Контраспин: Одлуката на ЕУ за датум за преговори секако ќе влијаe врз изборите

Б. Османи Фото: META

И да донесе и да не донесе позитивна одлука за датум за започнување преговори со РСМ, земјите членки од ЕУ би можеле да бидат обвинети дека се мешаат во изборите во Македонија, но ако се се фрла на картата „само датум може да не спаси“, тоа е однапред губитничка варијанта за ДУИ и СДСМ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Вицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Бујар Османи, даде изјава во која се препознава спин:

Спин: Да не се донесе одлука би било најголемото можно мешање во изборите, затоа што за време на овој мандат, преземавме политички ризик и ја втемеливме таа одлука врз ветувањето на ЕУ. Им рековме на нашите сограѓани, во референдумското прашање дека имаме договор со ЕУ: ако ние го исполниме нашето ветување, ЕУ ќе го исполни своето. Ако ЕУ не го стори тоа за време на овој мандат, ова ќе биде најголема интервенција во изборите и ќе има огромни последици.

[Извор: МКД.мк/Агенција Европа – Б. Османи – датум: 29.01.2020]

 

Контраспин: Вицепремиерот Бујар Османи, кој во владата на СДСМ и ДУИ е надлежен за евро-интеграции, дал интервју за Агенција Европа во кое тврди дека ако ЕУ не ѝ додели датум за преговори на РС Македонија во март годинава, тоа ќе значело „најголема интервенција во изборите“ со „огромни последици“. Ова тврдење е чисто извртување на вистината, т.е. спин од неколку причини.

Мало навраќање на настаните од пред неколку месеци ќе покаже дека, најпрво, токму недобивањето на датум за преговори со ЕУ на самитот во октомври 2019, беше причина за одлуката на мнозинската партија во власта СДСМ, да донесе одлука за предвремени парламентарни избори.

Досега се разјасни дека не се спорни причините за недавањето одлука. Произлезе дека главната причина е Франција, која поради внатрешните односи во Унијата и сопствени причини ја блокираше позитивната одлука, со аргументација дека ќе се развива нова методологија за пристапните преговори на земјите кандидати.

Исто така, според последните изјави на челниците на Европската комисија, не е спорно дека земјата сè уште ги исполнува условите за прием и дека е можно да се очекува нов скратен извештај на ЕК за Македонија и Албанија на крајот од февруари, како еден вид алиби за расправа и давање или недавање датум во март годинава, при што своја улога ќе има и донесувањето или неносењето на новиот Закон за јавно обвинителство, нешто за што Османи е многу свесен.

Ако така стојат работите, тогаш зошто (позитивната) одлука, ако не се донела во март, би била најголемо мешање во изборите и би имала катастрофални последици (читај загуба на власта на СДСМ и ДУИ)?

Впрочем, ако се донесе во март позитивна одлука, тоа, исто така, би било мешање на само две–три недели пред закажаните избори, затоа што се смета дека може да биде огромен ветар во грб за сегашните владејачки партии СДСМ и ДУИ. Но, тоа истовремено значи мешање во негативна насока за опозициската ВМРО-ДПМНЕ или други помали партии во македонскиот и албанскиот политички блок, со што самите земји членки на ЕУ се ставаат во лоша позиција да бидат обвинети дека, сепак, поддржале некого на изборите.

Токму затоа, ваквото лошо ставање на земјите членки на ЕУ во контекст на изборите може да биде контрапродуктивно по нивната одлука.

Второ, самото прашање на референдумот, „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, само навидум делува дека претходно се имало добиено ветување од ЕУ. Досега во јавноста никој не се произнел дека е така, а да не се заборави дека ЕК бараше дополнително исполнување на некои услови и вонредна скратена оценка за земјата, пред јунскиот самит на ЕУ во 2019 година. И конечно, ако за НАТО членството зависеше исклучиво од решавањето на спорот со Грција, за членство во ЕУ е јасно дека треба да има огромен преговарачки процес, пред да се донесе формално одлуката.

Трето, тешката одлука за договорот со Грција и помалку тешката за договорот со Бугарија точно е дека се донесени за да тргнат од место евро-интеграциите, но со тоа и реформите во земјава, што значи дека, на крај, сепак, се донесени во интерес на граѓаните, а не во интерес на политичките партии.

Тоа впрочем значи дека со ваквото тврдење на Османи се извртува вистината и во поглед на постигнатите реформи во голем дел од областите за време на владеењето на СДСМ, де факто се потценува квалитетот на сработеното и директно се лепи на тезата на ВМРО-ДПМНЕ дека во изминатите три години (иако се нешто малку над две и пол), власта СДСМ (и ДУИ) „шајка не заковале“ и дека ништо не е сработено. Тоа е однапред губитничка варијанта за ДУИ и СДСМ и ас во шпилот карти што го меша и раздава ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања, а е далеку од вистината.

Оттука, ваквите фаталистички пораки кон земјите членки на ЕУ од страна на вицепремиерот Бујар Османи можат да се оценат како извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.