kippermarket
Доколку на интернет ви биде побарана било каква лична информација или податоци за платежна картичка , ве советуваме да не ги праќате вашите податоци и случајот веднаш да го пријавите во секторот за компјутерски криминал при МВР
Со почит, Киппер Маркет!

Имајќи предвид дека самата ФБ страница e новокреирана, нема други содржини освен лажната наградна игра, како и фактот што компанијата Киппер на својата официјална Фејсбук страница предупредува дека истата е лажна, постот го оценуваме како невистинит и измамнички.

Преку лажни Фејсбук страници во кои главно има само по еден пост, често се злоупотребуваат брендови на македонски и странски компании и преку лажно претставување во нивно име се мамат корисниците на социјалните мрежи дека се делат награди.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција