Контраспин: Денационализацијата трае – правото на сопственост уште се крши

Незавршениот процес од денационализацијата, после толку пати прогласување дека е завршен во изминатите години (практично пред секои избори), вклучувајќи го и во Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ од пред неколку месеци, е недоследно и е извртување на вистината. Завршени предмети во првостепена постапка не се и конечни предмети

 

Незавршениот процес од денационализацијата, после толку пати прогласување дека е завршен во изминатите години (практично пред секои избори), вклучувајќи го и во Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ од пред неколку месеци, е недоследно и е извртување на вистината. Завршени предмети во првостепена постапка не се и конечни предмети

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во промоција и примена на човековите права, спаѓа и фундаменталното право, правото на сопственост. Во минатата година има зголемување на пријавите на кршење на човековите права во канцеларијата на Народниот правобранител за 3,6 отсто во однос на 2014 и тој број е преку 4000 претставки. Од овој број, 160 од нив се однесуваат на кршење на правото на сопственост, најмногу во однос на денационализацијата, за која претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и оваа владејачка партија, со спинувана изјава уште од пред неколку месеци сакаа да создадат илузија дека е завршен:

Спин: Завршена е денационализацијата во првостепена постапка. Решени се вкупно 30.744 предмети за денационализација во првостепена постапка. Најголем дел од предметите, односно над 15.000 се решени во периодот 2007-2012 година, а во последните години најсложените, најголеми и најобемни предмети. Со тоа решивме еден децениски долг проблем на генерации и генерации македонски граѓани и илјадници семејства.

[Извор: Отчет 2016, март 2016: стр. 17]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Спинот или извртувањето на вистината во оваа изјава се состои во тоа што ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер во Отчетот децидно наведуваат дека „решивме еден децениски проблем на генерации и генерации македонски граѓани и илјадници семејства“.

Тоа не соодветствува на вистината и не само што предметите не се решени во целост, туку правдата е бавна, а кршењето на правото на сопственост загарантирано и со Устав и со закон, не се почитува.

Еден од клучните услови за една земја да се смета за демократска и за функционална пазарна економија, е почитување на правото на сопственост, загарантирано и со европски и со меѓународни, т.е. документи на Обединетите нации, на кои Република Македонија, патем е потписник и ги има вградено во правниот систем преку ратификации. Правото на сопственост спаѓа во групата на фундаментални права.

Во последниот извештај на Европската унија за напредокот на Македонија се наведува дека само Канцеларијата на Народниот правобранител (НП) регистрирала 160 прекршувања на правата на сопственост во 2015 година:

Омбудсманот потврди 160 кршења на правата на сопственост во 2015 година; повеќето се однесуваат за бавниот процес на денационализација. Процесот на приватизација на градежното земјиште е сè уште бавен и непријатен, а бројот на решените предмети е многу мал. Катастарот треба да ги следи барањата и препораките од Омбудсманот и да ги почитува релевантните судски одлуки со цел да ја обезбеди правната сигурност во однос на правото на сопственост. (ЕУ Извештај, стр.61).

Ако се погледне внимателно Извештајот на Народниот правобранител за 2015, а објавен во март 2016, во делот на денационализацијата, имотно-правните односи и прекршувањата на правата, ќе се забележи токму она на што обрнува внимание Европската комисија.

Во Извештајот на НП на страница 18 има дел кој се однесува на денационализацијата и е насловен „Денационализацијата приказна без крај“. Во него пишува:

Со децении трае институционалната битка на граѓаните за остварување на правата по основ на денационализација, а во кој временски период и Народниот правобранител, континуирано констатираше кршење на нивните права, во сите степени од постапката и од сите надлежни органи. Имено, најмногу од претставките од имотно-правната област поднесени во 2015 година, се однесуваат за заштита на правата по основ на денационализација, која пак, декларативно од министерот за финансии и Владата е прогласена за завршен процес пред многу години.

Народнито правобранител констатирал дека работата е закочена кај Владата, т.е кај Министерството за финансии:

Постапките по нерешените предмети за денационализација од Комисиите за денационализација на Министерството за финансии, неоправдано се одолжуваат и се ажурират дури откако Народниот правобранител по поединечните претставки, соодветно ќе интервенира. Така во извештајната година скоро и да не постои предмет за кој е донесена нова одлука, односно истиот да е решен, а за малиот број кои беа решени, донесена е негативна одлука. Оттука, констатација на Народниот правобранител е дека Министерството за финансии наместо да им ги решава предметите на граѓаните, постапката ја одолжува и со тоа ги спречува да си ги остварат легитимните права, кои им ги гарантираат одредбите од Законот за денационализација.

Подолу во Извештајот на НП во делот на имотно-правните односи се наведуваат повеќе детали за неажурноста на комисиите, но се потенцира дека дел од вината се наоѓа и во управните судови, основниот и вишиот:

Во овој сегмент, секако дека свој придонес имаат и Управниот и Вишиот управен суд со оглед на тоа што иако имаат можност, скоро и да не донесуваат мериторни одлуки по одредни барања. Административните постапки за комплетирање на предметите и уредната достава на одлуките и другите поднесоци до странките во постапката, понекогаш траат со години. Воедно, поради лошата комуникација меѓу Министерството за финансии, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Управниот и Вишиот управен суд, предметите заглавуваат во бирократски лавиринт и странките неоправдано трпат штетни последици. Илустрација за ваквите состојби е околноста кога со години надлежните органи не можат да се координираат и да обезбедат доказ за правосилност на одредена одлука или, пак, кога предметот треба да се комплетира со списи и да се препрати на надлежност до повисокиот суд. (Извештај на НП, стр.70)

Една страница подолу, НП бара конечно решавање на процесот на денационализација со ангажирање на посочените органи и институции:

Надлежните органи (Министерството за финансии, Управниот и Вишиот управен суд), итно да ги решат сите преостанати предмети за конечно да се стави крај на процесот за денационализација;

Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на неодамнешната Конвенција на партијата на која ги претстави кандидатите за пратеници и носителите на пратеничките листи, обраќајќи му се на членството и на јавноста рече:

…Ние кога ветуваме потоа реализираме, остваруваме, исполнуваме, испорачуваме. Ветеното го испорачуваме. Тоа е одликата на ВМРО-ДПМНЕ и оваа коалиција заедно со нас „За подобра Македонија“.

Незавршениот процес од денационализацијата, после толку пати прогласување дека е завршен во изминатите години (практично пред секои избори), вклучувајќи го и во Отчетот на ВМРО ДПМНЕ од пред неколку месеци, е недоследно и е извртување на вистината. Завршени предмети во првостепена постапка не се и конечни предмети. А, бидејќи правото на сопственост спаѓа во групата на фундаментални човекови права, оваа изјава и тврдење на ВМРО ДПМНЕ и на лидерот Никола Груевски кој го презентираше отчетот заедно со функционерите од Владата, го сметаме за спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција