Контраспин: Дури ни Груевски не си дозволи пи-ар „рекреaција“ во канцеларија како Груби

Артан Груби во својата канцеларија. Фото: скриншот

Груби може да се запраша зошто дури ни „мајсторот“ за пи-ар, каков што беше премиерот Никола Груевски, никогаш не си дозволил да прави реклама од своето работење во канцеларија. И тој се жалеше дека работи 24/7 – 365 дена, дека повеќе од 12 часа минува со своите премиерски обврски, но кога сакаше да прави пи-ар или се „рекреираше“ со велосипед покрај кеј, каде што камерите „случајно го уловиле на дело“, или, пак, шутираше и даваше голови во мал фудбал во спортска сала

Груби може да се запраша зошто дури ни „мајсторот“ за пи-ар, каков што беше премиерот Никола Груевски, никогаш не си дозволил да прави реклама од своето работење во канцеларија. И тој се жалеше дека работи 24/7 – 365 дена, дека повеќе од 12 часа минува со своите премиерски обврски, но кога сакаше да прави пи-ар или се „рекреираше“ со велосипед покрај кеј, каде што камерите „случајно го уловиле на дело“, или, пак, шутираше и даваше голови во мал фудбал во спортска сала

 

Пишува:Теофил Блажевски

 

Вицепремиерот Артан Груби, гостувајќи на ТВ интервју коментираше негови објави на официјалниот ФБ профил, при што изрече спин:

Спин:  Пораката од играњето беше дека сме одличен тим, многу сложни заедно, дека сме млади и полетни, желни за резултати и дека само што почнавме со работа…

Не гледам ништо неморално и неетички, едноставно шутираваме, си игравме малку фудбал, пет минути, и баскет. Зошто да не играме внатре? На мало голче игравме фудбал, во тоа не гледаме ништо спорно“…„Сме станале општество на хистерични реакции за се и сешто“

[Извор: 360 Степени и 24 Анализа – Груби/интервју (од 2-9 минута); датум: 07.03.2023]

Контраспин: Првиот потпретседател на Владата на РСМ, Артан Груби не гледа зошто јавноста и општата и упатената, неговата пи-ар рекреација во канцеларија со игри со топка ги доживува непримерни и скандалозни, па преку спин кажува дека нема ништо спорно, ниту неморално и неетички што малку шутирале, a целото општество го карактеризира како „хистерично“.

Постојат повеќе елементи преку кои би можело да се полемизира со проценките на Груби за тоа што е морално и етички кога си еден од врвните политичари во извршната власт, но темата не е оценување на етиката и моралот, туку на спинот дека „нема ништо спорно“ и дека „сме станале „општество на хистерични реакции за се и сешто“.

Запрашан во студиото уште еднаш и уште еднаш „и не гледате ништо спорно“, Груби повторува не! На прашањето зошто некаде надвор, во парк не го правеле тоа, Груби логицира – „зошто надвор во парк, па ние игравме на мали голчиња а не на големи“.

Спинот на Груби е во основната премиса – канцеларијата, па и онаква каква што ја има Груби, служи за работа, а не за рекреација. Спорното е во тоа што Груби „рекреирајќи“ се во канцеларијата, дури и не ја употребува за вистинска рекреација, туку за испраќање на пи-ар порака, која ако се погледне видеото што го емитуваше на својот ФБ официјален профил измонтирано со музика од ленгендарната нумера од Quin – „We will rock you“ и не ќе да е баш дека се „млади и полетни желни за резултати“, туку дека се „многу сложни заедно“. И оваа порака многу повеќе личи дека е упатена кон „Огнената група“, фракцијата во ДУИ која бара разрешување токму на Груби и на Османи, отколку кон севкупната јавност.

Османи Груби и другите министри од ДУИ во канцеларијата на Груби. Фото: скриншот

Спорното е и во тоа што Груби на овој начин врши и дискриминација, пред сè, на вработените во неговото министерство, а потоа и на сите други вработени во државата што работат во канцеларии, зашто на сите нив не им е дозволено да си играат фудбал на мали голчиња или да играат баскет, или да се рекреираат некако поинаку. И тие вработени имаат тешки и напорни денови, додуша можеби не толку колку Груби, бидејќи тој ден му бил преполн со состаноци – де информација за тоа до каде е работата со Бехтел и Енка, де да ја ислуша амбасадорката на Шведска, де другите многубројни точки од седницата на Владата…

Навистина, досега постоеле такви обиди за воведување на некои позитивни „порелаксирачки“ практики во државната управа и администрација во однос на вработените, но главно немале успех. Еден таков имаше  во Министерството за финансии, преку проектот „Ручај и учи“, кога министер  беше Зоран Ставревски. Но, не е во канцеларии, туку во посебна просторија и кога вработените користат пауза.

Наследниците во овој ресор, професорот Драган Тевдовски и Нина Ангеловска, кои, исто така, имале тешки и напорни денови, посебно кога се носеле буџетите, се рекреиарале преку за нив омилениот спорт – трчањето, што може да се види тука и тука, но, исто така, во слободно време и, се разбира, надвор од канцеларии.

Конечно, спорно е поради ефектот што пи-ар игранката на Груби ја остава кон јавноста. За тоа доволно е само да се погледнат коментарите под неговата објава на Фејсбук со видеото како Груби и другите министри се „рекреираат“. Еве само еден од коментарите:

Срамота. Несериозно, невкусно, неодговорно па дури и малоумно во сериозни и одговорни државни институции, било кој вака да се однесува. Ајде и во Собрание, во судовите, во операционите сали и слично да се прави вака. На што личи. Па во нивни приватни фирми да се, па не би го правеле ова (најмалку е битно дали се овие или други актери).

Со овој коментар најдобро се покажува зошто е спин тоа што го вели Груби дека нема ништо спорно, но се разбира и зошто е спин дека „сме станале општество на хистерични реакции за се и сешто“. Груби со тоа што не гледа ништо спорно, делува како да се одвоил од реалноста и дека не може да разбере дека јавноста е составена и од граѓаните од кои огромен дел мака мачат да ги усогласат потребите за нормално живеење и недоволните ниски примања и реагираат „хистерично“, ама не за сè и сешто, туку токму кога некој со такви пи-ар постапки буквално им „брца со прст во око“.

Груевски, „уловен случајно“ како се рекреираше на Кеј, зад Владата. Фото: скриншот

Впрочем, Груби може да се запраша зошто дури ни „мајсторот“ за пи-ар, каков што беше премиерот Никола Груевски, никогаш не си дозволил да прави реклама од своето работење во канцеларија. И тој се жалеше дека работи 24/7 – 365 дена, дека повеќе од 12 часа ги минува со своите премиерски обврски, но кога сакаше да прави пи-ар или се „рекреираше“ со велосипед покрај кеј, каде што камерите „случајно го уловиле на дело“ или, пак, шутираше и даваше голови во мал фудбал во спортска сала.

Токму затоа, спин е дека немало ништо спорно во објавата на Груби и дека негативните коментари биле резултат на тоа што „сме станале општество на хистерични реакции за сè и сешто“.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција