Кој десет години прави партиски чистки и јаде „живи луѓе“!

Изнасилени невистинити изјави врз база на еден факт. Фото: скриншот

Не еднаш, туку повеќе пати челните луѓе во СДСМ изјавиле и потпишале документи и платформи дека нема да примаат и отпуштаат вработени во државната и јавната администрација по партиска линија.

 

Некогашниот претседател на Собранието на Република Македонија Љубиша Георгиевски во деновиве во една тв дебата  ја даде следнава невистинита изјава:

Јас се согласувам да се смени оваа власт. Но со кого? Со тие што ќе јадат луѓе? Со тие што ќе ги чистат министерствата по партиска линија? Со тие што ќе воведат двојазичност во основно школо? Со тие што ќе ја натераат внуками од две години да учи друг јазик за кој не ни сонувала во животот? Со нив ли? Со аболицирани криминалци? Со нив ли? Со овие што ги фарбаат сите споменици? Со нив ли ние ќе влеземе во Европска унија. Со тие што сакаат да ја свиткаат кичмата? Па сигурно ќе влезиме во Европска унија – да ја прогласиме Македонија… да ја поделиме на Бугарија, на Грција…одма ќе гласаат, тие ќе навиват да влези….“.

[Извор: ТВ Нова, (од 28-29 мин.), датум 23.10.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Екссобранискиот претседател Љубиша Георгиевски оваа изјава ја даде како реплика на претходното излагање на, исто така, поранешниот претседател на претседател Стојан Андов, кој рече дека ја подржува СДСМ како опозиција и дека треба да дојде до смена на власта.Според тоа, јасно е дека гореспоменатата изјава на Георгиевски се однесува на СДСМ

Секој од наводите на Георгиевски е невистинит, освен делумно првиот –„за јадењето луѓе“, зашто се базира на една изјава на лидерот на СДСМ Зоран Заев од пред неколку години (2010) дадена на локален партиски собир во Валандово, која самиот Заев не ја демантираше, туку ја појасни:

Тоа што го кажав беше наменето за сите оние од ВМРО-ДПМНЕ кои вршат притисок и им се закануваат на членовите на СДСМ

Навраќајќи се на овој исказ на Заев, Георгиевски потоа ја надоврзува изјавата – „чистење на министерствата по партиска линија“. Овој момент на спинување за опозицијата е често деспинуван во јавноста, меѓу другото и од самата опозиција. Не еднаш, туку повеќе пати челните луѓе во СДСМ изјавиле и потпишале документи и платформи дека немаат намера да се продолжи во Македонија со партиско поклопување на институциите, ниту, пак, да се вработува по партиска линија во министерствата, ниту пак, дека ќе отпуштаат вработени од државната и јавната администрација по партиска линија.

Впрочем, политичките партии се обврзаа на „Итните реформски приоритети“ кои произлегоа од Договорот од Пржино, а една од нив е департизација и реформа на државната и јавната администрација

Ниту следниот сегмент од изјавата на Георгиевски дека „тие ќе воведат двојазичност во основното школо“ не е вистинит. Едноставно станува збор за груба пропаганда и спинови од страна на владејачката партија и медиумите блиски до неа, кои се засилија по интервјуто на Заев за веб – телевизискиот портал НОВА ТВ. Но, наместо да се пренесе целосно изјавата на Заев, каде објаснува дека нема намера да излегува од уставните решенија за ова прашање врз база на Рамковниот договор од Охрид (околу 38 минута), спинерите ја пренесуваат реченицата што ним и одговара. Според тоа, ниту Заев ниту кој било друг функционер на СДСМ не рекол дека ќе воведе двојазичност на целата територија на РМ како законска обврска.

Исто така, не е точно ниту тврдењето „ аболицирани криминалци“.  Сосема е извесно дека Георгиевски говори за Заев, имајќи предвид дека овој термин за него го користи и ВМРО ДПМНЕ (партијата на Георгиевски). Фактите зборуваат дека Зоран Заев бил аболициран во животот два пати – и двата пати како осомничен. Еднаш во 2008 година го аболицираше поранешниот претседател Бранко Црвенковски за случајот „Глобал“, а вториот пат актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов за случајот „Пуч’, аболиција која прво Заев ја отфрли, а потоа Иванов ја повлече во целост за сите 56 лица, од кои повеќето беа високи функционери на ВМРО – ДПМНЕ. Меѓутоа,  и покрај овие две аболиции,  никој никогаш  не докажал по судски пат дека  Зоран Заев е криминалец, па оттука, ваквото тврдење мора да се оцени како невистинито,особено  бидејќи е дадено во предизборен период .

Имајќи предвид дека повеќе елементи од изјавата на Георгиевски се лесно докажливи како невистинити, неговата изјава во целината во која е искажана ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција