Контраспин: Како Мицкоски пронајде врска меѓу истрагата за спомениците и идентитетот

Фото: Скриншот

Случајот може да се разгледува од неколку аспекти, кривично-правен, политички, односно влијание на политиката врз правосудството, корупциски/антикорупциски, на залудно потрошени/украдени пари (33 – те градинки на СДСМ, иако и тоа е спин само по себе), но никако не може да се разгледува од аспект на случај кој во позадина го загрозувал македонскиот идентитет. Токму таква врска некако успеа да пронајде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, зачинувајќи го тоа и со етно-национална реторика од типот „за Македонците има истраги а за Албанците не“, со што директно го потхранува политичкиот противник што „неќе да го види“ – ДУИ

Случајот може да се разгледува од неколку аспекти, кривично-правен, политички, односно влијание на политиката врз правосудството, корупциски/антикорупциски, на залудно потрошени/украдени пари (33 – те градинки на СДСМ, иако и тоа е спин само по себе), но никако не може да се разгледува од аспект на случај кој во позадина го загрозувал македонскиот идентитет. Токму таква врска некако успеа да пронајде лидерот на ВМРО-ДПМНЕм Христијан Мицкоски, зачинувајќи го тоа и со етно-национална реторика од типот „за Македонците има истраги, а за Албанците не“, со што директно го потхранува политичкиот противник што „неќе да го види“ – ДУИ

 

Пишува: Теофил Блажевски 

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава дадена во врска со истрагата на Обвинителството за 11 споменици од проектот „Скопје 2014“, даде изјава во која може да се детектира спин:

Спин: „Тоа што беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој ден, а вие го нарековте случај ‘Феникс’, тоа е исклучиво со една цел, а тоа е дефокус од јавното мислење, за да се дивергира од оние кои денеска купуваат со десетици милиони евра имот во центарот на Скопје.

Ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум-девет години. И второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет, зашто така се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои имаат за цел да прикажат историски континуитет на битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет

[Извор: 360 Степени/Јутуб – Х. Мицкоски/изјава; датум: 03.07.2023]

Контраспин: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава дадена во врска со истрагата „Феникс“ на Основното јавното обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), спинува околу суштината на секоја истрага – да се расчисти дали имало или немало криминал.

Кога во петокот на 30.06.2023 година обвинителот Љубомир Лапе ја запозна јавноста дека е во тек истрага, тој зборуваше со факти – основано сомневање дека 15 лица и пет наменски формирани компании се вмешани во организиран криминал за изградбата на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“, во вредност од околу 57 милиони евра и за незаконски стекнати пари од државниот буџет. Притоа, лицата се сомничат за две кривични дела – злоупотреба на службена должност и перење пари. Злоупотребата се однесува на заобиколување на законската регулатива околу надлежностите на Собранието и префрлање на надлежностите на Општина Центар, односно незаконско префрлање на над 57 милиони евра од буџетот на државата на сметка на Општина Центар за изградба на спомениците како дел до „Скопје 2014“ и друго. Бидејќи истрагата, како што тврди обвинителот, покажала драстична разлика во тендерираната и реалната цена на чинење на спомениците преку подизведувачи во Италија, незаконски биле стекнати над 16 милиони евра, од кои дел завршиле испрани во  земјава. Целата прес конференција за истрагата што сè уште трае, може да се види тука, а прецизно за сомневањата за бројките и кривичните дела може да се прочита и на страната на Јавното обвинителство.

Наместо да се дискутира за фактите изнесени во досегашниот тек на истрагата – во која првоосомничен е тогашниот премиер Никола Груевски, вицепремиер и министри од неговите влади, двајца поранешни градоначалници и поранешен претседател на Совет на Општина Центар и други лица, вклучувајќи го и сопственикот на италијанската фирма што ги добивала „напумпаните“ тендери – се бара најпрво мотивот, со што се прави дефокус од страна на Мицкоски. Тој, де факто вели дека станува збор за дефокус од случајот со внукот на Али Ахмети и купувањето на дел од трговскиот центар Соравија, како и претходниот случај со цената на чинење на деловниот простор што го купил и братот на Артан Груби во центарот на Скопје.

За веднаш потоа да го изрече главниот спин – Ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум-девет години!?

На овој главен спин, а и за шпекулациите за датумот кога е соопштена истрагата во јавноста, делумно одговори ЈО во соопштението од понеделникот, кога беше пласиран податокот дека истрагата е отворена од порано, но дека се чекало финалното вештачење кое стигнало на почетокот на јуни:

Имено, доказот што беше неопходен во оваа кривична постапка – материјално-финансиското вештачење, што по наредба на предметниот обвинител го изготви судски вештак, е примено на 01.06.2023 година. До јавниот обвинител документот е доставен на 05.06.2023 година. По негово проучување, во корелација со претходно обезбедените докази, на 12.06.2023 година јавниот обвинител до МВР веќе достави Наредба со насоки за подготовка на сите потребни мерки за реализација на кривичниот предмет.

Освен ова, на основната прес конференција од 30-ти јуни, обвинителот Лапе посочи дека финансиските докази се обезбедени преку механизмот за меѓународна правна помош од пет други држави, а секој што е упатен во ваквиот трансфер на податоци од една до друга државна институција знае дека тој процес трае со месеци, некогаш и со години. Ако се земе и фактот дека многу време е изгубено од  јуни 2017 г. (крајниот рок за поднесување на обвиненија на СЈО), до јуни 2020 г. кога некогашното Специјално Јавно обвинителство (СЈО) формално згасна, а истрагите на СЈО беа префрлени во надлежните редовни обвинителства, вклучувајќи ја и истрагата што ја водел Лапе, плус имајќи ги предвид и пандемиските години, не е воопшто невозможно истрагата објективно да траела толку долго.

Но, исто така, имајќи ги предвид и претходните сомневања, претходните ревизии (посебно онаа што ја направија антикорупционерите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски), претходните истражувања на новинарите за целиот или за делови од проектот „Скопје 2014“, извртување на вистината е да се каже однапред дека кај спомениците нема кривично дело зашто истрагата траела предолго. Истрагата треба да заврши со или без обвинителен акт, да се отпочне и да се заврши судска постапка, па потоа да се тврди дека немало криминал. Суштината е јавноста да дознае зошто и како еден споменик, на пример, бил тендериран 4,7 милиони евра, а цената на изведба во Италија му била 2,4 милиони, како што беше кажано од ЈО. И каде отишла разликата од тие пари….

Фото: Колаж на Мета.мк

 

Како ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си се потхрануваат и крепат

Оттука, сосема е проѕирен спин и тврдењето на Мицкоски дека оваа истрага имала поврзаност и со идентитетот. Ако се земе во целост неговата изјава (види видео), ќе се види дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја дефокусира јавноста од прашањето имало или немало криминал со спомениците и да ја префрли во етно-национални води:

Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал. И го охрабрувам тој истиот обвинител да отвори една таква предистрага, барем нека се охрабри да отвори предистрага. Или може сакате да одиме до Зајас, до Колари, или сакате до уште неколку места да ве однесам во Македонија каде што има такви нелегални градби и каде што има основано сомневање за еден поспектакуларен случај од овој што служи за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои денеска ја имаат заробено Македонија – изјави Мицкоски.

Со оваа реченица, која што е веднаш залепена зад реченицата дека со истрагата се загрозува и македонскиот идентитет – демек за спомениците што се значајни за Македонците се отвораат истраги, а за оние за Албанците не – Мицкоски игра на картата на подгревање на етничките чувства кај најшироката јавност, било на едната или на другата страна, со што повторно прави дефокус од главното прашање, имало криминал или немало. Без оглед што е вистина дека секое незаконско дејствие треба да биде процесуирано и истражено, исто како што е вистина дека едно кривично дело не може да се прави со оправдување дека и други прават криминал. Намерата на изјавата на Мицкоски е јасна – дефокус играјќи на картата на етничките чувства.

И сосема за крај – освен овој дефокус, ваквата изјава постигнува уште еден ефект – јакнење на етно националната политичка карта кај противникот кој за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив и за во оваа и за во која било друга влада – ДУИ. Бидејќи оттаму експресно му одговорија со речникот кој најдобро го познаваат при дводецениското опстојување на власт на политичката сцена – Мицкоски да се поклони пред споменикот на ОНА во Слупчане. Со што, Мицкоски го јакне рејтингот на својот политички непријател. Што е парадоксално, но само на прв поглед.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција