Контраспин: САД се стратешки партнер и на дело, а за сите дубиози вината лежи дома

Фото: скриншот

Дали македонската држава и македонските граѓани виделе некогаш нешто лошо од САД?

Дали САД ни наметнува менталитет на Студена војна или реално цел свет е во Студена војна?

Конечно, дали за евентуалните штетни последици од договорот со Бехтел и Енка виновни ќе бидат САД или претставниците во извршната и законодавната власт во С. Македонија?

Дали македонската држава и македонските граѓани виделе некогаш нешто лошо од САД? Дали САД ни наметнува менталитет на Студена војна или реално, цел свет е во Студена војна? Конечно, дали за евентуалните штетни последици од договорот со „Бехтел и Енка“ виновни ќе бидат САД или претставниците во извршната и законодавната власт во С. Македонија?

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателскиот кандидат на Левица, професор Билјана Ванковска гостуваше на популарен подкаст на Јутуб, при што во еден исказ може да се регистрира спин:

Спин: Ама стратешки партнер (за САД – н.з.), не можеме ние како „слеп за стап“ да се фатиме. Ни наметнуваат менталитет на студена војна. Или си со нас или си против нас. Македонија мора да си има свои национални интереси. Не може некој да ме убеди дека „Бехтел и Енка“ се добар проект за Македонија и да не лажат со инфраструктура…  Да ама кешираат и веќе копаат, доаѓаат до наоѓалишта до ресурси, знаете дека тоа сè им е дозволено, сè што ќе ископаат по патот, најдат, можат или да ви уништат културно наследство или руди ако најдат да ги експлоатираат. Ние сме колонија, колонија на САД…

[Извор: Подкаст на С. Лазаров – Б. Ванковска (02:05:30), датум: 24.03.2024]

 

Контраспин: Професорката Билјана Ванковска, кога во делот од интервјуто зборува за американско-македонските односи, тврди дека САД ни наметнуваат менталитет на студена војна, дека изборот притоа бил „или со нас или против нас“, па потоа преку примерот со „Бехтел и Енка“ заклучува дека сето тоа значело дека државата е колонија на САД . Целиот овој исказ содржи во себе извртување на вистината, т.е. спин.

Најпрво, спинот е во фактот дека никој нешто не може со сила да ти наметне ако ти си цврсто против тоа да го одбиеш. Второ, секогаш кога се мерат односите меѓу малите земји и најголемите, од рангот на светски сили, секогаш постои една доза на асиметрична моќ и во говорите, настапите, политиките што ги водите, договорите што ги потпишувате (таков пример е македонско-американскиот договор со кој американски војници не можат да бидат испорачани на меѓународниот суд во Хаг од 2003 г., договор кој е стандарден за Американците со сите земји). Тоа е едноставно реалната политика. Трето и најважно, македонската држава и македонскиот народ уште пред да биде формирана македонската држава, никогаш не виделе лошо од САД, иако САД доста често ги поддржуваат и интересите на други земји сојузници, па понекогаш, може да се чини дека токму Американците се одговорни за нивното однесување. Ова е наведено како пример за настаните за време на граѓанската војна во Грција во делот на Беломорска Македонија 1946-1949 година, која заврши со пораз на Македонците што учествуваа во комунистичките партизански единици на грчките комунисти. Или, пак, може да се чини реално и за во 2001 г. кога општо е уверувањето дека во воениот судир меѓу АРМ и МВР со единиците на УЧК, Американците биле на страна на УЧК, нешто што едноставно не е точно или е спинувано тврдење, иако во епизодата со Арачиново, САД инсистираше на извлекување на крајот не да ги заштити УЧК, туку американски државјани што како воени платеници биле инволвирани таму.

Ако се тргнат овие елементи од спинот на професор Ванковска, може да се анализираат непобитните факти. Од формирањето на македонската држава во 1944 г, кога непосредно пред тоа од Македонија за Вашингтон известува нивниот пратеник во воена мисија, мајор Скот Дикенсон, кој бил разместен при Главниот штаб на НОВ, што може да се толкува како признавање на воспоставувањето на современата македонска држава, па преку чинот на осамостојувањето во 1991 година и однесувањето на САД, признавањето во 1993 г, воспоставувањето целосни дипломатски односи во 1995 г., преку Декларацијата за стратешко партнерство меѓу САД и РМ од 2008 година, се до денешните дни, односите меѓу САД и С. Македонија се доказ дека стратешкото партнерство навистина функционира на сите полиња, а, пред сè, во поддршката во меѓународните организации, меѓусебната соработка во областа на НАТО, на европските аспирации на РСМ, соработка во областа на безбедноста и тоа доста длабока и многу корисна, посебно за македонската држава. Листата на билатералните договори може да се види на страницата на МНР, но тежината и вредноста на односите се изразуваат, пред сè, преку  Декларацијата од 2008 г, до која се дојде преку меѓусебното почитување и уважување на македонската самостојност од 1991 година.

 

Студената војна е реалност

САД, исто така, не можат сами да наметнат менталитет на студена војна. Онаа што заврши со распаѓањето на поранешниот СССР во 1991/1992 г., сега се обнови, почнувајќи од руската анексија на Крим во 2014 година, а посебно од општата руска инвазија врз Украина во 2022 година. Реалноста е дека целиот свет, а не посебно С. Македонија живее во нова опасна ера на студена војна, а кој колку долевал масло за таа да се потпали, е ирелвантно за одговор на прашањето дали САД ни наметнуваат менталитет на студена војна. Тоа, или си со нас или против нас, е реторичко и непотребно прашање, зашто С. Македонија од конституирањето на првото повеќепартиско Собрание во 1990 г, а посебно по приемот во ООН 1993 година, речиси едногласно меѓу политичките елити што ги застапуваат граѓаните во институциите, се залага за евро-атлантска интеграција, т.е. мнозинството граѓани изразиле желба за членство на државата во ЕУ и НАТО, како и сите други мултилатерални организации од политичка или економска природа што гарантираат слобода на пазар, демократија и човекови права.

 

Кој го потпиша и озакони договорот со „Бехтел и Енка“?

Конечно, споменувањето на договорот меѓу државата и „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатски коридори во вредност од над 1,3 милијарди евра, не е никаков пример дека С. Македонија е колонија на САД.

Никој од САД не може да те натера да потпишеш и спроведуваш штетен договор (во моментов најбалансирана би била квалификацијата контроверзен), ако домашните политички репрезенти не сакаат да биде тоа така и ако не учествуваат во целата таа игранка. „Бехтел и Енка“ е меѓународен американско-турски конзорциум кој си има свои интереси врз основа на репутацијата што ја има како квалитетен изведувач на инфраструктура. Се разбира дека кога преговара ќе инсистира за што поголем профит и што поповолни услови. Секој штетен услов и непотребно извлечени пари од буџетот на РСМ е договорен од носители на извршната власт, а е озаконет со закон што го гласале пратениците во македонското Собрание. Залудно е да се обвинуваат САД за сето тоа, освен ако некој некогаш извлече доказ дека поединец од американската администрација бил инволвиран во некакви матни договори.

Оттука, јасно е дека главната тежина на вината ако се покаже како штетен договор е на македонска, а не на американска страна. Како што исто таква тежина врз македонската страна паѓа и за многу скапото и долго градење на автопатот Кичево-Охрид, склучен врз озаконет во Собрание со договор со кредит од кинеската централна банка и со кинескиот изведувач Синохидро. Кинезите се виновни?

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека исказот на професор Ванковска во делот за македонско-американските односи кој завршува со констатација дека С. Македонија е колонија на САД, содржи бројни елементи на спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција