Комисијата се активираше поради зголемен број ковид случаи, а не за да го задуши протестот

Фото: pixabay.com

Комисијата за заштита на населението од заразни болести уште на крајот на јуни почна да предупредува дека постои нагорен тренд на ковид инфекции во државата, а протестите против францускиот предлог почнаа подоцна. Односно, двете работи не се поврзани една со друга. Исто така, Комисијата на ниеден начин не може да влијае на протестите кои продолжија да се одржуваат и покрај тоа што во државата имаше зголемен број на ковид инфекции

Комисијата за заштита на населението од заразни болести уште на крајот на јуни почна да предупредува дека постои нагорен тренд на ковид инфекции во државата, а протестите против францускиот предлог почнаа подоцна. Односно, двете работи не се поврзани една со друга. Исто така, Комисијата на ниеден начин не може да влијае на протестите кои продолжија да се одржуваат и покрај тоа што во државата имаше зголемен број на ковид инфекции

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, а во кој се тврди дека фактот што Комисијата за заштита на населението од заразни болести почна да излегува во јавност со соопштенија, односно се активираше, претставува обид за дефокус на јавноста од актуелните протести кои се случуваа поради францускиот предлог.

Таман се дигна народот, ја вклучија Комисијата за заразни. Прочитани сте како буквар бре сатанисти гнасни!!! Нема да ви помине кромидот овој пат.

Меѓутоа, во постот кој го рецензираме, се пропушта контекстот.
Комисијата за заштита на населението од заразни болести уште пред дваесет дена излезе со соопштение по одржаните состаноци, токму откако во земјава беше регистриран раст на бројот на заразени пациенти од ковид-19. Односно, за да се алармира граѓаните да практикуваат заштитни мерки кои може да ја превенираат или намалат трансмисијата на коронавирусот.

На 29 јуни оваа година, Комисијата за заштита на населението од заразни болести до медиумите испрати соопштение во кое информираше дека бројот на позитивни случаи на ковид-19 во земјава е зголемен за 65,8 проценти таа недела, во споредба со претходната. Тоа беше соопштено по одржаниот состанок на експертите кои се занимаваат со следење на епидемиолошката состојба во државата. На тој состанок беше констатирано  и дека нема зголемување на бројот на хоспитализации во државните и приватните клиники и дека во тој момент во болниците се лекувале само 10 пациенти болни од ковид-19.

Комисијата во тоа соопштение посочи и дека ваквите параметри, односно трендот на зголемување на бројот на новозаразени е светски и присутен е и во земјите од соседството. Таму нема протести за францускиот предлог, така што тезата дека Комисијата за заштита на населението од заразни болести се активирала за да го задуши протестот и да го пренасочи вниманието од протестите кон ковид ситуацијата не е изджана и не е втемелена во фактите. Комисијата за заразни болести препорача граѓаните да го заштитат своето здравје со носење маска, одржување растојание и почесто миење раце, мерки кои и претходно во текот на целата пандемија се применуваа за превенција и заштита од коронавирусот.

Во постот што е предмет на нашата рецензија, се тврди и дека самата активација на Комисијата за заштита на населението од заразни болести е со цел на граѓаните да им се пласира наводен „кромид“, метафора која се користи за лажна вест или дезинформација. Меѓутоа, во случајов постојат јасни статистики, бројот на новозаразени се следи од страна на Институтот за јавно здравје и на неделно ниво за тој број се пласираат извештаи до јавноста.

Дека трендот на зголемување на бројот на ковид инфекции продолжил и во наредниот перид, покажуваат и следните соопштенија на Комисијата за заразни болести. Така на 15 јули 2022 година, оттаму препорачуваат двојно зголемување на капацитетите за тестирање во институциите кои се надлежни за тоа, како и следење на состојбата за евентуално овозможување дополнителни капацитети кај што е потребно. Бројот на нови ковид инфекции во таа недела (15 јули) бил зголемен за 79.9 проценти споредено со претходната.

Информирање за трендот на зголемување на бројот на новите инфекции, никако не може да ги задуши протестите кои се одвиваа пред Собранието пред Владата и во центарот на Скопје. Самата Комисија, пак, воопшто не препорача нови мерки освен тоа да се зголеми капацитетот за тестирање, а на сила остануваат досегашните мерки, маска да се носи само во здравствените установи, во јавниот превоз и во домовите за стари лица и лица со посебни потреби. Комисијата апелираше граѓаните да избегнуваат да престојуваат во затворени и непроветрени простории освен кога е неодложно. Протестите наспроти ова, се одвиваат на отворен простор.

Институтот за јавно здравје, последната анализа за ковид состојбата која се темели на математика и точна статистика ја објави на овој линк.

Од погоре изнесените факти, евидентно е дека Комисијата за заштита на населението од заразни болести уште на крајот на јуни почна да предупредува дека постои нагорен тренд на ковид инфекции во државата, а протестите против францускиот предлог започнаа подоцна. Односно, двете работи не се поврзани една со друга,  нагорниот тренд на ковид инфекции е почнат пред да почнат да се одржуваат протестите, а Комисијата за заштита од заразни болести само одговари на тој тренд и ги информира граѓаните за таквата ситуација.
Исто така, Комисијата на ниеден начин не може да влијае на протестите кои продолжија да се одржуваат и покрај тоа што во државата имаше зголемен број на ковид инфекции. Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција