Контраспин: Пиши-бриши на цените за „перки од ајкула“ и спинот на Владата околу грижата за инфлацијата

Photo by Dan Seddon on Unsplash

Листата чиј лајт мотив беше „перка од ајкула“ сега се најавува дека допрва ќе се ревидира за производите кои изгубија повластен третман на данокот од 5 проценти, откако медиумите ја проверија и видоа дека на неа се наоѓаат стотици секојдневни производи. Претставниците на Владата и натаму продолжуваат со континуираниот спин дека тоа се однесува исклучиво на суперлуксузни прехранбени производи од „типот перки од ајкула“, кавијар или слично

Листата чиј лајт мотив беше „перка од ајкула“ сега се најавува дека допрва ќе се ревидира за производите кои изгубија повластен третман на данокот од 5 проценти, откако медиумите ја проверија и видоа дека на неа се наоѓаат стотици секојдневни производи. Претставниците на Владата и натаму продолжуваат со континуираниот спин дека тоа се однесува исклучиво на суперлуксузни прехранбени производи од „типот перки од ајкула“, кавијар или слично

 

Пишува:Теофил Блажевски

 

Претставник на Владата на РСМ даде изјава за конкретен проблем сo цените на прехранбените производи во кој може да се детектира спин за поширока проблематика:

Спин: Ние не ги носиме мерките на штета на едните или другите. Мораме да донесеме мерки коишто ќе ја ублажат кризата и нема да нанесат штета на производителите – рече Битиќи и најави дека Владата во вторник закажала седница, на која може да се ревидира одлуката (Одлука за зголемување на ДДВ од 5 на 10 отсто).
Не гледам голем проблем за корекција на десетина производи истакна Битиќи.

[Извор: Слободен Печат – Фатмир Битиќи; датум – 06.10.2023]

Контраспин: Владата на СДСМ-ДУИ уште потешко дека ќе може да се одбрани од оценката што ја доби од ВМРО-ДПМНЕ дека водат штетни економски политики, по најновата листа на прехранбени производи, кои ја изгубија повластената тарифна стапка од 5 отсто.

Станува збор за листа која е официјална и која е составена од Министерството за финансии, а е одобрена на седница на 188 седница на Влада на 28 септември, при што во образложението од Владата се наведуваше она што оди во прилог, односно оние производи што остануваат со даночна стапка од 5 отсто:

Владата, на предлог на Министерството за финансии, донесе нова Oдлука за определување на добрата и услугите коишто подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност…

Повластената стапка на данокот на додадена вредност значи и натаму ќе се применува врз прометот и увозот на повеќе видови месо: говедско, свинско, овчо (свежо, разладено, замрзнато); повеќе видови месни производи; риби (живо, свежи, разладени, замрзнати); леб, шеќер, сол, масло од сончоглед и некои други масла за јадење, млеко и павлака, јогурт, кисело млеко, сирење, урда, путер, маргарин, како и компир и повеќе видови зеленчук (неварен, варен, сушен) и овошје (свежо, неварено, варено, замрзнато), јаткасто овошје. Со одлуката се опфатени и семиња за сеидба и ѓубрива.

Но, од листата што е објавена во „Службен весник“ и која стапува во сила од денеска, а денеска во целост ја објави и Мета.мк, може да се види дека повластениот статус го изгубиле стотици производи меѓу кои и сирењата и кашкавалот, речиси сите видови увезена риба, смрзната, свежа или риба во конзерви, брашно, сенф, речиси сите видови масла освен сончогледовото, итн:

Да потсетиме, идејата за зголемување на данокот за прехранбени производи кои претставуваат луксуз за првпат е претставена уште во декември 2022 година, кога веќе на големо беа стокмени буџетските приходи за 2023 г.. Тогаш, покачувањето на ДДВ прв го најави министерот за економија Крешник Бектеши, не откривајќи што се ќе се најде на листата.

Оттогаш, листата што ја подготвуваше Министерството за финансии ниту еднаш не се најде на увид на јавноста, освен што неколкупати беше најавувано дека таа ќе се подготви со стопанските комори, чиј интерес за оваа листа е сосема разбирлив. Во текот на летото беше подготвен и законскиот услов, односно беа доставени, а потоа со употреба на европско знаменце на 19 септември и изгласани измените на Законот за ддв, по што листите со производи можеа да тргнат во примена.

Континуираните изјави-спинови од владините функционери на оваа тема можеа да се забележат и во јули. На пример премиерот Димитар Ковачевски изјави:

Со оглед на тоа дека голем број на производи кои што се од луксузен карактер беа ставени со даночна стапка од пет проценти, како на пример најскапи видови морска храна, одредени видови скапи сирења кои што се носат од Франција, од Италија, и тн, се одлучи дека треба да се прошири даночната база. Односно, тие производи да не бидат на повластена стапка од пет проценти, туку на десет проценти, што е повторно повластена даночна стапка бидејќи основната стапка на ДДВ кај нас е 18%

Една-две недели претходно и министерот за економија Бектеши ја уверуваше јавноста дека со оваа мерка го штитат стандардот на граѓаните:

Владата не удира по џебот на граѓаните, туку го прави спротивното. Прво и основно, треба да се грижиме за тие што се најранливи категории, а тие се оние што користат најмногу основни прехранбени производи. Производите кои беа најавени од страна на министерот за финансии, а кои ќе имаат повисок ДДВ и кои влегуваат во прехранбената индустрија, не се основните прехранбени производи кои се користат на дневна база, како што се лебот, маслото за јадење, оризот, јајцата, млекото. Зборуваме за производи како што се морски плодови, одредени видови на риби.

Сега, 10 месеци откако првичната идеја се разработуваше и со која Владата имаше намера да собере буџетски приходи од 70-тина милиони евра, сосема е јасно дека станува збор за мерка која оди спротивно на мерките за намалување на инфлацијата, како и мерка која сосема сигурно ќе погоди максимално широка категорија на граѓани, што е сосема спротивно од мерките за замрзнување на цените со кои треба да се заштитат, исто така, голем дел од граѓаните (леб, млеко, месо, итн).

 

Листата не е на Битиќи, ама тој ја правдаше

Со тоа и денешното тврдење на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека Владата презела многу мерки со кои го зачувала стандардот на граѓаните („Во пикот на кризата, Владата донесе и имплементираше околу 110 мерки дефинирани во 6 пакети со вкупна вредност од околу 1,2 милијарди евра кои беа директно насочени кон ублажување на последиците. Бидејќи животниот стандард на граѓаните ни е важен, ги насочивме да ја зачуваме нивната куповна моќ во екстремни услови и на тој начин да обезбедиме олеснето задоволување на основните потреби“), губи на веродостојност, токму поради ефикасност на владините политики. Зашто, кога вели Битиќи дека Владата не носи мерки на штета на едните или другите, не во право. Штета има и тоа директно кај граѓаните. За многу од нив стотици производи од листата што ја составиле стануваат поскапи. Производи кои тешко дека може да потпаднат под луксуз или луксузни преранбени производи: сите видови морски риби, освен нивни филети, еден куп видови сирења, меѓу кои и фета сирењето, разни видови брашно, сенф, сите други масла освен сончогледовото, итн, итн. Па така Битиќи се најде во улога да правда нешто што можеби и не е негова идеја или листа, но е задолжен за економски прашања во Владата.

Како што веќе може да се види погоре, станува збор за спин кој кружи најмалку 10 месеци, од декември лани. Во јули тој спин се сведе на „повисок данок за перки од ајкула“, па оттаму, спин станува и тврдењето на владините претставници дека ги штити граѓаните од инфлација.

Вака произлегува дека основната цел на владината политика била исклучиво зголемен влез на приходната страна на буџетот, и пиши-бриши политика кога аргументите ќе станат јасно видливи во јавноста. Така беше и со одмрзнувањето на замрзнатите цени во јуни, за во септември да  се случи повторно замрзнување и наспроти тоа сега имаме  повеќе стотици прехранбени производи поскапи цени поради повиска стапка на ДДВ.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција