Контраспин: Со 24.000 вакцини не може да се спроведе масовна вакцинација

Министерот Филипче не може да зборува за масовна вакцинација кога нема конкретна најава кога во земјава ќе дојдат други вакцини. Според неговите зборови, масовната вакцинација ќе почне со вакцинирање на 4-7 илјади луѓе дневно. Ако оди со оваа динамика, вакцините од Астра Зенека (24.000 на број) ќе се потрошат за неколку дена

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Министерот за здравство Венко Филипче, зборувајќи за процесот на вакцинација во земјава даде изјава во која се препознава спин.

Спин: Србија беше една од земјите во регионот којшто први почнаа со масовната вакцинација, еве кај нас тој процес започнува утре. Стигнуваат првите вакцини од Ковакс механизмот и сега сме ние целосно посветени да системот практично добро профункционира. И таа количина од системот на европската солидарност близу 20.000 вакцини ќе пристигнат до 15 април. Има најава дека и за тие вакцини, некоја одредена количина којашто ја најави Бугарија пред неколку месеци, кинеските вакцини, така што верувам дека ќе биде еден систем којшто навистина брзо ќе започне со работа.

[Извор:Фејсбук профил на министерот Венко Филипче (од 0 до 0,37 минута од видеото);Датум: 27.03.2021]

Контраспин: Во Македонија во неделата на 28.03.2020 година, пристигнаа 24.000 вакцини од производителот „АстраЗенека“ од КОВАКС-механизмот. Ден претходно, на 27.03.2021 во саботата, министерот за здравство, Венко Филипче, во гостување на Сител телевизија, најави дека во земјава почнува масовната вакцинација на населението против ковид-19. Ова е класично спинување од страна на министерот, бидејќи, кога зборуваме за масовна вакцинација, се подразбира и масовно вакцинирање на населението, а со 24.000 вакцини, не е можно  населението масовно да се вакцинира. Можат да бидат вакцинирани само 24.000 луѓе.

Според податоците објавени на веб страницата ковид19вакцинација.мк, во Македонија досега се вакцинирале 7.005 граѓани, здравствени работници кои примија вакцини на „Фајзер“ кои ни ги донираше Србија и од руската вакцина „Спутник“ од која пристигнаа околу 3000 дози вакцини. Овие вакцини не беа доволни за да се вакцинира целиот медицински кадар во земјава, односно се чекаат уште вакцини. Интерес за вакцинација пројавиле 111.347 граѓани кои се пријавиле преку сајтот вакцинација.мк. Доколку ја земеме предвид бројката на заинтересирани за вакцина, ќе видиме дека за да отпочне масовна вакцинација за каква што зборува министерот Филипче, во земјава треба да стигнат најмалку 120.000 вакцини.

Министерот Филипче не може да зборува за масовна вакцинација кога нема конкретна најава кога во земјава ќе дојдат други вакцини. Според неговите зборови, масовната вакцинација ќе почне со вакцинирање на 4-7 илјади луѓе дневно. Ако оди со оваа динамика, вакцините од „АстраЗенека“ (24.000 на број) ќе се потрошат за 3-4 дена и вакцини повеќе ќе нема, бидејќи сè уште нема конкретен датум кога ќе стигнат нови дози. Има само најави и претпоставки.

Според зборовите на Филипче, првите 20.000 граѓани кои ќе бидат имунизирани со оваа пратка вакцини, се хронично болните и лица над 75-годишна возраст, како ризична група. Во текот на април се очекува да стигнат преостанатите 76 илјади вакцини од „АстраЗенека“ од КОВАКС системот.

Имаме најава дека ќе дојдат и други вакцини до крајот на овој месец. Овие вакцини од КОВАКС доаѓаат со недели задоцнување, но имајќи предвид дека сите земји се соочени со овој предизвик, добро е што системот покажа дека функционира. И, добро е што имаме сигнали дека ќе продолжи да функционира на овој начин и ќе имаме информација кога ќе пристигнат вакцините и да продолжи овој континуитет“, изјави Филипче по примањето на пратката од 24.000 вакцини од „АстраЗенека“.

Во април се очекуваат и вакцините од Кина, за кои министерот кажа дека имунизацијата ќе се врши во спортската сала „Борис Трајковски“. До 15 април се очекува да стигнат и околу 20.000 вакцини од европскиот солидарен фонд, а бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека неделава ќе предложел Бугарија да и донира на Македонија 5.000 вакцини.

За споредба, во Албанија веќе стартуваше масовната вакцинација на луѓето против ковид-19 откако земјата набави 192.000 дози од кинеската вакцина. Пред кинеската вакцина, во Албанија стигнаа помалку од 100.000 дози вакцини од производителите „Фајзер и Бионтек“, „АстраЗенека“ и „Спутник V“.
Досега во Албанија се вакцинирани 65.000 лица, вклучително медицинскиот персонал, лица постари од 80 години и просветни работници. Вакцините на кинеската компанија „Синовак“ минатата недела ги донесе премиерот Еди Рама од Турција, додека 500.000 дози од истата компанија Албанија треба да ги добие во следните два месеци. Со толку набавени вакцини, Албанија може да најавува масовна вакцинација.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција