Контраспин: Со измените на КЗ, асистирани и од опозицијата, се амнестирани многу поранешни и сегашни личности од ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Колаж на Вистиномер

ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо да го забави донесувањето на овие измени во Собранието, напротив, асистираше, а второ, голем е бројот на ликови – поранешни и сегашни високо позиционирани членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се директни корисници од измените на КЗ

Ден по пропаѓањето на крунскиот случај од поранешниот СЈО Таргет-Тврдина и де факто амнестијата од кривична одговорност за Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска и други инволвирани во овој случај, да се тврди ако Пендаровски не ги потпишеше измените, ќе се спречела аболиција на идни случаи на функционери на СДСМ и на ДУИ, во најмала рака е лицемерно. Зашто, прво, ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо да го забави донесувањето на овие измени во Собранието, напротив, асистираше, а второ, голем е бројот на ликови – поранешни и сегашни високо позиционирани членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се директни корисници од измените на КЗ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за „грев“ сторен од владејачките партии, а во кои и таа учествувала со нечинење, искомуницира со соопштение за измените на Кривичниот законик (КЗ) во кои има спин:

Спин: Пендаровски можеше да спречи измени на КЗ, но тој потрча да ги потпише и да им се додвори на Ковачевски и Ахмети.

Пендаровски експресно ги потпиша измените на КЗ, по налог на Ковачевски и Ахмети со цел криминалците од власта да не одговараат.

Пендаровски можеше да го врати законот на повторно разгледување, но тој реши слепо да ги исполнува командите на Ковачевски и Ахмети.

Со потпис на измените на КЗ Пендаровски буквално ги аболицираше сите функционери од СДС и ДУИ кои изминатиов период ја злоупотребувале службената положба и овластување.

Пендаровски е директно виновен за хаосот во државата и деградирањето на правото.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб, датум: 18.10.2023]

 

Контраспин: Два спина има во комуникацискиот став со јавноста во последното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ од 18.10.2023 година. Првиот е дека Пендаровски го потпишал указот за измени на Кривичниот законик со кои се избришаа некои ставови и се намалија казните за делото злоупотреба на службената положба и овластување, а вториот дека Пендаровски бил директно виновен за хаосот во државата.

Ваквите ставови на опозициската партија уследија само еден ден откако пропадна клучниот случај на некогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) Таргет-Тврдина, случајот од кој почна целата криза од 2015 година и траеше до 01.06.2017 година, случајот капиталец во кој требаше да се утврди вина за тоа кој прислушкувал илјадници граѓани во државата како таргети и уште четири-пет пати по толку граѓани кои не биле директна цел на прислушувањето.

Во овој случај, кој добро ѝ е познат на јавноста, главни обвинети беа поранешниот прв човек на контраразузнавањето, Сашо Мијалков, неколку високо поставени оперативци и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. И ова е само еден од првите случаи од 14 од поранешното СЈО кои трпат последици од измените на КЗ со кои се утврдени поблаги казни за делата злоупотреба на службена положба и овластување. Вклучувајќи го и случајот за дел од спомениците за Скопје 2014, „Феникс“, кој не е дел од СЈО и од споменатите 14 други случаи.

Бидејќи добро е познато кои лица генерално беа опфатени со случаите на СЈО и бидејќи добро е познато кои се лицата во клучниот Таргет-Тврдина, најмалку како лицемерно може да се оцени извртувањето на вистината дека измените на КЗ биле направени за да се аболицираат во иднина функционерите на СДСМ и на ДУИ.

 

Пендаровски не направил ништо, а што направија од опозицијата?

Никој со здрав разум не тврди дека претседателот Стево Пендаровски можел да го врати законот на доработка, ако ништо друго поради ненаправена анализа за штетите (тој впрочем, своите мотиви ги објасни нашироко во емисијата Вин-Вин од пред една недела). Но, тука се наметнува само по себе и контра-прашање: што сторија пратениците во ВМРО-ДПМНЕ да го спречат барем да не биде во еден ден изменувањето на Кривичниот законик во септември? Забележливо е дека пратениците од опозицијата го обезбедија кворумот за успешното гласање на спорните измени“, пишува Мета.мк во авторски текст, наведувајќи го како прилог листингот од гласањето во Собранието.

Исто така, никој со здрав разум не може да тврди дека нема мотив и за поблаги казни и побрзо застарување на делата и за идни случаи, кои допрва треба да бидат откриени и процесуирани, а во кои би се нашле функционери на СДСМ и на ДУИ. Но, да повториме, лицемерно е да се тврди дека поранешни и сегашни ликови во ВМРО-ДПМНЕ не се бенефициенти (корисници) од сегашниот закон, вклучувајќи и случаи во кои е инволвиран бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски.

Затоа, тој дел од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е извртување на вистината, т.е спин. Спин, кој не ја исклучува одговорноста за штетите што настанаа со вакви избрзани измени, кои ги подготви во тајност Владата, која и ден денешен крие кој ги работел измените и дава немушти образложенија, со спинување и префрлање на вината на трет, затоа зошто морале да се изгласаат во еден ден и без расправа и без консултација со ниту еден релевантен чинител во правосудството. Измени за дела за кои само лани биле биле пријавени над 1.200 лица.

За вториот спин, дека Пендаровски е виновен за хаосот во државата, нема потреба да се трошат зборови, зашто недостасува главниот предуслов – Пендаровски нема извршни надлежности од таков обем за да може да да биде главниот за недефинираниот „хаос во државата“, како што се наведува во спинот.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција