Контраспин: Никако да се брцне во „медот“ на функционерите

Фото: vlada.mk

Платите на функционерите експресно се покачија – само неколку дена по Oдлуката на Уставниот суд, ама никако да се намалат. Законот, најавен уште во април, сè уште се крчка. Работна група трага по издржливо и фер решение за вреднување на трудот на нашите функционери. Откако ќе се најде такво решение треба да биде усвоено на Влада, да ја мине собраниската процедура и да биде изгласано од пратениците. И, во ситуација кога власта само бара изговори, некако неумесно делува изјавата на шефот на дипломатијата дека „живее само од плата …“. Па зарем не е најнормално државните функционери да живеат од плата?! Впрочем, најголемиот дел од граѓаните живеат само од плата и тоа далеку помала од функционерската

Платите на функционерите експресно се покачија – само неколку дена по Oдлуката на Уставниот суд, ама никако да се намалат. Законот, најавен уште во април, сè уште се крчка. Работна група трага по издржливо и фер решение за вреднување на трудот на нашите функционери. Откако ќе се најде такво решение треба да биде усвоено на Влада, да ја мине собраниската процедура и да биде изгласано од пратениците. И, во ситуација кога власта само бара изговори, некако неумесно делува изјавата на шефот на дипломатијата дека „живее само од плата …“. Па зарем не е најнормално државните функционери да живеат од плата?! Впрочем, најголемиот дел од граѓаните живеат само од плата и тоа далеку помала од функционерската

 

 

Премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање ја спинуваше вистината за тоа кога ќе се намалат платите на функционерите, кои од април добиваат значително повисоки месечни примања откако Уставниот суд на 21 март укина две законски одредби:

Спин: Треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого. Кога ќе биде подготвено решението за платите од страна на работната група, тогаш ќе може да се разговара за конкретно решение кое ќе треба да биде прифатено од пратениците и сите други избрани и именувани функционери.

[Извор:МИА; Тајм.мк датум: 19.10.2023]

Контраспин: Додека Владата со месеци „бара издржано решение за платите на функционерите, кое нема да падне на Уставен суд“, над 1.000 државни функционери од април добиваат повисоки плати за 78 проценти. Со ваквото покачување платите на функционерите во највисоките ешалони на власта се движат од 2.000 до 2.500 евра. Премиерот, но и други функционери од власта, повеќепати најавуваат дека ќе има корекции на нивните плати, но тоа не се случи.

Уште од март, кога Уставниот суд укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, со што се овозможи драстично да се им зголемат платите, од Владата кажаа дека се „анализираат можности за намалување на коефициентите за пресметка на плата“, но потоа се премислија. Оваа опција пропадна, а Ковачевски на 6 април на прес-конференција во Владата оцени дека таков потег е нецелисходен.

Коефициентите се дел од системско законско решение за плати, бидејќи носење решенија коишто не се темелат на анализи, коишто не се темелат на правна и економска издржаност, на крајот секогаш завршуваат вака како што заврши ова решение коешто падна на Уставен суд, рече тогаш Ковачевски.

Како што образложи премиерот, Владата нема да интервенира во делот на коефициентите за платите на избраните и именуваните лица, туку ќе ја примени Одлуката на Уставниот суд, а „платите во јавниот сектор ќе се решаваат системски со нов закон којшто е во процедура. Истовремено, напомена дека тоа:

Не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти коишто се зборуваа во јавноста, со оглед дека се работи за шпекулации во најголем дел.

 

Власта со месеци трага по волшебната формула

Сепак, се покажа дека не биле шпекулации, уште со априлската плата на функционерските сметки легнаа од 120.000 до над 150.000 денари. А, власта оттогаш трага по волшебната формула како да ги намали функционерските плати и никако да ја најде.

Премиерот вчера (19.10.2023) повторно објаснуваше дека се бара  правично решение за функционерите:

Ви кажав дека има Работна група што работи и треба да ги има сите аспекти на располагање, бидејќи тука се работи за два закона по кои се регулираат платите на функционерите. Едниот е Законот за именувани и избрани функционери со кој се регулираат платите на претседателот на државата, претседателот на Собранието, на членовите на Владата, на сите градоначалници, на сите судии, обвинители,…, а другиот е Законот за пратеници во кој се регулирани платите на пратениците. Прво, треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого. Тоа е едната опција, а другата опција е да се оди во сосема спротивен правец и да се прави популистичко решение од какви што две популистички решенија двете паднаа на Уставен суд…

Ковачевски и завчера објаснуваше дека Владата сака „издржано решение“ за платите на функционерите кое нема да падне на Уставен суд. Одговарајќи на прашања на новинарите по неговата посета на производителот на сокови „Вивакс“ во Скопје, премиерот рече дека на владината седница на 17 октомври била отворена дискусија како би требало да изгледа новиот модел за пресметка на плати и оти не сакаат да избрзаат со решението, па и тоа да падне на Уставен суд.

Вчера е отворена дискусија во однос на тоа како би требало да изгледа тој модел. Во текот на наредните денови министрите ќе работат со цел да дојдат до решение што ќе мора да биде консултирано и од правен аспект дали е одржливо со оглед на тоа што сакаме да се постигне усогласување на платата на ниво што ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо. Министрите работат и штом ќе завршат, сметам дека во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение што ќе може да биде презентирано на Влада, а подоцна и да биде пратено во собраниска процедура,  изјави во средата (18.10.2023) Ковачевски.

Тој им објаснуваше на медиумите дека новото решение треба да се усогласи со многу страни, бидејќи не се носи одлука само за платите на министрите, туку и за градоначалниците, судиите, обвинителите, пратениците…

Не може да се каже кој ќе биде коефициентот за пресметка и дали решението е во коефициентот или во основицата. Се покажа дека основицата на двапати беше оспорена на Уставен суд и на двапати беше укинато едно такво решение како неуставно и неусогласеност со Уставот во однос на тоа дека се дерогира системот на плати. Затоа треба да се работи на решение кое што ќе биде издржливо. Кога зборуваме за коефициенти тогаш се работи за поголем број на коефициенти за различни носители на функции од различни области на управувањето со државата бидејќи имаат поделени надлежности – Собранието, Владата, обвинителството, судството и нормално локалната самоуправа…, вели Ковачевски.

 

Лавина реакции и гнев во јавноста

Во меѓувреме, на протести за поголеми плати излегуваат вработените во судската и обвинителската служба, здравствените работници, пензионерите…И студентите се пожалија дека „функционерите се гоштеваат штедејќи врз грбот на студентите“:

Иако имаат поголем стандард од нас студентите, иако си ги зголемија веќе високите плати за 78 %, сепак функционерите одлучуваат студентите да гладуваат додека тие комотно седат на кожни фотелји без грижа и совест за студентите.

Реагираа и синдикатите, според чии пресметки,  доколку функционерите се откажат од нивните зголемени плати за 78 проценти, секој вработен во јавниот сектор би добил по 1.500 денари на неговата сметка.

Сојузот на синдикати на Македонија – ССМ вчера (19.10.2023) ја повика Владата без калкулирање да ги намали функционерските плати и тоа за 78 отсто и да стави европско знаменце на таквото законско решение пред да го испрати во Собранието.

Апелираме до Владата, да не бара изговори за процесот со намалување на функционерските плати, туку да го примени веќе воспоставениот принцип како кога носи закони на штета на работниците и со злоупотреба на европското знаменце, без широки консултации, без дијалог и без да се грижат за одлуките на Уставниот суд како што тоа го направија за воведување на 72 часовната работна недела или пак сега кога сакаат да ја тргнат минималната плата од Законот за административни службеници и да достави до парламентот предлог на Законот со кој ќе ги намалат функционерските плати за 78 отсто, се посочува во апелот од ССМ.

 

Пендаровски со апел час поскоро да се намалат платите

И за претседателот Стево Пендаровски е неразбирливо зошто Владата чека толку време за да ги намали функционерските плати. Тој во синоќешното интервју за дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 повика час поскоро платите да се намалат за 78 отсто.

На Уставниот суд  Одлуката е во март, шест месеци чекаме Владата да предложи закон за намалување на платите, и не знам зошто се чека и да го усвоиме час поскоро. И да не чекаме реакции по повод Одлуката на Уставниот суд. И власта и опозицијата си премолчеа..

Очекувам и барам намалување на 78 отсто на платите на функционерите вклучително и на мојата, вели Пендровски.

Но, според најавите од Владата намалувањето на функционерските плати нема да се случи така брзо.

Како што кажа премиерот, деновиве била отворена дискусија и работна група трага по издржливо, прифатливо и фер решение за вреднување на трудот на избраните и именуваните функционери. Откако ќе се најде такво решение тоа треба да биде усвоено на владина седница, потоа да ја помине собраниската процедура и да биде изгласано од пратениците. Па, со оглед на тоа дека се работи за сложена процедура, тешко дека функционерските плати ќе бидат скастрени до крајот на годината.

И, во ситуација кога власта само бара изговори за да не им брцне во џебот на функционерите, а во јавноста има огромни реакции и гнев, некако неумесно делуваат изјавите како онаа на министерот за надворешни работи, Бујар Османи дека „живее само од плата која му е важна“. Згора на сѐ, со ваквиот негов став се согласија и премиерот Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши. Па зарем не е најнормално функционерите кои ги плаќа државата да живеат од плата, или, можеби, треба да вртат и приватен бизнис?!  Впрочем, најголемиот дел од граѓаните живеат само од плата и тоа далеку помала од функционерската.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција