Контраспин: Како Левица виде дека власта го поддржувала фашизмот?!
Политичката партија Левица искажувајќи став околу негативното гласање на Северна Македонија во Собранието на ООН за предлог резолуцијата на Русија за борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот, расизмот…, оценува дека сето тоа се случувало во време кога такви појави се регистрираат (и) во земјава. Но, во набројувањето на таквите појави се наброени работи околу кои Левица ја извртува вистината, како што е и работата на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања
Политичката партија Левица, искажувајќи став околу негативното гласање на С. Македонија во Собранието на ООН за предлог резолуцијата на Русија за борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот, расизмот…, оценува дека сето тоа се случувало во време кога такви појави се регистрираат (и) во земјава. Но, во набројувањето на таквите појави се наброени работи околу кои Левица ја извртува вистината, како што е и работата на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања
Пишува: Теофил Блажевски
Политичката партија Левица излезе со став околу владејачката коалиција во земјава и нивниот однос кон фашизмот, при што во дел од поткрепувачките аргументи, коишто треба да го опишат контекстот, односно што се случува во земјата, може да се регистрираат спинови:
Спин: Актуелната владејачка елита, во духот на вазалскиот однос, оставајќи ги своите народни и национални интереси во трет план, послушно се солидаризираше со своите надредени и гласаше против резолуцијата во ООН која повикува на борба против современите појави на фашизам и нацизам.
Квислиншката власт одлучи да не се противи на глорификацијата на фашистичките идеи и тенденции во моменти кога:
Сведочиме на интензивно отворање на културни клубови со имиња на фашисти кои го глорифицираат нацизмот;
„Историската комисија“ врши ревизија на антифашистичкото минато на македонските партизани, со што нивната жртва се минимизира, додека дејствијата на фашистичките окупатори се релативизираат;
Измените во учебниците, односно реформите во образованието се спроведуваат согласно желбите на држава – поранешен фашистички окупатор;
Секојдневно можеме да видиме сквернавање, кршење, крадење или целосно уништување на партизанските споменици кои намерно години наназад не се одржуваат;
Високи државни функционери на соседна држава постојано искажуваат фашистички и иредентистички идеи кон Македонија.
[Извор: Левица/ФБ профил – СДСМ и ДУИ согласни со ширењето на фашистичките и нацистичките идеи – датум: 07.11.2022]
Контраспин: Парламентарната политичка партија Левица искомуницира со јавноста со политички став дека „СДСМ и ДУИ се согласни со ширењето на фашистичките и нацистичките идеи“, затоа што С. Македонија гласала против усвојување на резолуција што ја предложила Русија во Генералното Собрание на ООН со наслов „Борба против глорификацијата на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за ескалација на современите облици на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција“.
Иако е доста контроверзно и да се излезе со таква цврста оценка само врз база на еден политички потег, Левица има такво политичко право. Тоа е нејзин став, макар и само врз основа на гласањето во ООН во кое С. Македонија навистина гласаше против, заедно со 51 друга земја кои биле против, наспроти 15 „воздржани“ и 105 „за“ и наспроти фактот што во соопштението на партијата не се споменува дека С. Македонија бараше и вметнување амандман, со кој можеби станува појасно зошто гласала против.
Но, наместо да се задржат само на гласањето како аргумент, Левица наведува во своето соопштение неколку констатации како поддршка на основниот став (СДСМ и ДУИ профашистички), со спинувани аргументи. Констатациите се однесуваат на тоа што се случува во земјата кога се случува и гласањето во ООН и кои треба да го засилат впечатокот од главниот заклучок на Левица, дека владејачката гарнитура била, де факто, профашистичка!
Македонско-бугарските односи во центарот на вниманието
Три од спинуваните аргументи се однесуваат на актуелните македонско-бугарски односи, при што во дел се апострофира работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања, согласно Договорот за пријателство добрососедство и соработка меѓу Скопје и Софија.
На пример, што значи аргументот дека „сведочиме на интензивно отворање на културни клубови со имиња на фашисти кои го глорифицираат нацизмот“, ако притоа не се спомене дека под притисок на јавноста (и опозицијата), државата, сепак, реагираше и Собранието донесе измени на законот кој ги регулира здруженијата на граѓани, со кои, на идните им се забрануваат такви спорни имиња, а на постоечките им е оставен тримесечен рок да ги променат имињата.
Овој полуспин во првата констатација е засилен со целосен спин во констатацијата под неа, дека „Историската комисија“ врши ревизија на антифашистичкото минато на македонските партизани, со што нивната жртва се минимизира, додека дејствијата на фашистичките окупатори се релативизираат.
Работата на ова тело, која е регулирана согласно точка 8 од Договорот, не е стигната да го заврши средниот век, за што зборуваат повеќе наслови што можат да се најдат во медиумите врз основа на изјави на самите членови во Комисијата. За тоа сведочат и насловите уште во декември 2019 година (види тука), па сè до септември 2022 (види тука). Значи мешовитата експертска комисија сè уште расправа за прашања од средниот век и ниту една изјава или друг аргумент не укажуваат дека стигнале да расправаат за прашања од дваесеттиот век, каде што спаѓаат и настаните од Втората светска војна во Македонија.
Според тоа, „Историската комисија“ не прави ревизија на „антифашистичкото минато на македонските партизани“, ниту пак, „релативизирање на фашистичките окупатори“ и таквото тврдење е спин, односно, досегашната расправа се ползува за извртување на вистината.
Истото може да се каже и за другите два аргумента што ги наведува Левица како констатација, од кој првиот е дека „измените во учебниците, односно реформите во образованието се спроведуваат согласно желбите на држава – поранешен фашистички окупатор“.
Иако не појаснуваат на што се однесува, Левица алудира на сегашната постапка на Министерството за образование и наука која е најавена на крајот на октомври, за евентуална промена на учебникот по историја за седмо одделение.
Овие евентуални измени се најавени како последица на „повеќе поплаки за овој учебник“, а не како резултат на работата на Комисијата. Па, сепак, дури и да се делумно, вистината е дека главната промена во учебниците е во оној за шесто одделение во С. Македонија, и петто одделение во Бугарија. И во двата учебника се предвидуваат по пет промени, кои се усогласени со заеднички став на Комисијата, т.е. на сите 14 членови. Оваа согласност е постигната уште во 2019 година, а дури неодамна станала достапна за јавноста, откако е објавен Протоколот што го потпишале шефовите на дипломатиите на двете земји, а измените на учебниците треба да стапат во сила во учебната 2024/2025. Повеќе детали за тоа што е договорено да се препорача за менување во учебниците може да се прочита од текстот од „Призма“.
Но, во секој случај, спин е дека се менуваат учебниците во македонскиот образовен систем по желбите на држава – поранешен фашистички окупатор. Комисијата дава препораки, а потоа државите преземаат постапки само доколку се постигне целосна согласност меѓу сите учесници во Комисијата, а како што може да се види од првата препорака за менување, треба да се сменат содржини на учебници во двете држави.
Негрижата за спомениците е системски проблем
И последните две констатации кои ги наведува Левица во соопштението се во најмала рака аргументи кои немаат директна врска со нивното главно тврдење. На пример, ако може Левица да извади директен линк помеѓу децениската негрижа на државата за спомениците и спомен обележјата од антифашистичката историја на Македонија со најновото гласање во ООН, секоја чест, но, јавноста, сепак, знае дека станува збор за системска негрижа генерално, каква што се виде и на 11 Октомври во Куманово, каде се одржа централната манифестација по повод денот на независноста. Неодржувани споменици, каков што е Спомен костурницата во Куманово, има ширум земјата и нема никакви индиции дека таа појава, која се однесува генерално и на споменици на историски настани и на споменици на културата, има поврзаност со менувањето на политичкиот курс на која било владејачка структура во С. Македонија.
Последниот аргумент или оценка дека „високи државни функционери на соседна држава постојано искажуваат фашистички и иредентистички идеи кон Македонија“, е исто така полуспин, сличен на првиот што го оценуваме. Имено, што вреди една ваква генерална констатација ако не се искаже и реакцијата – како реагираат властите во земјава, а за голем дел од таквите изјави, не за сите, често се искажува официјална реакција. Дали треба повеќе, дали треба секогаш и за секоја таква изјава да има реакција, одговорноста ја има тој што ја прави проценката, значи извршната власт. Но, да се ползува ваков аргумент како поткрепувачки доказ дека владејачката структура составена од две големи партии „СДСМ и ДУИ се согласни со ширењето на фашистичките и нацистичките идеи“, секако е извртување на вистината или спин.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар