Кока Кола не дава позитивен резултат на антигенски тест за ковид-19

Фото: скриншот

Бомбастичната информација која ја рецензираме во овој пост, дека пијалакот Кока Кола бил позитивен на брзиот антигенски тест за коронавирусот, всушност, не е вистинита. Станува збор за експеримент кој го спроведе австриски политичар, кој од говорница во Парламентот сакал да ја докаже наводната бескорисност на антигенските тестови што се спроведуваат со примерок од носот или од грлото

Бомбастичната информација која ја рецензираме во овој пост, дека пијалакот Кока Кола бил позитивен на брзиот антигенски тест за коронавирусот, всушност, не е вистинита. Станува збор за експеримент кој го спроведе австриски политичар, кој од говорница во Парламентот сакал да ја докаже наводната бескорисност на антигенските тестови што се спроведуваат со примерок од носот или од грлото. Меѓутоа, наместо со примерок од носот или од грлото, тој тестот го спроведе на начин што го натопи тестот во чаша полна со Кока Кола. Видеото од оваа ситуација може да го погледнете овде.

Потоа и медиуми на македонски јазик ја презедоа оваа информација некритички, односно без проверка зошто тестот покажал позитивен резултат. Што, всушност, се случи и дали навистина тестираната Кока Кола била позитивна на коронавирусот?

Се разбира дека не.

Компанијата Диалаб, откако пратеникот го декларираше нивниот тест како бескорисен, се огласи со свое објаснување, кое што покажува дека не само што Кока Колата не е позитивна на тест за ковид-19, туку и дека самиот начин на кој што политичарот го извел неговото паушално тестирање, е неправилен и поради тоа е дојдено до резултати кои се неточни.

Има злоупотреба во начинот на спроведување на тестот. Прво, примерокот не беше аплициран во бафер кој што ја одржува пе-ха вредноста константна. Да се аплицира Кока Кола која што има пе-ха вредност од 2.5, како што тоа го направи политичарот, без користење на баферот, значи да се уништи протеинот на антителата на тестот. Ова ја уништува заштитната обвивка на тестот и го прави видлив позитивниот маркер. Овој резултат би бил очекуван и за било кој друг тест од друг производител, доколку тестот се спроведе без употреба на бафер. Ако тестот беше спроведен како што треба, на правилен начин, тој би дал негативен резултат. За да го докажеме тоа, ние точно го спроведовме истиот експеримент со Кока Кола. Резултатот е негативен, како што можете да видите во видеото. Ваквите тестови секогаш треба да се спроведуваат од страна на болнички кадар или тренирани индивидуи, за да се одбегнат вакви резултати и интерпретации, посочи компанијата Диалаб, производител на антигенскиот тест користен во видеото. Тие додадоа дека дури и тест за бременост би излегол позитивен ако примерокот се тестира на вака неправилен начин.
Правилниот начин на тестирање е прикажан на ова видео, како поткрепа од Диалаб за нивното тврдење. Резултатот од тестираната Кока Кола, ако во експериментот се користи бафер, е негативен.
Баферот, како чекор кој се користи при спроведувањето на антигенските тестови, е опишан во сите упатства на сите производители на антигенски тестови како задолжителен. Причината е во тоа што оваа супстанца ја одржува нормалата на пе-ха вредноста на примерокот. Обидот да се обезвреднат антигенските тестови на начин што на нив се користат супстанци за кои што тестовите не се воопшто наменети, покажуваат само една работа. А тоа е дека, тестот не е наменет за храна и пијалоци, туку за примероци кои се тестираат за присуство на антигени на коронавирусот, кои се човечки примероци. Освен тоа, брзите антигенски тестови, не се користат за детекција на случаите кои се позитивни на коронавирусот. Дури и тестот да е позитивен, ако е антигенски потоа мора да се провери со златниот стандард, ПЦР тестот.
Оттука, комплетно невистинито е дека Кока Кола воопшто може да биде позитивна на антигенски тест за ковид-19, затоа што тестирањето во конкретниот случај што го рецензираме е спроведено од страна на лице кое не е медицинско, во услови во кои што е прескокнат важен чекор во тестот, кој доведе до лажно позитивен резултат со цел да се дезавуира јавноста и да се наметне сомнеж дека антигенските тестови се безвредни, бескорисни и дека даваат погрешни резултати.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција