Контраспин: Како СДСМ мисли да биде избрана привремена влада без двајца министри?
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за неподршка на привремената влада на Талат Џафери е несериозен и тежок за разбирање, ама ставот на СДСМ дека во тој случај „местата во техничката Влада на ДПМНЕ треба да останат празни, а мандатарот да предложи Влада во која што тие места ќе бидат непополнети“ е спин, затоа што прво е незаконски и таква влада тешко може да биде избрана во Собранието, а потоа води и кон некредибилен изборен процес
Пишува: Теофил Блажевски
Од СДСМ во последните денови соопштуваат ставови во кои се препознава спин:
Спин: „местата во техничката Влада на ДПМНЕ треба да останат празни, а мандатарот да предложи Влада во која што тие места ќе бидат непополнети“
[ Извор: СДСМ – Соопштение/веб, датум: 20.01.2024]
Контраспин: Ставот на СДСМ и ДУИ за тоа дека немало потреба од предлози од ВМРО-ДПМНЕ за министри и заменици во техничката влада доколку не ја поддржеле, е неодржливо извртување на вистината, односно спин околу законот и целите на таа техничка влада.
Всушност, овој дециден став на СДСМ изразен во соопштение дека местата на министрите од ВМРО-ДПМНЕ треба да остана празни ако партијата не ги поддржи во Собрание, е само скратена верзија на она што премиерот Димитар Ковачевски го кажа ден претходно како одговор на новинарско прашање:
Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон како и сите други политички партии што имаат министри во техничката Влада треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа Влада. Доколку реши да не гласа за таа Влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи Влада во која што тие места ќе бидат упразнети. Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи Владата, тогаш наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои на нив им следуваат, рече Ковачевски.
Но, ваквиот став е спин и од законски и од аспект на целите што ги има техничката влада, односно она за што беше измислена како рецепт за враќање на довербата.
Техничката влада, или прецизно кажано привремена влада во последните 100 дена пред изборите, е решение воведено со „преговорите од Пржино“ во 2015 година и стапија на сила во денешна форма пред изборите во декември 2016 година. Целта, да не се заборави, е враќање на довербата во изборниот процес на тој начин што се именува друг, технички премиер од владејачките партии, а опозицијата номинира привремени министри во Труд и социјална политика и МВР, како и тројца дополнителни заменици министри во ресорите финансии, земјоделие и администрација. Значи, идејата е контрола на предизборниот процес и самите избори преку клучни ресори кои имаат влијание врз општеството, преку своите надлежности и финансиите со кои располагаат.
Сериозни разговори за укинување на оваа „привремена“ законска солуција за враќање на довербата не се водени, иако повремено и двете големи партии во македонскиот блок, а и ДУИ во албанскиот, пројавувале амбиции да се укине техничката влада. Но, тоа не се случи ни за овие парламентарни избори во 2024 г., а со оглед на меѓупартискиот договор на СДСМ со ДУИ во последните 100 дена привремен премиер да биде Албанец, ДУИ веќе го номинираше Талат Џафери.
ВМРО-ДПМНЕ преку изјава на својот лидер Христијан Мицкоски уште пред еден месец кажа дека не му е по ќеф предлогот, откако конечно се согласи да учествува во владата (ова беше уште еден трик-спин на опозициската партија за внатрепартиска употреба и градење на рејтинг) и сега тоа го потврдуваат и преку највисоките тела и органи. Значи, ставот на ВМРО-ДПМНЕ, колку и да се чини спинерски и незрел, е, сепак, законски чист. Бидејќи можат да гласаат како сакаат, па дури и против, а владата како предлог може да биде изгласана од мнозинството од власта, а потоа за секој нов предлог од новата техничка влада до Собранието, можат да се изјаснуваат по потреба различно.
Бидејќи тоа е законско право на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нема никаква потреба од „гимнастиките“ што ги изведуваат од СДСМ (и ДУИ), со „растегнување“ на Законот за влада и со нивно „креативно“ толкување како таа требало да биде составена.
Со други зборови, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е несериозен и тежок за разбирање, ама ставот на СДСМ дека „местата во техничката Влада на ДПМНЕ треба да останат празни, а мандатарот да предложи Влада во која што тие места ќе бидат непополнети“ е спин, затоа што, прво е незаконски и таква влада тешко може да биде избрана во Собранието (член 3, став 2 од Законот за Влада). Освен тоа, СДСМ би станала и партија која од позиција на власт ќе спроведува и некредибилни избори.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар